Најтешките војни

Се сеќавам на еден сончев ден во далечната 2004-та.

Беше пролет, се беше расцутено и природата се будеше од зимскиот сон. Се повторно живнуваше.

Во ред. Речиси се!

Тој ден го имав својот прв повик од ИТМ. Се бараше крв од А- за да се обезбеди тромбоцитна маса за мало дете од Охрид.

Со ветар во плеќи брзав кон клиника за да му помогнам на детето. Дарував крв и заминав.

Утредента, преку некои познанства дознав дека детето не доживеало да ја прими поткрепата на телото, со цел да биде поотпорно на агресивната терапија за тешкото оболување.

1:0 за болеста.

Се помирив со фактот, со надеж дека на детето барем му олеснило после долг период на тешки битки со упорната болест.

20.11.2017-та. Вирален повик за обезбедување на тромбоцити за мало девојче. Да, мислам на тој што се уште се споделува од Фејсбук профилот на една личност.

После неколкуте обиди да стапам во контакт преку оставениот мобилен, и 2 – 3 кратки пораки на кои добивав културен одговор дека нема потреба од крв, од други канали добив информација дека на девојчето навистина веќе не му е потребна поддршка во борбата за својот живот.

2:0 за болеста.

Ме јадеше и се уште ме јаде од внатре грижа на совест. КАКО НЕ ГО ВИДОВ ПОВИКОТ ПОРАНО? ЗОШТО НИКОЈ НЕ МЕ ПОБАРАЛ? МОЖЕБИ ЌЕ СУМ И ПОМОГНЕЛ ВО ТИЕ КРИТИЧНИ МОМЕНТИ, КОГА НАЈМНОГУ И ТРЕБАЛО.

Преминав преку тоа, со надеж дека и била обезбедена сета потребна поткрепа и дека последниот удар бил од терапијата или едноставно така било пишано.

Денес дознав дека болеста ми поведе со 3:0. 

Денес дознав дека детето за кое го направив своето прво дарување на тромбоцити, и за кое дарував над 10 пати, ја изгуби војната со болеста.

Денес добив директен нокаут, бидејќи, иако го немав сретнато ниту еднаш, го осеќав за блиско, за свое.

На неколку наврати се имам сретнато со татко му. Сме пиеле кафе или сок, од култура, бидејќи не сакав да го одбијам човекот кој сака на скромен начин да му се заблагодари на човекот кој со него ја води битката за животот на син му. Човекот кој во една претходна белешка го нареков брат по крвна група и по дарувањето на тромбоцити. Денес останав без ‘внук’.

Јас, искрено, лично не сум имал потреба да барам крв за себе или за свој близок. Животот барем до сега ме поштедил од тој зачин во мојата ”попара’. Се надевам дека така ќе продолжи, но се надевам дека ќе бидам во потполност подготвен да се соочам и со тие критични моменти.

Од тие причини го превземав модерирањето на фејсбук групата “Клуб на крводарители” пред 7 години. 

Сакав да ги вмрежам крводарителите на едно место. Сакав да направам база на контакти од крводарители, за да можеме во било кое време да си помогнеме меѓу себе и да ја обезбедиме крвта која ни треба нам, на нашите блиски и на сите на кои им е побарано сами да ја обезбедат крвта за нивните блиски.

7 години посветив на осмислување ШТО, КАКО, СО КОГО И КОГА, бидејќи најважното прашање веќе ми беше одговорено. Одговорот на прашањето ЗОШТО е ЗА ДА СЕ СПАСИ НЕЧИВ ЖИВОТ.

Ние сме ретка крвна група. Ова се однесува на сите крводарители!

Ние сме ретка крвна група, која редовно се бара а ретко кој ја цени.

Сите крводарители, со едно и со сто осумдесет и едно ( да, има поединци кои 45 години дарувале крв на секои 3 месеци) сме исти. Ние сме, пред се, хумани луѓе кои се подготвени да дадат дел од себе, за да помогнат на некој кој најверојатно никогаш во живот нема да го запознаат.

Ние сме хумани, ама хуманството( по нашки човештвото) не маргинализира и не стигматизира на моменти.

Не би сакал да навлегувам во детали за тоа колку пати мене лично ми биле ускратени тие бенефиции кои постојат на хартија, а уште помалку би сакал да споделам дел од патешествијата кои ги споделиле со мене крводарителите, преку профилите на ова здружение.

Статусот на крводарителот, следејќи ги примерот на поголемиот дел на општеството, е во надолна линија на движење и нема индикатори дека тоа наскоро ќе запре со движење. Напротив, според мои информации, во план е дополнително кастрење на тие неколку бенефиции кои останаа.

Системот е воспоставен, но се развива во погрешна насока!

Системот нас не гледа како статистика и како суровина за својот погон, од кој мора да произлезат соодветен број на единици за снабдување на пазарот.

Секој ден се појавува нов незадоволен дарител на крв, и речиси сите своето незадоволство не го кријат и не престануваат да посочуваат кон системот.

Системот ако не се свести и смени на време, многу животи ќе зависат од молитвите на блиските, бидејќи системот свесно или несвесно ја гази основата на која се базира.

Крводарителот е основа на целиот систем за снабдување со крв, а не тие кои ја спроведуваат активноста на собирање на истата.

Јас, како Дамир Смајловиќ, со моите скромни 80 дарувања, сум подготвен да се фатам во костец со сите релевантни субјекти кои директно или индиректно го засегаат крводарителот.

Јас со години наназад ги проучувам системите во соседството, нашиот систем, позитивните и негативните страни, и барам начин да ја стабилизираме состојбата на статусот на крводарителите, да поработиме на враќање на старото ниво и по можност да го унапредиме.

Не ни требаат незадоволни крводарители, бидејќи тоа индиректно значи и можност некој да не ја добие потребната крв.

Луѓето кои ги носат одлуките за крводарителите се најмалку запознаени со состојбата и причините за незадоволството. Тие се политичари кои дигаат рака на команда, а немаат слух да ислушаат и да пренесат што сакаат да им кажат крводарителите. Искрено, и немаат потреба да ги сослушаат. 

Било кој политичар да има потреба од крв, НЕМА ПОТРЕБА ДА МИСЛИ НА ТОА: еден куп службеници ќе им ја истрчаат работата или еден куп партиски членови ќе ги понудат двете раце, само за да добијат наклоност за во иднина.

Вистината боли, за жал!

Тоа што најважните функционери не ги перцепираат најзаслужните хумани луѓе, како заедница, затоа и крводарителството е на долна прифатлива граница и со тенденција да дојде на уште пониско ниво.

Со цел да има што помалку незадоволни крводарители, а со тоа и зголемено мотивирање на нови и стари крводарители, Ние, како здружение, ќе дадеме се од себе за да изградиме силен и стабилен интерен систем, преку кој ќе им помагаме на сите ама и ќе си помогнеме на себе.

Само со добар систем кој ги вреднува крводарителите како што заслужуваат, само со задоволни крводарители ќе им биде загарантирана крвта на сите кои имаат потреба од неа.

Пак ќе се навратам : во 2004-та задоцнив за Филип, лани не дознав на време за Силвана а денес го изгубив мојот незапознаен ‘внук’ Љавдрим.

Оваа иницијатива продолжила или спасила одреден број на животи. Ние не ги броиме. Тоа е важен податок, но е минорен во споредба со тие кои не се спасени. 

Да, добиваш елан по секој успешно реализиран повик за крв и тоа трае 2-3 часа.

Поразите те тераат да се преиспиташ и да смениш нешто за да не бидеш повторно поразен.

Ние сме решени да ја биеме секоја битка, во втора борбена линија, веднаш зад болниот, со тоа што ќе му даваме дел од себе за да тој биде во можност да ја продолжи војната.

Придружете ни се и Вие, бидејќи секој живот е важен!

Leave a reply

Minimum 4 characters