Веќе подолго време добиваме поплаки од нашите членови, и крводарителите воопшто, дека праксата на уважување на потврдата за дарувана крв не важи за ослободување од плаќање на паркинг во рамките на клиничкиот центар Мајка Тереза.
Да бидеме искрени и во целост точни, и во поголемиот дел од болниците во другите градови е иста состојбата.
ЗОШТО?
Дали одговорните лица не можат да го разберат моментот дека некој човек запалил сопствено возило, дошол во болница и дал дел од себе за да спаси нечиј живот? До толку ли се оперирани од разум и совест одговорните лица, кои донесуваат одлуки за ваквите работи? Дали до толку им дошло до тие 20-75 денари кои мораат да ги наплатат од секој крводарител на секои 3 месеци, или на секоја крводарителка на секои 4 месеци?
Дали на малиот број на крводарители кои ги исполнувааат критериумите за дарување на тромбоцитен концентрат (помалце од 1000 на број), и кои се повикувани од страна на Институтот за трансфузиона медицина понекогаш еднаш или два пати месечно, мора да им биде наплатена хуманоста, што на свој трошок дошле и издвоиле околу 2 часа од своето време и поминале речиси еден час прикачени на апаратот за афереза на тромбоци?
Вака не иде на арно!
Веруваме дека сте несвесни дека со Вашите одлуки ја подривате стабилноста на системот за снабдување со безбедна крв, со тоа што креирате незадоволство кај луѓето кои можеби утре ќе треба да ги барате да го спасат Вашиот живот.
Минатата недела ја споделивме јавно информацијата дека сте ја донеле оваа деструктивна одлука, во понеделник пуштивме ново известување преку социјалните мрежи, во среда ги тагнавме на нова објава факторите кои ги сметаме за надлежни за решавање на ова прашање.
На објавата беа означени Јавното Претпријатие Градски Паркинг – Скопје, градоначалникот на Град Скопје, господинот Петре Шилегов, Министерот за здравство господин Венко Филипче и Институтот за трансфузиона медицина.
Во експресен рок беа отстранети таговите на министерот и градоначалникот. За жал, со тоа не се реши проблемот.
Денес во 12:19 прашавме на каса
-та на паркингот во рамките на клиничкиот центар и обивме одговор дека одлуката не е сменета.
Повторно јавно ги прашуваме надлежните: ШТО Е СПОРНО ВО ОВАА ПОТВРДА?
Дали на оваа потврда има сериски број, кој е единствен и поврзан со дарувањето на крв кое го направил крводарителот? Дали може да се направи дупликат и да се направи злоупотреба на истата? За ова одговор ќе дадат одговорните лица во Институтот за трансфузиона медицина.
Уште еднаш апелираме да седнете на маса и да си ја преиспитате одлуката која утре може да резултира со неволност на крводарителите да дојдат доволно брзо, и со тоа нечиј живот да биде загрозен.
Со надеж за разум,
Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје
Дамир Смајловиќ.