Крводарување во Македонија низ годините наназад

Во Република Македонија, почетоците на трансфузионата медицина датираат од 1935 година, кога младиот Д-р. Панче Караѓозов, а подоцна и Д-р. Јован Пановски вовеле т.н. директни трансфузии. Од универзален дарител со крвна група О (во тоа време сеуште не бил познат Рх факторот), со употреба на Цанков шприц, директно прелевале на болниот мали порции од 20 мл. крв.
Формално правно конституирање на организирана служба за трансфузија е извршена на 1. Јули 1946 година со актот бр. 1363 од кој цитираме: “За да би се осигурало давањето на крв на нуждаештите се болни, министерството на народно здравје на Н.Р.М. го донесуе следното решение при земската болница во Скопје да се фодрмира станица за трансфузија на крв… За раководител на станицата го одредуем Д-р. Бранимир Симоновиќ…
Ова решение стапуе во сила од денот на примањето на знание. – потпис: Д-р. Вукашин Попадиќ, (тогашен министер за народно здравје).” Со ова се удрени темелите на службата за трансфузиологија во Република Македонија.
По завршените подготовки, на 13.07.1946, станицата отпочнала со работа. Првите вработени заедно со Д-р. Бранимир Симоновиќ се медицинските сестри Бранка, Магда, Пенка и болничарката Косара. Овие петмина го понеле товарот на почетните тешкотии воработењето на станицата. Тогаш се собрани и конзервирани првите количества крв.
Овој настан е одбележан со пригодна статија од весникот „Нова Македонија” од 27 Јули 1946 година.
Во периодот од 1946-49 година, обемот на работа на станицата бил мал и достигнал 206 литри крв од 205 регистрирани крводарители. тоа се главно крводарители кои добивале Р1 картици со снабдување со прехрамбени продукти. Земањето и конзервирањето било во нестандардни шишиња, потоа крвта се филтрирала низ стерилна газа, а на болниот се трансфундирала преку еден единствен гумен систем кој се стерилизирал пред секоја употреба. Тогаш се определувала само крвната група на плочка со 2 антисеруми.
На 1 Јануари 1949 година, по завршениот курс за раководители на установи за трансфузија во Белград, поставен е и успешно работи новиот управник Д-р. Мико Карчовски. На 20 Јануари 1949 година, на предлог на новиот управник, Станицата за трансфузија при Земската болница во Скопје, со решение на Министерството за народно здравје на НРМ е прогласена за РЕПУБЛИЧКА СТАНИЦА ЗА ТРАНСФУЗИЈА која добива нави задачи – да ги снабдува со крв, крвни продукти и серуми сите здравствени установи во Македонија, цивилни и воени.

krvodaritelstvo-vo-rm-2-300x242-300x242

Во 1951 година започнува развојот на службата низ целата Република со формирање Кабинети за трансфузија во Битола, Штип и Прилеп. Обемот на работата се зголемува и во 1950 година се реализирани 1.612 крводарувања, додека во 1951 година се бележат 2.587 крводарувања.

Во 1952 година, со одлука на владата на НРМ, Републичката станица за трансфузија е прогласена за ЗАВОД ЗА ТРАНФУЗИЈА НА НРМ. Прв директор е Д-р Мико Карчовски. Заводот се поврзува и воспоставува соработка со Народниот фронт, АФЖ, Сојузот на борците, Младинската организација, Црвениот крст, Санитетската служба на ЈА, со цел да се спроведува организационата и здравствено-воспитна работа за мотивирање на населението за дарување крв.

1953 година Црвениот крст на Југославија се ангажира околу масовување на крводарителството. Во Март 1953 година се спроведени првите акции за дарување крв по новоутврдените принципи на ДОБРОВОЛНОСТ, АНОНИМНОСТ и БЕСПЛАТНОСТ. Еден од организаторите, покрај Црвениот крст на Македонија и Македонското лекарско друштво бил и Заводот за трансфузија. Истата година, помогнати од Белградскиот завод, почнуваат со работа и првите мобилни екипи кои се упатуваат во Титов Велес и Куманово. Во таа година бројот на крводарувања достигнува 3.756.
Во 1954 година Заводот за трансфузија на НРМ формирал своја мобилна екипа која работела низ целата Република. Дел од собраните количества крв биле испратени во Белград за Југословенскиот плазма програм.
Во 1955 година Заводот бил дислоциран од подрумските простории на денешната хируршка клиника во новоадаптирани простории на денешната локација. Во нови услови започнува проширувањето на лабораториската дејност: воведено е определување на Рх факторот, започнува сопствена продукција на антикоагуланс за конзервирање на даруваната крв, подготовка на инфузиони раствори и прибор за трансфузија. Бројот на вработените изнесува 22, меѓу кои Д-р Берисав Вујасин и Д-р Надежда Стојчевска – двајцата постојани доктори кои што макотрпно работеле на унапредувањето на службата за трансфузиологија и интегрирањето на трансфузионата во клиничката медицина. Бројот на крводарувања се зголемува на 5.100. Во 1958 година веќе се изготвуваат и првите сопствени тест серуми и реагенси за определување на крвните групи. Во заводот систематски се испитуваат бремените жени и во соработка со гинеколошката клиника се планираат првите екссангвино-трансфузии. Со ова, трансфузионата медицина го дава својот придонес во намалување на неонаталната смртност. Врз подемот на стручната работа, директно влијае и доаѓањето на новите доктори во Заводот: Д-р Љубица Сотировска, Д-р Васил Захариев и Д-р Иван Дејанов. Нивното ангажирање веднаш дало резултати во унапредувањето на крводарителството кое во 1960 година бележи 15.447 единици крв.

istorija-za-daruvanje-krv-3-300x199

За проширените активности на Заводот (тестови на компатибилност и коагулациони иследувања), просторот станува мал и во 1962 година се доградува нов дел на зградата во кој сега веќе има 40 вработени од кои 5 лекари. Голем испит за организираноста на Републичкиот завод беше трагедијата од 1963 година, катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје. Тоа беа моменти кога дојде до израз пожртвуваноста на сите вработени. За вонредно успешната работа во периодот после земјотресот, Заводот е одликуван со Орден за заслуга за народот со сребрени зраци. Оваа катастрофа овозможи да се извлечат драгоцени сознанија, како подобро да се организира целата служба и како да се реагира при масовни катастрофи.

Во највисоките кругови на земјата се увиде значението на Службата за трансфузија, а посебно на Републичката институција. Затоа во 1964 година беше помогната набавката на, за тоа време, современата опрема за лиофилизација. Во 1965 година веќе рутински се леофилизира плазма и други крвни продукти, што овозможи да се формираат првите резерви за вонредни и воени состојби.
Следниот период од 20 години 1966 – 1986, Заводот и трансфузиолошката дејност во нашата Република се развиваат со уште побрзо темпо. Се оформува првата коскена банка и се продлабочува соработката со ортопедската клиника. Рутински се приготвува автологен серум за адптација на корнеа од кадавер, кај пациентите планирани за корнеална трансплантација на клиниката за очни болести. Во 1968 година, на чело на Републичкиот завод за трансфузиологија доаѓа Проф. Д-р. Јонче Неделковски. Заводот се консолидира кадровски и материјално. Овој развој е посебно нагласен во осумдесеттите години кога се доизградува новиот дел на зградата на тогашниот Институт за трансфузиологија и хематологија. Се осовресменуваат сите лаборатории со набавка на мошне софистицирана опрема. Напорите вложени во изградување специјализиран кадар се враќаат со извонреден плод.

istorija-za-daruvanje-krv-4-300x204

Се воведуваат современи технолошки постапки за сепарација на крвни клетки, за фракционирање на плазмата и добивање албумин, криопреципитат, фибриноген, имуни антисеруми, пластичен прибор за обработка на крвта и за нејзино трансфундирање. Паралелно со подобрувањето на продукционата технологија, се осовременува и лабораториската работа со воведување на имунолошки, имунохемиски и имуногенетски испитувања. Заводот применува тимска работа и соработка со клиниките во рамките на Медицинскиот факултет, при што од особен интерес и мошне плодна е соработката со клиниката за хематологија поради десетгодишниот заеднички развoj.

Паралелно со развојот на Заводот се развива и трансфузиолошката служба во целата Република. Кадровското, материјалното и просторното уредување на овие служби допринесе овие центри да станат современи единици каде се пренесуваат базичните трансфузиолошки доктрини и постапки, со што се постига современо и подеднакво лекување на граѓаните во сите делови на Републиката. Благодарение на развојот на Заводот, трансфузиологијата кај нас ги надминува димензиите на сервисна служба и се издигнува до ниво на рамноправна, научна, медицинска дисциплина, без која што денес не е можна најсовремена здравствена заштита.

Во 1974 година, во Охрид е организиран и одржан Конгресот на трансфузиолозите и хематолозите на Југославија. Во осумдесеттите години директор на Републичкиот завод за трансфузиологија е Прим. Д-р. Драган Ивановски. Ова е период кога значително се зголемува бројот на крводарителите во Република Македонија. Развитокот кој се базира на извонредно стручната работа е поткрепен од државата а посебно од Министерството за здравство и наука.

istorija-za-daruvanje-krv-5-300x201

Со Министерството за одбрана се воспоставува интензивна соработка на полето на подготовка стабилни продукти, прво во облик на сува плазма, а потоа и 5 % албумин. На одделението за серуми и ферези, Прим. Д-р Божидар Трајковски го усовршил производството на хиперимуни серуми од хумано потекло, како и серуми од анимално производство и растително потекло.
Прим. Д-. Владимир Миленков ја воведел во рутина целсепарацијата и терапевтските плазма и цитоферези. Д-р. Ристо Дуковски ја основал лабораторијата за хемодинамски иследувања и вовел плетизмографија и Доплер иследување на крвните садови.
Одделените за крвни продукти рутинирано го води долго време Прим. Д-р. Драган Ивановски – добитник на Орден на трудот со сребрен венец 1979. Тој со Ас. Д-р Олга Дамевска ја воведуваат јоноизменувачката хроматографија во производството на високо пурифициран албумин. Бројот на единиците крв кои одат на обработка достигнува 90 %. Нов квалитет е формирањето на лабораторијата а потоа и Одделението за хистокомпатибилитет и клеточна имунологија од Проф. Д-р. Перко Колевски. За својата стручност и макотрпна работа тој во 1987 година е одликуван со Орден за заслуга за народ со сребрена ѕвезда,. Проф. Колевски е првиот министер за здравство во самостојна Република Македонија (1991 – 1992).
Прим. Д-р. Милош Грубовиќ работи постојано на згголемувањето на бројот на крводарители и онаму каде немало успех на полето на крводарителството, тој успева да постигне завидни резултати за што во 1981 година добива Орден на трудот со сребрен венец.
Одделението за тромбоза, хемостаза и имунохемија, со кои повеќе од три децении раководел Прим. Д-р. Иван Дејанов – добитник на Орден на трудот со златен венец 1982, се развива во солиден, модерен комплекс од лаборатории, во кои се извршува производството на соодветни реагенси за дијагностика и терапија на хемостатските растројства.

istorija-za-daruvanje-krv-6-300x185

Имунохематологијата во Заводот има континуиран развиток. Од оваа лабораторија произлезе и докторката дисертација „Алоимунизацијата на ериртоцитни антигени” одбранета од Доц. Д-р. Воскресија Стефановска. На основа на овој долгогодишен труд подготвени се првите еритроцитни панели кои се воведени во рутинска практика. За развитокот на Фармацевтското одделение несомнени заслуги има М-р Петар Зафировски. Одделението за правно – општо кадровски и економско – финансиско работење, под раководство е на дипл. економист Слоботка Неделковска, работи ефикасно и економично од основањето на Заводот.
Во раните осумдесетти години, трансфузиологијата стана факултативен предмет на Медицинскиот факултет. Вишиот универзитетски предавач Д-р Иван Дејанов има несомнени заслуги за почетоците на оваа значајна придобивка на Републичкиот завод за трансфузиологија, како прв наставник по трансфузиологија. Понатаму, Проф. Д-р. Перко Колевски и доцентите Воскресија Стефановска и Стојанка Костовска, се избрани како наставници на Медицинскиот факултет.
Наставниците и десетте помошници наставници ја изведуваат редовната настава на Катедрата по трансфузиологија и имунологија при Медицинскиот факултет во Скопје.

istorija-za-daruvanje-krv-7-265x198

Во рамките на научно – едукативната дејност работи и Здружението за хематологија и трансфузиологија во состав на Македонското лекарско друштво. Тука се презентираат и разменуваат најновите сознанија од областа на хематологијата и трансфузионата медицина. Во 1984 година успешно се одржани Југословенските хематолошко – трансфузиолошки денови во Скопје. Покрај одбранетите и неколку пријавени докторски дисертации, бројот на научните трудови публикувани од трансфузиолозите во земјата и во странство е огромен. Тој не може прецизно да се изнесе а уште повеќе да се даде прецизна оценка за квалитетот кој е несомнен. Факт е дека македонските трансфузиолози имаат забележителни резултати, рамни на оние во другите центри од поранешна Југославија, а не ретко и пошироко.

За ваквиот подем и работа, Републичкиот завод за трансфузиологија во неколку наврати е одликуван како колектив. Споменавме за Орденот добиен после земјотресот во 1964 година. Во 1986 година по повод 40 години успешна работа од оформувањето, Републичкиот завод за трансфузиологија добива Орден за заслуги за народ со сребрени зраци. Една година потоа, како најдобра организација на територијата на Р. Македонија, Заводот добива плакета „Д-р. Трифун Пановски”. Покрај стручната и едукативната мисла, најповеќе радуваат резултатите на полето на крводарителството.

istorija-za-daruvanje-krv-8-300x235

После долг и постепен развиток пропратен со повремени стагнации, педесетгодишните напори уследија со добар плод. Така, во 1989 година бројот на крводарувањата достигна рекорд од 61.000, или 3,1 % од вкупното население дарувало крв. Денес крводарителството се заснова на извонредната соработка на Републичката служба за трансфузиологија со Македонскиот црвен крст како и Министерството за здравство на Р. Македонија. Нивната активност доаѓа до израз посебно кога падот на крводарувањата од 45.889 во 1994 година, се подобруваат на 49.152 единици крв во 1995 година. Порастот се заснова пред сé на координираната работа на трите споменати чинители, како и формирањето на Совет на трансфузиолошка дејност при Министерството за здравство.

Најголемиот дел од ангажирањето на Советот, покрај задоволувањето на потребите од крв и крвни продукти и ефикасното работење на службата за трансфузиологија, воведување на нови начини за омасовување на крводарителството и новиот проект за донесување Закон за трансфузија, како и пропратни акти со кои ќе биде регулирана целокупната активност во доменот на трансфузионата медицина.

istorija-za-daruvanje-krv-9-300x217

Во состав на меѓународната научно – техничката помош остварена во Дерна, Мусурата и Бенгази – Либија, во периодот 1979 – 1987 година таму престојувале, работеле и ја основале Службата за трансфузиологија 4 доктори и 9 медицински лаборанти.

Гледајќи ретроспективно, резултатите на трансфузиолошката служба се несомнени и претставуваат голем поттик за натамошната работа: Земени се и конзервирани 1.228.760 единици крв, изготвени се повеќе од 1.100.000 единици на плазма продукти, припремени се повеќе од 8.580 литри серуми и реагенси за работа во трансфузиологијата, изготвени се и аплицирани повеќе од 7.600.000 единици раствори, изработени се повеќе од 35.000.000 различни лабораториски процедури.
Ова се само глобални цифри кои зборуваат за обемот на работата на Републичкиот завод и службата за трансфузиологија во целина. Во овие бројки е втемелен трудот на повеќе од 400 работливи и скромни работници кои во текот на 50 години биле соочени со голем број проблеми од најразлична природа, но ги решавале секогаш во полза на болниот. Да ги споменеме само оние кои денес не се веќе меѓу нас: Бранимир Симоновиќ, Драгица Јовановска, Иван Кировски, Трајко Анчевски, Панче Вучидолов, Јордан Атанасовски, Веби Алија, Александар Белџигероски. Трансфузиолошката служба на Р. Македонија, во чекор ги следи современите достигнувања и принципи на медицината воопшто, користејќи ги стандардите и препораките на СЗО и Советот на Европа за безбедна крв и продукти, како и принципите на трансфузионата медицина за рационална употреба на истите.
Од јануари, 2011 година согласно Законот за безбедност во снабдување со крв (септември,2009), Заводот за трансфузиологија и останатите трансфузиолошки служби во состав на болниците низ Р. Македонија станаа интегрирана служба. Беше променет Статутот на Установата која од Завод прерасна во Институт за трансфузиона медицина, во кој функционално постојат Регионални Центри во Штип, Тетово и Битола и 18 Служби за трансфузиона медицина од кои 2 во Скопје и 16 во останатите градови низ Републиката.
Трансфузионата медицина во идното столетие ја гледаме како главна алка во синџирот што ги поврзува лабораториската и клиничката медицина, здравиот и болниот. Во остварување на оваа цел, сме имале и очекуваме и понатаму поддршка од Собранието на Република Македонија, Министерството за здравство, од вработените и активистите на Македонскиот црвен крст, од сите здравствени работници, од информативните медиуми, од наставно – образовните и научни институции и од сите граѓани – крводарители во Република Македонија.

На сите нив им благодариме.

Leave a reply

Minimum 4 characters