Зошто даруваме крв?

Крвта е лек за кој што нема соодветна замена. Таа и продуктите што се добиваат од неа наоѓаат широка примена во лекувањето на голем број на болни и имаат бесценета улога. Крвта е неопходна при операции, за лица со анемии и други болести на крвта, за родилки, и за многу други состојби.

Во итни случаи на болните и повредените кои се животно загрозени, крвта им е потребна веднаш. Затоа мора во секое време да има доволни количини на крв и крвни компоненти, кои се контролирани и безбедни за употреба.

Крвта треба да ги чека пациентите, а не пациентите да ја чекаат крвта.

Ова може да се постигне само доколку трансфузиолошката служба во секое време располага со доволни резерви на крв и крвни компоненти (плазма, тромбоцити, криопреципитат), а тоа пак зависи исклучиво од сите нас кои сме одлучиле да станеме крводарители.

Да не заборавиме дека да се дарува крв претставува привилегија на здравите и надеж за болните. Секому од нас може некогаш во животот може да ни биде потребна терапија со крв и крвни компоненти. Затоа, да не ги забораваме оние за кои половина час од нашето време и една кесичка крв значат можност за живот. Само така може да сме сигурни дека ако некогаш и ние сме во болест  некој ќе оддели половина час за да ни даде нов живот.

Светската здравствена организација препорачува дека само доброволното, анонимно и неплатено дарување крв може да ги задоволи потребите за безбедна крв. Фамилијарното крводарување треба да се избегнува, но сепак некогаш заради специфични причини (ретка крвна група или други непаланирани појави) може да има потреба некој од семејството на болниот да дарува крв за него. Тоа се ретки и спорадични појави.

Платеното дарување во нашата земја не постои. Исто е и секаде во светот, освен во некои земји каде здравствените системи се на многу ниско ниво, а со тоа и безбедноста на крвта од платени дарители е во многу мали количини или ја нема.

Секоја единица крв од доброволните дарители се контролира за присуство на заразни заболувања (жолтица Б и Ц, сида, сифилис), како и за крвна група и Рх фактор и антитела. Таа контрола трае 24 часа. Значи, доколку за некој болен или повреден  дарува крв негов близок од семејството (фамилијарно дарување), крвта не може веднаш да ја прими пациентот токму поради времетраењето на контролата и несоодветни крвни групи. Резултатите од овие тестови се анонимни и доверливи и достапни се само на дарителот и на медицинските работници, вклучени во тестирањето и процесот на контрола на квалитетот. За евентуалните позитивни резултати дарителот ќе биде известен и поканет на повторно тестирање или упатен во други соодветни институции за понатамошни иследувања или терапија.

Запаметете НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДАРУВА КРВ ЗА ДА СЕ ТЕСТИРАТЕ ЗА БОЛЕСТИ ПРЕНОСЛИВИ ПРЕКУ КРВ.

Крв се дарува само со големо човекољубие и желба да се помогне. Тоа е највисок чин на алтруизам и хуманост.

Извор: ИТМ

Leave a reply

Minimum 4 characters