Почитувани,
Пред се, би сакале да им изразиме сочувство на семејствата на починатите патници од автобусот, како и да им посакаме брзо закрепнување на повредените.
Вчера наутро, врз основа на наши информации, пуштивме информација во која кажавме дека залихите на крв во Институтот за трансфузиона медицина се во ред и ги повикавме дарители на крв да ги дополнат залихите на крв во Градската општа болница `8-ми Септември`.
Зошто?
Затоа што Институтот има повеќе одделенија за трансфузија, а при тоа во соработка со Црвениот Крст организира и акции преку кои ги дополнува своите резерви на крв.
Градската општа болница `8-ми Септември` е издвоена од целиот систем. Одделението за трансфузија во ГОБ е за сите лежечки пациенти кои треба да обезбедат семејни дарители доколку во моментот има кусок од таа крвна група.
Најголемиот дел од виралните повици во последниве години биле поради потреба на крв во Градската општа болница, која има потешкотии за обезбедување на соодветен број на крвни единици поради своето работно време: секој работен ден од 08:30 до 13:30. Ова работно време им претставува проблем на голем дел од крводарителите да излезат во пресрет, бидејќи во тој период се обично на своите работни места.
Поради ситуацијата, а знаејќи ја нивната редовна состојба со ниски залихи на крв, пуштивме информација дека е пожелно да се упатат дарители и своето дарување да го направат во ГОБ.
Нашата информација е од интерен карактер и е примарно наменета за следачите на нашите профили на Инстаграм, Твитер, фејсбук страницата, профилот и групата.
Ние имаме 5.000 пријатели на фејсбук профилот, 2.500 члена во групата, 3.800 следачи на нашата фејсбук страна, над 500 следачи на твитер и околу 800 на инстаграм. Со големата веројатност дека исто лице не следи на повеќе места, нашиот аудиториум е помеѓу 6 и 7 илјади луѓе, од кои најголемиот дел се крводарители.
Неколку портали ја превземале информацијата и ја споделиле како акција, со што повеќекратно го зголемиле аудиториумот и предизвикале навала на крводарители на местата на кои може да се изврши дарување на крв.
Ние се извинуваме поради сите непланирани ефекти од неовластеното споделувањето на информацијата. Ниту еден портал или медиум ниту не исконтактирал за дозвола, ниту пак не информирал дека го споделил.
Ги информираме сите следачи на нашите профили, како и уредниците на сите портали, дека состојбата со крвните залихи е на задоволително ниво и дека целата ситуација е под контрола.
Ги замолуваме порталите да ја отстранат информацијата која ја споделиле без да не информираат, како и во иднина да не контактираат и консултираат во слични ситуации.
Ние сме здружение на крводарители кое на брз и ефикасен начин мобилизира доволен број на дарители, и доколку има потреба за зголемување на аудиториумот, ќе го побараме тоа од нив.
Им се заблагодаруваме на вработените во Институтот за трансфузиона медицина и одделението за трансфузија во Градската општа болница `8-ми Септември` за коректниот однос, и воедно им се извинуваме за овој непланиран развој на работите.
Претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје
Дамир Смајловиќ.