Здружение на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје.

QUO VADIS 2019-та?

Дојде и тој ден: Денот со кој ќе се збогуваме со стариот календар и ќе свртиме нов лист.

QUO VADIS 2019-та е сосема логичен наслов за овогодинешното обраќање до сите крводарители.
1. Како последователен наслов на претходниот: `QUO VADIS Крводарителство? и
2. Жал за заминување на оваа година.

Зошто да жалиме за 2019-та?
За неа жалиме бидејќи е наша нај успешна година до сега.

Во 2019-та успеавме да склучиме меморандуми за соработка со 3, веќе збратимени, здруженија на крводарители, да стапиме во контакт и да склучиме договори за попусти за нашите членови со повеќе од 20 партнери, да обезбедиме околу 500 награди кои се доделени на повеќе од 300 различни крводарители и ред други работи.
Имаме за што да жалиме, зарем не?

Но, кога ќе погледнеме од другата страна на паричката, ова беше првата година од нашето званично регистрирање како правен субјект во централниот регистар.
Нашите планови и очекувања, а секако и ентузијазмот, се далеку поголеми за годината која ќе започне за десетина часа.

Во следните неколку дена ќе почнеме да им се заблагодаруваме на хуманоста и на крводарителите во другите наши региони, кои се 7 и можете да ги најдете како групи на фејсбук.

Додека сме на тема Хуманост и заблагодарување за хуманоста, уште еднаш би сакале да му ја честитаме наградате за најголем крводарител за 2019-та, која ја доби Ајриз Асани. (Линк до објавата на официјалната фејсбук страница на град Скопје: Линк )
Со Ајриз се имам сретнато на неколку наврати кога дарував во Г.О.Б. 8-ми Септември и во ИТМ(клиника), бидејќи лично не сум голем обожувач на големи акции и гужви.
Последното наше видување беше на доделувањето на плакетите од ООцк Карпош, во просториите на Општина Карпош, на 18.03.2019-та година.
Мојата маленкост тој ден прими плакета за 75 дарувања, додека овогодинешниот добитник на наградата за најдобар крводарител, доделена од општината Град Скопје за неговите 218 пати искажана хуманост, дента доби плакета за 100 дарувања.

Текстот и сите слики може да ги видите на објавата на званичната страница на Општината Карпош, Линк

Логично се наметнуваат повеќе прашања, меѓу кои:
– Зошто ООцк Карпош пред 9 месеци му доделила плакета само за 100 дарувања, знаејќи дека господинот има повеќе од 200? Ако во моментот не знаеле, во тој случај би сакал да им честитам за упорноста за барање и обезбедување на останатите 118 потврди за дарувањата на господин Асани во последните 9 месеци. Тоа е мотивираност и упорност за почит, бидејќи сме свесни дека самите крводарители тешко можат да си ги соберат своите дарувања на исто место. Длабок наклон!
– 218 дарувања се еквивалент на 54.5 години дарување на полна крв на секои 3 месеци. Сето тоа е навистина импресивна бројка, достојна за алеа на великаните, се додека не ја разгледаме правната регулатива која го уредува крводарителството.

Последната страница од крводарителските книшки

Следно прашање кое се наметнува е:
– Зошто волонтерите на цк не пријавиле на време дека некој крводарител редовно дарува крв вон законската уреденост, и со тоа премолчуваат можност крводарителот да го наруши своето здравје? Дали парите за промоција на крводарителството, кои секоја година ги добиваат од Министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина, се трошат соодветно на обука на волонтерите кои ги дисемитираат основните начела за крводарителството? Дали се соодветни за обука на обучувачи лицата кои дозволуваат вака сериозни пропусти?
– Дали на крводарителните акции се прави доволно детална проверка на крводарителот и неговата документација, штом е возможен ваков пропуст? Мене лично ме имаат вратено заради 2 дена. Дали е ова селективност? Под чија закрила или системски пропуст е ова?

Да бидеме реални, има уште многу прашања кои произлегуваат од детална анализа на овој специфичен случај, ама ќе престанеме со јавна анализа на истиот.

Ние, како Здружение на крводарители и подржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје, ќе инсистираме да ги добиеме сите детали поврзани со овој случај, кој за жал инволвира име на човек кој својата хуманост ја искажал и многу пати повеќе од законски утврдените. Уште еднаш, длабок наклон за неговата хуманост, ама нашите прашања се упатени кон субјектите кои претставуваат фактор во најважниот супортивен начин на продолжување и спасување на животи.
Ќе ги искористиме сите расположиви законски пропишани процедури за обезбедување на фактите со кои ќе се детектираат сите слабости на моменталниот систем, и врз основа на добиените резултати ќе поднесеме иницијатива за ревизија на сите документи поврзани со крводарителството и унапредување на истиот.

Во име на Тимот кој ги води сите активности кои се насочени кон обезбедување на дополнителни начини за изразување на благодарност за искажаната хуманост на крводарителите, Ви посакувам многу спасени животи, бидејќи само здрав крводарител може да спаси живот.

Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје,

Дамир Смајловиќ.

Leave a reply

Minimum 4 characters