Акција за сечиј вкус

На денешен ден испишавме историја!

Денес, со поддршка на нашите поддржувачи, реализиравме акција за сечиј вкус.

Денешната акција која се одржа во Градската општа болница 8-ми Стептември беше празник кој ги задоволуваше највисоките можни критериуми.

На едно место беа собрани грст ентузијасти, одлична трансфузиолошка екипа, еден куп исполнети крводарители и неколку наши поддржувачи.

Во што беше тајната на успехот? Акцијата беше организирана од срце и за срца кои се исполнети со љубов кон човештвото. Тоа е тајната состојка на сите успешни проекти: да се внесеш со сето срце и да дадеш се од себе за да усреќиш луѓе кои го заслужиле тоа, и многу повеќе од тоа.

Кулинарите знаат дека за совршен оброк е потребно да дадеш дел од себе, но и да додадеш мноштво зачини кои ќе ги избалансираш соодветно со цел да ниту еден не биде доминантен, односно секој комплементарно да даде еден незаборавен шмек на моментот кога истиот е конзумиран.

Ние денес го направивме токму тоа!

Ние, волонтерите од нашето здружение, трансфузиолошката служба и крводарителите сме константа во супортивниот систем за спасување животи. Тоа се основните елементи, да речеме состојки.

Денешната акција беше уникатна бидејќи во неа директно и индиректно учествуваат многу други актери, кои на свој начин им ги исполнија срцата на крводарителите.

На акцијата учествуваа:
– Кенди Фарма со најдобрите суплементи СУПРАВИТ, со кои се освежуваа крводарителите после дарувањето;
– Скопска пивара со широк спектар од нивните освежителни пијалаци;
– Здрава храна МЕЛЕМ НА ВКУСОВИ со нивните феноменални сендвичи со фалафел, едни со фета, домати и маслинки и едни со краставици ,пиперки и фета и маслинки, бомбици со овесни снегулки ,банани, бадеми и кокос, истите но со какао и трети со пченица, суво грозје, ванила, цимет и ореви;
– КУМ81/Кетеринг ТВОЈА ВЕСЕЛБА со нивните ланч пакети: Веге мусака, Сирење во фурна, Полнет црвен домат со зеленчук, Тиквичка полнета со зеленчук, Стек со пекарски компир, Кето салата, Цезар салата и Лазања.
– Издавачка куќа МАТИЦА со свои изданија;
– Издавачка куќа АРС ЛАМИНА(Литература.мк) со свои изданија; и
– Издавачка куќа ТРИМАКС со свои изданија.

Во овој момент им се заблагодаруваме на сите!

Крводарителите се поединци кои се хумани и скромни.

Вашиот мал гест е од големо значење, бидејќи крводарителите добија сосема нов третман, како и нешто со што ќе се потсетуваат на денот кога некому спасиле живот.

Ви благодариме во име на крводарителите кои денес ја даруваа најскапоцената течност и дома заминаа освежени со Вашите суплементи, Вашите освежителни пијалаци, окрепени со Вашите превкусни јадења и Вашите изданија кои ги одобривте како поддршка на акцијата.

Ви благодариме во име на семејствата и пациентите кои ќе добијат втора шанса за нови незаборавни спомени.

Голема благодарност од тимот кој стои зад логото на ЗКПК КРВОДАРИТЕЛ Скопје за подадената рака, за поддршката и афирмацијата на крводарителството која ја направивте денес!

Едноставно Ви благодариме што постоите и што покажавте дека и во овие тешки времиња постојат правни субјекти кои се подготвени пријатно да ги изненадат луѓето кои им овозможуваат на непознати луѓе да бидат насмеани, среќни и изненадени барем уште еднаш во животот.

Нека оваа акција биде почеток на долга и трајна соработка, а воедно и позитивен пример за другите општествено одговорни компании, бидејќи секој живот е важен, а борците за туѓи животи заслужуваат симболични гестови на благодарност.

Во продолжение следат неколку слики кои ќе ја доловат денешната атмосфера во одделението за трансфузиологија при ГОБ 8-ми Септември.

 

Leave a reply

Minimum 4 characters