Крводарители

Крводарителите се ретки билки. Да, баш како што прочитавте: РЕТКИ БИЛКИ!

Во Македонија, земја со 2 000 000 жители има регистрирано околу 35 000 дарители на крв. Тоа во просек би му дошло околу 1.75%. Во превод, од 100 познаници помалку од 2 се дарители на крв. Доволно за квантитетот на крводарителите.

Квалитетот на крводарителите е непозната со повеќе димензии. Ние сега ќе ги разгледаме според бројот на дарувања, а за понатаму ќе ги оставиме крвните групи и јачината на крвта.

Крводарителите се делат на редовни, повремени и на оние кои дале крв за близок.

Редовните крводарители даруваат помеѓу 2 и 4 пати годишно. На нив им припаѓа најголемиот дел од тие 55 000 крвни единици кои на годишно ниво ги собира ИТМ. Тие се луѓе со пасија која ги води, да се обидат да даруваат крв на време за да не дојде до кусок и нечив живот да зависи од тоа дали ќе се најде дарител на време.

img_20180728_235718

Повремените крводарители се исто така хумани луѓе, кои сакаат да помагаат ама според нивната проценка, доволни се и тие 1-2 дарувања кои ги даруваат на годишно ниво. Да бидеме искрени, потполно се во право!

Ретките крводарители се оние, ткн. семејни, фирмини, комшиски или слично. Тие се активираат само доколку крвта е потребна за некој нивен близок. Штета што не го искористуваат својот потенцијал, ама одлуката е само нивна.

Крводарителството е турлитава. Секогаш има доминантна состојка, ама шмекот го даваат помалку застапените состојки. Секоја има свој допринос во деликатесот.

Секој крводарител е важен! Да повториме уште еднаш: секој крводарител е важен!

Секој од претходно дефинираните типови е незаменлив!

Секоја чест на доследните крводарители, кои се обидуваат да дадат максимум од себе во текот на календарската година. Од нивните вени зависи редовното функционирање на ИТМ, а со тоа и обезбеденоста на болниците со крв.

Рака на срце, ништо помалку важни не се ниту повремените дарители! Да бидеме реални, нивното значење во целиот систем е можеби и поголемо во поедини ситуации. На пример, кога ќе се појави повик за крв, редовните дарители се први на удар. Секој редовен крводарител кога ќе види повик за неговата крвна група се јаде во себе. Тој се почувствувал беспомошен барем неколку пати во својата ‘кариера’, кога ќе види јавен повик 2 недели после дарување крв, или за повик во друг град.  Овде добиваат на значење повремените дарители. Тие се ТИЕ преку чии вени се бие битката за животите на пациентите кои во очај пуштаат јавни повици.

Семејните дарители се посебна сорта. Тие се витаминска инекција во системот. Штета е што ситемот повремено зависи од нив, ама добро е што ги има. Надежта е дека после тоа дарување, тие ќе станат барем повремени дарители.

Да бидеме самокритични и реални: Нашиот систем не е најдобар, ама воопшто не е лош. Да, постои простор за подобрување на истиот, и ние ќе пробаме заеднички да го искористиме. Постојат многу позитивни и негативни разлики помеѓу Нашиот и системите во соседните и подалечните земји. Ние ќе пробаме да ги детектираме сите позитивни работи, и ќе им ги предложиме на надлежните. Во интерес на сите нас е да се подмачка системот, како и да се санира и унапреди еродираниот статус на крводарителите.

Ретки сме, важни сме и треба да бидеме соодветно и третирани. Статусот на крводарителите смее да иде нагоре, никако надоле.

Значењето и важноста на крводарителите го знае и цени тој, чиј живот е одржан со туѓа крв.

Крвта е најверојатно единствената алка која не поврзува , бидејќи крвта не познава ниту вера ниту нација.

Без оглед на тоа кој вид на крводарител си, Ти си незаменлив во одредени ситуации.

Ги повикуваме сите да ни се придружат во борбата за секој живот, бидејќи СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН!

СЕКОЈ ЗАСЛУЖУВА ВТОРА ШАНСА, а ние сме тука да му ја дадеме неопходната поддршка и окрепа, да го освежиме и да го пуштиме да ја извојува битката за својот живот.

Крводарители, Македонија.

Leave a reply

Minimum 4 characters