Универзитетски импровизации на ООцк Битола

Повторно ние и повторно за нашите ‘пријателчиња‘.

Профилот на нашето здружение ги следи објавите кои се појавуваат кога нашите речиси 5000 пријатели ќе објават нешто, ќе допаднат нешто или ќе искоментираат некаде. На тој начин сме во можност полесно и побрзо да ги лоцираме сите актуелни повици за крв, и на тој начин да се вклучиме во обезбедувањето на потребната крв.

Оваа вечер погледот ни го привлече објава на Универзитетот ‘Св. Климент Охридски‘ од Битола.

Имено, во рамките на универзитетските простории ќе се одржи крводарителна акција и за истата ООцк импровизираше соодветен (ДЕЗ)информативен флаер.

Да видиме дел од флаерот кој е во прилог на објавата на универзитетот, како прикачени слики кои би требало да бидат насоки за потенцијалните крводарители.

Оригиналната објава на официјалната фејсбук страница на универзитетот.

Навидум обична покана за крводарителна акција. Навидум обични информативни слики, се додека не ги прочита некој кој е упатен во тематиката.

Институциите на цк?!?!?!

Прво па машко! Седнав и се подзамислив кои се спомнатите институции на цк. цк има само централа и ОО(општински организации) на цк. Можеби има промени и јас навистина би сакал некој да ме просветли на што мислел писателот додека го пишувал ова.
Идеме понатаму.

Лабораториски преглед?!?!?!

И тука бев збунет, ама искрено!
Под лабораториски преглед обично се подразбира малку подетална крвна слика на која се истакнати повеќе параметри од крвта на крводарителот, па може да се направи анализа за истата.
Дали случајно поистоветиле ПРОВЕРКА НА ХЕМОГЛОБИН со ЛАБОРАТОРИСКИ ПРЕГЛЕД? Проверка на хемоглобин е само потопување на една капка крв во раствор со цел да се увиди густината/тежината на крвта во однос на однапред дефинирана густина на растворот, а со тоа и приближно да се утврди железото во крвта? Истата оваа ‘лабораторија‘ се прави и со дигитално утврдување на хемоглобинот.
Нејсе, идеме понатаму!

Општи насоки за дарителите на крв. Или барем дел од нив…точни.

Овде увидов дека има две грешки: ПРИТИСОКОТ и ГРАНИЦАТА НА ХЕМОГЛОБИН ЗА ЖЕНИ.
Изворот на моите информации е сајтот на итм, односно делот каде се истакнати индикации/контраиндикации.

Слика од сајтот на итм.
Воведниот дел.

 

Делот во кој се гледаат погрешните информации за притисокот и за границата на хемоглобин за крводарителките и за границите на притисокот.

И таман помислив дека се работи за случајна грешка…

Сосема ситен лапсуз, но сепак вреден да се спомне.

Да, невладините кои се борат против дискриминацијата се успешни во некои области ама, за жал, како и во поголемиот дел од земјите и кај нас сеуште е дискриминирана ЛГБТ заедницата, односно не може да дарува крв.

Листот со многу корекции, после кој престанав да анализирам.

Аматеризам е несоодветен збор за овој памфлет. Мислам дека дилетантизам подобро ја доловува реалноста.

Посочување на огромен лапсуз!

Не сум сигурен дека одговорниот за флаерот воопшто бил присутен додека го подготвувал!
Доколку е точно дека менструалниот циклус го одложува дарувањето на крв за ЦЕЛИ 6 МЕСЕЦИ(!!!) во тој случај би постоеле само крводарители, а крводарителките би биле трајно одбиени. Можеби на ова мислел кога претходно напоменал: ‘без дискриминации‘, односно не се дискриминираат крводарителките и им се дозволува да даруваат крв иако би требало да прават пауза од 6 месеци после секој циклус.

Појаснување на уште еден лапсуз.

Пред некои 3-4 години мака мачев да се објаснам со (не)одговорните во итм дека нашиот правилник е постар и од комунизмот.
Зошто?
Тетовирањето, породувањето и операциите во поголемиот дел од светот наметнуваат пауза од 4 месеци, а кај нас во тоа време беше 1 година.
Апдејт на ситуацијата: во Соединетите Американски Држави не се одложува дарувањето на крв доколку тетовирањето е направено од лиценциран(а поголемиот дел се) правен субјект кој користи соодветна процедура и ги стерилизира иглите согласно сите прописи.

Последен дел кој имав волја да го посочам.

Како што спомнав во претходниот пасус: пред неколку години имав жолчни дискусии во итм, при што им носев испринтани правилници од други земји во кои јасно се гледаше дека паузата им е 4 месеци, а не 12, како што беше тогаш регулирано кај нас.
А да, породувањето се смета како голем хируршки зафат, без оглед дали е природно или оперативно.

Дилетантизам и ренесанса. Јас така би го нарекол овој флаер.

Недозволиво е да се одобри вакво нешто од страна на озбилна невладина која со децении е главен и единствен партнер на нашата трансфузија, со делокруг на работа на афирмација на крводарителството и (ДЕЗ)информирање на крводарителите.

Веќе подолго време укажуваме дека промените се неопходни и неминовни, а причините се јасни и очигледни.

Жално е што домаќините си го дозволиле луксузот ваква предучилишна боенка да биде објавена на официјалниот профил на нивната образовна установа. Да, предучилишна боенка бидејќи најверојатно некое детенце се играло на компјутер и вметнувало информации кои ги наслушнало кога некои возрасни дискутирале нешто поврзано со крводарителството. Друго логично образложение не ми текнува.

Потажен е фактот што немало забелешки ни од страна на трансфузија. Тоа укажува на фактот дека:
– или се незаинтересирани за (ДЕЗ)информациите кои се пласираат до крводарителите;
– или толку ги познаваат насоките согласно кои треба да одлучат дали некој крводарител може/смее или не може/смее да дарува крв. А верувајте дека сме добивале и сеуште добиваме поплаки од крводарители кои биле одбиени поради непознавање или несоодветно толкување на препораките.

Нека оваа колумна биде позитивен импулс за будење и рестартирање на системот, бидејќи одамна кажав дека времето на импровизации помина.

Им посакувам успешна акција со примена на препораките кои се јавно истакнати на интернет страницата на институтот за трансфузиона медицина.

Претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.

Leave a reply

Minimum 4 characters