За крводарителцките работи

Дојде нова година, а со неа и рекапитулар за претходната.

Наместо да направиме осврт на 2017-та, ќе направам еден краток преглед на развојот на нашето здружение.

Се почна на 06.12.2012-та година, кога при барање на информации за крводарителството влегов во фејсбук групата Клуб на крводарители на Македонија.
Таа тогаш беше, како и повеќето други групи на таа тема, во длабока хибернација.
Ги внесов сите крводарители кои ги познавав лично и понавме да разменуваме информации и искуства за крводарителството и правата на крводарителите.
Со тек на време, бројот на членови од 70 дојде до 1500.
Најголемиот дел од нив беа активни крводарители, но дел од нив и не беа. Тој помалиот број беше влезен во групата поради актуелни повици за крв кои кружеа по социјалните мрежи. Ние ги примавме во групата, ги сослушувавме нивните потреби и се организиравме со цел да тие или нивните блиски ја добијат потребната крв.

Во декември 2017-та ја воочив потребата за развивање на потенцијалите на фејсбук групата.
Формиран е модераторски Тим и креирани се фејсбук страна и профил, како и твитер и инстаграм на преименуваната група Крводарители Македонија.

Ние 2018-та година ќе ја паметиме по скромните 2510 члена на фејсбук групата, 3168 следачи на фејсбук страната, полн фејсбук профил со 5 000 пријатели, скромни 728 твита и 475 следачи на Твитер, како и 289 споделени информации на Инстаграм и 747 следачи на таа социјална платформа. А да, за малку ќе заборавев и дека на 14.06.2018-та година го пуштивме и сајтот www.krvodariteli.mk како и формирањето на заедница за крводарители на комуникациската платформа Вибер.
Втор по важност успех ни е тоа што индиректно влијаевме на бројот на повици по социјалните мрежи.
Да појаснам подобро.
Во 2017-та година имаше дваесеттина повици за крв во летниот период. Најголемиот дел од нив беа за пациенти во Градска општа болница Осми Септември и за некои од приватните клиники. Во годинава која изминува речиси и да немаше вирален повик за крв.
За ова би сакал да му се заблагодарам на персоналот од трансфузија во ГОБ, со кои воспоставивме комуникација и коректни односи за размена на информации кои се од интерес на пациентите.
Најголемиот успех кој го имаме постигнато, како тим кој стоеше позади логото на Крводарители Македонија е што успеавме да се регистрираме во централниот регистар на здруженија на граѓани.

На 07.11.2018-та година се удрени темелите на Здружението на Крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ – Скопје. После речиси цел месец на летечки измени во основачките документи, на 06.12.2018-та сме и официјално регистрирани како здружение.
Е сега малку и за прашањето кое на неколку пати ни е поставено: Зошто е сменето името? Зошто не е Македонија, туку Скопје и сл.
Сето тоа е од административни причини!
Здружението е КРВОДАРИТЕЛ, а седиштето на здружението (задолжително во името при формирање на здруженијата) е во Скопје.

Од нашите скромни планови за 2019-та година, во моментов работиме на нов вебсајт, пристапници, членски картички, меморандуми за соработка со четирите активни здруженија на крводарители (регистрирани се 8, ама 4 се водат како неактивни во централниот регистар на Р.М.) како и изнаоѓање на начин за финансирање на активностите на здружението и договарање на соработки со субјекти кои би обезбедиле некаков вид на бенефит за крводарителите.
Би сакал да го злоупотребам ова обраќање за да ги повикам сите кои би сакале да го помогнат здружението или да им изразат благодарност на крводарителите, да не исконтактираат на нашите профили.
Од другите активности на Здружението, пративме писмо за запознавање и барање за соработка до субјектите кои се најважни за нас. Понудивме и побаравме соработка со Министерството за здравство, Институтот за трансфузиона медицина, Црвениот Крст на Р.М. како и до Министерството за труд и социјална политика. Со дел од нив сме во добри односи, со дел сме во коректни а се надеваме дека наскоро со сите ќе изградиме вистински партнерски однос.
Од нив побаравме да ги посочат легислативите кои ги регулираат правата на крводарителите. Како што е наведено во нашиот статут, се грижиме за правата на крводарителите и правиме напори за унапредувањето на статусот на Крводарителот.

Ве повикувам да ни се придружите и да не поддржите во реализирање на многуте активности кои планираме да ги реализираме во иднина.

Во име на Тимот на Здружението на Крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ – Скопје : Андријана Срчокова, Анета Хаџи Каревска – Денковска, Даниела Василевска и Дејан Мариќ, Ви посакувам пријатни празници и многу успеси во годината што доаѓа.

Претседател на Здружението на Крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ – Скопје,

Дамир Смајловиќ.

Leave a reply

Minimum 4 characters