Добредојдовте во делот во кој ќе ги појасниме крвта и крвните компонентни.

Крвта е есенцијална течност која циркулира во крвните садови на секој човек. 

Поради тоа дарувањето крв слободно можеме да го наречеме единствен и незаменлив хуман гест и начин на искажување совесност кон сограѓаните на кои таа им е најпотребна. 

Полната крв во својот состав се дели на течен дел и на клеточен дел. Течниот дел претставува плазмата (55%) а клетките што циркулираат се делат на еритроцити, леукоцити и тромбоцити (45%). 

Крвта има повеќе функции: 

  • Ги обезбедува ткивата со кислород и хранливи материи; 
  • Го отстранува јаглерод диоксидот и останатите метаболни продукти; 
  • Одбранбено делува отстранувајќи ги штетните материи; 
  • Го спречува крварењето учествувајќи во хемостатските процеси. 

Еден возрасен човек содржи 4,5-5,5 литри крв (околу 12% од телесната тежина). По правило, при крводарување една единица крв се зема помалку од 10% од целокупната крв. 

По дарување крв во првите 24 часа се надополнува течниот дел од крвта а во период од 4-6 недели се надоместуваат и крвните елементи. 

Покрај заедничките секоја крв поседува и индивидуални карактеристики.
Според Интернационалното здружение на крвна трансфузија (ISBT) постојат над 300 крвногрупни антигени. Секој крвногрупен систем претставува посебен генетски ентитет. Една од најбитните при процесот на трансфузија е АБО типизацијата.
 

Последниве неколку децении внесот на инкопатибилна крв (во поглед на несоодветна крвна група и Rh фактор) е оневозможен со навремените испитувања на даруваната крв веднаш по дарувањето.
Ризикот за пренос на инфекција е сведен на минимум поради тестирањата за специфичните заболувања. Исклучок и најголем ризик се вирусните заболувања и нивниот “период на прозорец
кога не можат да се детектираат но затоа се применува давање полна крв постара од три дена. 

 

За здрави лица над 18 години ризици поради дарување крв практично не постојат, со исклучок на моментална вртоглавица и локална појава на хематом на местото на убодот. 

Неспоредливо мала е нелагодноста во споредба со големината на доброто дело кое буквално значи продолжување еден живот. 

Крвни клетки и компоненти

Еритроцитите се едни од трите главни видови клетки (покрај леукоцитите и тромбоцитите) кои се составен дел на крвта.

Се создаваат во хематопоетскиот систем составен од ткива и органи. Главен хематопоетски орган е коскената срцевина а во хематопоетски ткива спаѓаат и слезенката, лимфните јазли и тимусот.

Најнезрелата клетка ја нарекуваме праклетка. Таа е плурипотентна матична клетка од која се создаваат сите клетки на хематопоетските лози. Диференцирајќи се понатаму настануваат мултипотентни матични клетки па трипотентни матични клетки и на крај унипотентни матични клетки од кои се создаваат само еден одреден тип хематопоетски клетки.

Еритроцитите настануваат со процес наречен еритроцитопоеза, каде редоследно развојно се следат овие клетки:
– проеритробласт
– базофилен еритробласт
-полихроматофилен еритробласт
-ацидофилен еритробласт
-ретикулоцит и
-зрел еритроцит

Еден зрел еритроцит има специфичен двојновдлабнат (биконкавен) дисковиден изглед, нема јадро, има цитоплазма и клеточна мембрана која е многу флексибилен (лесно ја менува формата) поради што може непречено да поминува низ капиларите. Главна градбена состојка во цитоплазмата е хемоглобинот (98%). Хемот се создава во митохондриите а глобинските вериги се генетски оркестрирани во рибозомите. Секоја глобинска верига се поврзува со по еден молекул хем за кој има врзано еден атом двовалентно железо. Железото реверзибилно го врзува кислородот.

Основна функција на еритроцитите е размена на О2 и ЦО2, поконкретно, го пренесуваат кислородот од белите дробови до периферните ткива и обратно, го транспортираат јаглерод диоксидот од ткивата до белите дробови. За преживувањето на еритроцитите во циркулацијата од критична важност е нормалниот хемиски состав на мембраната. Еритроцитната мембрана ги носи крвногрупните антигени кои ги одредуваат крвните групи. Значењето на крвните групи е од клиничка важност при трансфузија на крв.

Нормалниот животен век на еритроцитите е 100-120 дена. Сите еритроцити се разградуваат (фагоцитираат) во слезенката од клетки наречени макрофаги.

Белите крвни клетки се наречени леукоцити.

Познати се три видови леукоцити: гранулоцити, моноцити и лимфоцити. Се разликуваат меѓу себе по цитолошкото боење, по составот на цитоплазматските органели а согласно на тоа и по нивната специфична функција. Сепак, сите леукоцити имаат иста основна улога а тоа е одбрана на нашиот организам од инфективни агенси (фагоцитираат бактерии) и неинфективни штетни материи (отстрануваат антигени, разградуваат изумрени и распаднати клетки).

а.) Неутрофилните леукоцити настануваат со процес наречен гранулоцитопоеза и поминуваат низ следниве развојни фази:
-миелобласт
-промиелоцит
-миелоцит
-метамиелоцит
-зрели гранулоцити: неутрофилни, еозинофилни и базофилни.

Гранулоцитопоезата се одвива во коскената срцевина.

После созревањето помал дел од клетките поминуваат во периферната крв а поголемиот дел остануваат во коскената срцевина а по потреба и тие се ослободуваат во крвта.

Гранулоцитите кои се наоѓаат во крвотокот се организирани во две групи: покрај ѕидот на крвните садови (маргинален пул) и слободни во крвта (циркулирачки пул). Од циркулирачките клетки половина преминуваат од крвните садови во ткивата само 6 часа по напуштањето на коскената срцевина и таму продолжуваат да живеат уште 2-4 дена. Материите кои ги привлекуваат неутрофилните клетки се наречени хемотактични фактори.

б.) Моноцитите поминуваат низ следниве клеточни развојни фази:
-монобласт (од миелобласт се создава)
-промоноцит
-зрел моноцит

Во периферната крв се задржуваат само 20-40 часа кога патуваат од коскената срцевина до целните ткива. Во ткивата се трансформираат во макрофаги кои претставуваат специјализирани фагоцити-одбрамбени клетки. Зависно од тоа каде се наоѓаат можат да бидат фиксирани и неподвижни (во белите дробови, во црниот дроб, во слезенката, во плацентата…) или слободни и подвижни (во плевралниот простор и во перитонеалниот простор). Животниот век во ткивата им е од неколку денови (Б лимфоцитите) па се до неколку месеци т.е. неколку години.

в.) Лимфоцитите припаѓаат на т.н. имунопоетски систем кој е дел од хематопоетскиот систем задолжен за создавање имунолошки активни клетки.
Се диферецираат на следниов начин:
-лимфобласт
-пролимфоцит
-голем лимфоцит
-мал лимфоцит
-имунобласт
-имуноцит
-центробласт
-центроцит
-плазмобласт
-плазмоцит

Лимфоцитите кои созреваат во тимусот се нарекуваат Т лимфоцити и се одговорни за клеточниот имунитет (пр.одложен тип алергиска реакција). Б лимфоцити се морфолошки идентични се со Т лимфоцитите но се разикуваат по функцијата и по ЦД маркерите (битни за имуноглобулините). Трет вид лимфоцити се наречени клетки природни убијци (НК) морфолошки и функционално различни од Т и Б учествувајќи во неспецифичниот имун одговор (во борба со туморските клетки).

Меѓу клетките “лидери во крвните садови, покрај еритроцитите и леукоцитите, се и клетките наречени тромбоцити. 

Нивниот пат на формирање од матичните клетки на коскената срцевина до периферната крв се одвива преку: 
промегакариобласт (најнезрел тромбоцитен предок), кој кога ќе се подели се нарекува
мегакариобласт, од кој со делба се добива
мегакариоцит, најголемата клетка во коскената срцевина, 35-150 микрони.
Од еден мегакариоцит можат да се создадат до 4000 тромбоцити.
 

Колкав број тромбоцити ќе има во циркулацијата главно зависи од еден гликопротеин од алфа 2 глобулинската фракција наречен тромбопоетин. 

Нормалниот животен век на тромбоцитите е 7-14 дена (до 10 дена во периферна крв). 

Основната улога на овие клетки е запирање на крварењето, наречено примарна хемостаза. 

Тоа се врши со создавање тромбоцитен чеп (со нивната можност за атхезија и агрегација) или со ослободување на прокоагулантни материи (тромбоцитен фактор 3). 

Освен за коагулација тромбоцитите се способни и за фагоцитоза на вируси и комплекси антиген-антитела (на пр. при алергиски реакции).  

Нормалниот број на тромбоцити во полна крв се движи меѓу 100 и 400 x 10 000 000 000/l.

Намалениот нивен број се нарекува тромбоцитопенија, а зголемениот број тромбоцитоза. 

При тромбоцитопенија се зголемува тенденцијата за крварења, најчесто по кожата, мукозните мембрани и при менструалниот циклус. Точкестите кожни крварења се наречени петехии. 

Главна причина за намален број тромбоцити се инфективните заболувања (бактериски, вирусни и паразитарни). 

Наспроти ова, тромбоцитозата (зголемениот број тромбоцити) се јавува при повеќе патолошки состојби како на пример, малигни заболувања, туберкулоза, црнодробна цироза, реуматоиден артрит, Кронова болест, остеомиелит, при акутна загуба на крв, при хронична алкохолна интоксикација и тн. 

По дефиниција плазма е течниот дел на некоагулирана (свежа) крв кој останува над исталожените крвни клетки.

Има три начини за издвојување на плазмата (плазмафереза):
– Центрифугирање со дисконтинуиран тек,
– Центрифугирање со континуиран тек,
– Филтрација.

Од аспект на видовите плазмафереза постојат донорска и тераписка, од аспект на начините како се врши постојат мануелна (сличен метод на дарување крв) и автоматизирана плазмафереза (каде донираната плазма веднаш се замрзнува и транспортира).

При едно дарување можат да се добијат до 600ml плазма, поточно, до 15 литри годишно.

Плазмаферезата служи за отстранување циркулирачки автоантитела, отстранување циркулирачки Иг комплекси, отстранување продукти на комплементот и на фибриногенот, елиминирање отровни супстанци (отрови, лекови).

Несакани ефекти и компликации:
– Неправилна апликација на катетер со последица крварење, пункција на нерв, секундарна бактериска инфекција,
– Хипокалцемија,
– Останати симптоми (вртоглавица, несвестица, потење, стомачни болки, треска, пад на крвниот притисок).

За кои медицински состојби е неопходна плазмаферезата:
– Акутна инфламаторна демиелинизирачка полиневропатија и автоимуна болест која го напаѓа периферниот нервен систем (Guillian-Barre Sy.)
– Нарушување на бубрезите и крварење во белите дробови (Goodpasture’s Sy.)
– Хронично мускулно дегенеративно заболување (Myasthenia gravis)
– Васкулитис на белите дробови и бубрезите (Wegener’s granulomatosis).

Во кратки црти, исхраната по крвни групи не е одговор за сите болести нити може да пружи комплетна заштита од болести или нивно лечење, но е моќно средство преку кое организмот може да ја оптимизира својата состојба.

Член на З.К.П.К. кој е докажан активист во невладиниот сектор со нејзините активности во “Здружение на родители за деца со нарушувања и проблеми во растот“, во рамките на активностите на З.К.П.К. КРВОДАРИТЕЛ, како и со нејзиниот ангажман во други НВО.
Софија, ти благодариме за твојот ангажман и допринос во нашето Здружение.

Софија Црцевска

Доктор со големо срце