Показна вежба

Вчудоневиден. Навистина!

Верувале или не, нашиот систем профункционира!

Пред само 3 недели на долго и на широко објаснував како би требало да се одвива процесот за вакцинирање на крводарителите И ЗАДВИЖИЈА РАБОТИТЕ… барем показно.

Пред неполна недела даруваа крв министерот за здравство и претседателот на Владата, а денес се вакцинираше Премиерот. Постојат најави дека утре би требало да се вакцинира и министерот за здравство.

На “Први Мај“ даруваа крв министерот и премиерот.
После само 5 дена беше имунизиран за КОВИД-19.

Да се потсетиме на насоките кои беа предложени во нашата објава: https://krvodaritel.org/velik/

Свесни сме дека вакцините и процесот на имунизација не се одвиваат на задоволително ниво, ама тоа не е изговор да се заборави стожерот кој на свои раце, преку своите вени, го одржува витален целиот здравствен систем.

Пред 3 недели имаше објава на новите критериуми за дарување на крв после имунизација на крводарителите.

Линк до објавата на критериумите: https://itm.org.mk/ажурирани-критериуми-за-избор-на-дари/

Да го тргнеме превезот од очите.

Заразен крводарител не може да дарува крв најмалку 6 недели: 2 недели задолжителна изолација и 4 недели после прележување. Доколку има пост-Ковид компликации, одлагањето може да биде подолго, па дури и трајно.

Ако се имунизира крводарител со вторите вакцини:
– Ја прима вакцината; ја прима ре-вакцината после 3 недели, со што не е во можност да дарува крв најмалку 7 недели.

Императив е да му се наложи на ЈЗУ ИТМ да почне со контактирање на крводарителите и да пополнува термини за имунизација кои ќе бидат договорени во соработка со МЗ.

Како здружение и даваме предност на вакцината Фајзер бидејќи со неа не би се нарушил циклусот на дарување на крв, барем не многу.

Работа која мора да се прифати:
ДАРИТЕЛИТЕ НА ТРОМБОЦИТИ МОРА ДА БИДАТ ПРИОРЕТИЗИРАНИ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА СО ВАКЦИНАТА НА ФАЈЗЕР, СЕ РАЗБИРА, ДОКОЛКУ СЕ СОГЛАСАТ ДА СЕ ИМУНИЗИРААТ СО НЕА!
Зошто МОРААТ?
Затоа што интервалот во кој тие даруваат е МИНИМАЛНО 3 НЕДЕЛИ.
Ако го земем во предвид фактот дека нивниот број, бројот на дарителите на тромбоцитен концентрат преку тромбоцитофереза, се движи околу илјада, немаме многу простор за импровизации без да го нарушиме процесот на обезбедување на тромбоцитен концентрат за хематолошките и онколошките пациенти, како и за другите пациенти кои поради комплицирани оперативни зафати имаат потреба од тромбоцитен конценрат.

Показната вежба е успешна!
Премиерот се вакцинираше 5 дена после своето дарување на крв.
Сега останува само уште да се повтори околу 20.000 пати.

Системот покажа дека е способен да вакцинира крводарител неколку дена откако ја покажал својата хуманост. Останува да видиме дали е тоа привилегија на крводарителите кои се носители на функции, или истата пракса ќе продолжи да се применува и за останатите крводарители.

Крводарителите се категорија на граѓани без кои системот ќе крахира и затоа мора да ги вреднуваме нивните заслуги и да се грижиме за нив и нивните потреби, бидејќи само на тој начин ќе обезбедиме систем кој ќе има стабилни резерви на крвни продукти.

Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.

Leave a reply

Minimum 4 characters