Во времето на маските

Во времето на носење на маски, некои маски паѓаат.

Речиси идеален почеток на нашата нова објава. Камо да беа идеални работите за кои ќе пишуваме во неа.

Во садот во кој ги собиравме капките кои протекуваат низ нашиот, навидум идеален, систем за трансфузиона медицина, денешната капка се прелеа.

Денешната објава на ТВ СИТЕЛ

Како прво, би сакале да истакнеме дека ни е исклучително мило што системот го преброди речиси целиот период со вонредни состојби без поголеми проблеми, како на пример следниот:

Една од постарите објави на ТВ СИТЕЛ

Нема да навлагаме во детали. Можеби се работело за проверка на крв на пациент, кој бил заболен од болеста, а не крводарител.
Во секој случај, службата беше затворена извесен период а крводарителите беа пренасочувани во други служби.

И додека сите работи се презентираат како идеални, ние решивме да гребнеме под позлатата на системот.

Eдинствената активна фејбук страница на трансфузиологија во последниот период има, барем според нас, несоодветни објави.
Прво ќе појасниме за која страница се работи, а после ќе преминеме на спорните начини на функционирање.

Единствената активна фејбук страница на ЈУ ИТМ

Основачот на страницата го напишал следното за самата страница:

ТЕНК

Првата нетипична објава, односно објава со несоодветна содржина, ja забележавме пред неколку месеци:

`Дарувам крв без бенефиции` при јасно дефинирани бенефиции

Кој од ЈУ ИТМ си дал за право да лобира за намалување, ако не и укинување, на бенефициите на крводарителите? Така ли се грижат за тие од чии вени зависи целиот систем? Така ли се мотивираат старите крводарители да ја продолжат својата хумана мисија, а на истиот начин и да се мотивираат нови дарители: ДАРУВАЈТЕ ВИЕ КРВ, А НИЕ ЌЕ ГЛЕДАМЕ ДА ВИ ГИ СКРАТИМЕ ЕВЕНТУАЛНИТЕ БЕНЕФИЦИИ? Прашање за кое не добивме одговор од денот кога беше најавена акцијата со овој спорен хаштаг. Можеби наскоро ќе не удостојат со одговор и јавно ќе кажат какви се нивните планови за крводарителските бенефиции, чисто да си знаеме.

Втората работа која беше објавена на страницата, а која се коси со вчерашната објава на ТВ СИТЕЛ е во врска со една од акциите кои во периодот со вонредна состојба. При јасни насоки за задолжително носење на заштитна опрема, особено во затворени простории, самата страница `се пофали` дека на акција дозволиле да присаствува и да дарува крв едно лице кое не носи заштитна маска. Имаше и други пропусти според нас, ама тоа ќе може да го прочитате на линкот кој ќе биде под самата слика.

Слика од акцијата која се одржа во Битола.

Акцијата беше и помина. Одговорност за пропустот ќе се бара откако ќе се среди целата состојба со вирусот, бидејќи е недозволиво нечија небрежност да го загрози здравјето на тие кои дошле со својата крв да спасат нечиј живот! Со тоа ја затвораме и таа тема.

Најспорниот момент во врска со самата страница, која како единствена е и релевантен извор на информации, е нејзината достапност.

Ние, како сериозно Здружение кое ги пресретнува сите јавни повици за крв и повикува дарители со цел да се обезбеди крвта, имаме потреба да добиеме релевантна информација за веродостојноста на повикот од соодветните трансфузиолошки служби.

Комуникација за еден повик.

Вака изгледа една коректна комуникација. Проблемот е во следните:

Прв неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв
Втор неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв
Трет неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв
Четврт неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв
Петти неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв
Шестти неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв
Седми, денешен, неуспешен обид за добивање на релевантна информација во врска со повик за крв

Се наметнува прашањето: ДАЛИ Е СЕ ТОЛКУ СЈАЈНО КОЛКУ ШТО ИЗГЛЕДА? Дали официјална страница на социјалните мрежи на сериозна институција, особено за ваква тематика, смее да си дозволи вака неозбилен пристап?

Бараме да сноси одговорност целиот ПР тим кој стои позади страницата, бидејќи поради нивниот ноншалантен однос, Ние не можеме да потврдиме дали повикот е активен и колку единици крв се потребни за истиот.

Блиски на семејството, оптеретени со состојбата на нивниот близок, ни се обраќаат за помош, а Ние сме целосно игнорирани од системот. Нечиј живот зависи од навремената информација која, за жал, зависи од луѓе кои очигледно се или незаинтересирани или неупатени во начинот на кој би требало да функционира официјален профил на социјалните мрежи.

Уште еднаш повикуваме за соработка, како и со официјалните дописи од 06.12.2018-та и 06.12.2019-та година, нормализација на односите и рамноправен статус за да заедно изградиме еден подобар систем: За службата, За крводарителите и За тие кои имаат потреба од крвта.

Не е време за битки на суети!

Нашето е јасно: Ние сме крводарители и се залагаме за поголеми права и поволности за крводарителите. Од тоа нема отстапка! Ако некому му пречи тоа, тоа не е Наш проблем.

Во интерес на обезбедување на стабилни резерви со крв, а и задоволување на јавните повици за крв (кои се појавиле бидејќи одделение за трансфузиологија или некоја друга служба побарала дарители од семејството) е да соработуваме.

Нашата рака е подадена официјално речиси 18 месеци, а одлуката за начинот на ( во моментов не)соработка зависи од другата страна.

Ја користиме оваа прилика да им се извиниме на сите кои ни упатија повик во последниве 6 дена(ги имате како слики), ама Ние мораме да добиеме званична потврда дали се работи за дарување на обична крв, број на потребни единици на крв, дали се бараат дарители за тромбоцитофереза и слично.

Не е се црно или бело, а најмалку треба да се верува на позлатената украсна фолија во која е запакуван систем кој од повеќе аспекти покажува нефункционалност.

Со надеж дека во блиска иднина ќе се освести системот, ќе разбере и ќе го прифати фактот дека тој постои поради потребата за крв, а опстои поради крвта во нашите вени, и дека наскоро ќе ја формализираме и нормализираме соработката,

Претседател на здружението на крводарители и подржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.

Leave a reply

Minimum 4 characters