Весели крводарителски математики

Еден ден по Светскиот ден на крводарителите.

Да искористам уште една можност, овој пат со задоцнување, да го честитам на крводарителите Светскиот ден бидејќи ние како здружение го признаваме само него во моментов.
Зошто?
Затоа што денот кој се форсира за домашен ден на крводарителите е фактички денот на основање на црвениот крст, а ние како здружение сме малку сомничави во целото функционирање на крводарителството додека е под речиси целосна окупација на таа невладина организација.

Кога веќе ја спомнав таа невладина, по некоја случајност и таа е еден од предметите за обработка во денешната објава.

Колку дарувања годишно се планирани/реализирани?

Согласно Програмата за организирање и унапредување на крводарителството, документ кој го усвојува Владата секоја година, секоја година се планират единици кои треба да бидат собрани и се утврдува износ за надоместок на партнерот од невладиниот сектор според секоја реализирана единица.

Да видиме колку биле планирани за 2021-ва година.

ПРОГРАМА за 2021-ва година, страница 4

Значи, за 2021-ва година биле планирани 52.000 единици крв за кои невладиниот партнер ќе добие по 160 денари.

Каде е деталот кој создава забуни?

На 20-ти февруари 2022-ра година, директорот на ЈЗУ ИТМ даде изјава во која кажа(цитат):
„-Во 2021 година успеавме да собереме 50.960 единици крв што е воедно и рекорд во историјата на Институтот за трансфузиона медицина. Сакам да се заблагодарам на сите крводарители, промотори, организатори на крводарителски акции кои помагаа на ИТМ да го преброди овој период иако бројките покажуваат дека нема простор за паника, вели д-р Усеини.“

Согласно оваа изјава реализирањето на програмата потфрлило за нешто повеќе од 1000 единици, но сега нема да го поставиме прашањето дали се исплатени финансиите за целиот планиран број на единици или само за тие кои се реално реализирани.

Пред 2 дена налетав на една објава во која невладниниот партнер ги обзнани следните информации(цитат):
„Годишните потреби за крв во државава се 55.000 единици крв. Во 2021 година во државата се реализирани 53.133 единици крв, додека во Скопје 17.221 единици крв, додека во 2020 година во државата биле реализирани 46.746 единици крв, а во Скопје 15.751 единица крв.  На годишно ниво во Македонија даруваат околу 30.000 крводарители.“

Не, нема да прашам дали во 2021-ва биле исплатени 50.960 единици наместо начелно издвоените средства за 52.000, ниту пак ќе прашаме дали за 2020-та се исплатени само 46.476 единици наспроти вкупните финансии кои беа за 55.000 единици крв.

Дали некој не знае да брои или некој манипулира со информации?

Без да навлагаме во детални анализи за сите години, од 2001-ва до 2021-ва(иако би требало), се прашувам:
– Како може двата субјекта, кои се алфа и омега во крводарителскиот сегмент, да располагаат со толку различни информации?

Јавно ги повикувам цк и итм, а би можело да им помогне и Министерството за здравство бидејќи до него се праќаат месечни/квартални/полугодишни и годишни извештаи за реализација на Програмата(или барем би требало да се праќаат, не знаеме), да излезат со едни финални и конкретни бројки бидејќи едната институција изјавува дека во 2021-ва година се реализирани 50.960 дарувања, додека другата се фали дека имале 53.133.

Крводарителите заслужуваат да бидат точно информирани!

Како крводарител и актуелен Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ, а во име на сите крводарители,

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published.