Ден пред Светскиот ден на крводарителите

За денешен ден беше договорена голема крводарителска акција во Градската општа болница `8-ми Септември` , ама последното продолжување на вонредната состојба ги наруши нашите планови.

На денешен ден требаше да ја промовираме книгата со поезија за крводарителите и крводарителството, требаше да има мноштво на прикладни подароци од нашите партнери и поддржувачи, дружење, прославување на денот на крводарителите кој е прифатен во целиот свет и воедно промоција на Здружението.
Требаше, ама ситуацијата налага достоинственото чествување на овој ден да биде одложено за следната година.

Вонредната состојба која беше изнудена од пандемијата не значи дека не треба да го испочитуваме денот на начинот на кој можеме.

Ќе направиме мал рекапитулар по повод денот кој е воспоставен во 2004-та година.

Нашето здружение, освен активностите за прибирање на податоци од крводарителите и нивно користење во случај на јавен повик за крв, во позадина работи на обезбедување на поволности за крводарителите.

Во моментов нашите членови имаат речиси 50 места каде се вреднува нивната хуманост, и како мал знак на благодарност за нивното несебично помагање, општествено одговорните правни субјекти им одобруваат скромни подароци или попусти. Им се заблагодаруваме на сите поддржувачи со кои имаме склучено договори за соработка, им се заблагодаруваме и на Тие со кои преговорите се во тек и ги охрабруваме останатите да се приклучат и да им овозможат скромна почит на луѓето кои можеби утре ќе го спасат и нивниот живот.

Животот е непредвидлив и никогаш не може да се претпостави што нѐ чека или што може да нѝ се случи. Како што еднаш кажавме: КРВОДАРИТЕЛИТЕ ЈА ПОПЛОЧУВААТ АРЕНАТА ВО КОЈА МЕДИЦИНАТА И БОЛЕСТА СИ ГИ ОДМЕРУВААТ СИЛИТЕ.

Ние нашиот дел, суплементарен, сме го правеле, го правиме а ќе го правиме и во иднина, бидејќи секој од нас заслужува втора шанса! Секој живот е вреден, а ние ќе направиме се што е во наша можност да му пружиме на пациентот можност да ја надмине моменталната состојба.

Ви го честитаме Светскиот ден на крводарителите и воедно Ве повикуваме да се зачлените во Здружението чии основни заложби се обезбедување на потребната крв, а воедно и обезбедување на бенефиција плус за своите членови.

Заедно можеме повеќе, побрзо и подобро!

Бидете и Вие еден од Нас!

Тимот на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје.

Leave a reply

Minimum 4 characters