Свртевме нова страница. НЕ!
Поточен израз би било: ‘Сменивме цела тетратка!‘
Вака ќе ја започнеме денешната објава.
Денес, после 25 месеци и речиси 25 дена од нашиот прв официјален допис до Црвениот Крст на Р.С.М. го имавме и првиот ‘лакмус‘ состанок.
Да почнеме од почеток, со тоа што ќе кажам дека бев изненаден кога во четврток ми се јави колега крводарител со цел да побара дозвола да го проследи мојот број до ЦК, а со цел да усогласиме термин за состанок.
Навистина бев во прашалници!
Од претходниот пасус е јасно дека одобрив и дека беше дефиниран термин за денес.
Во глава ми се вртеа еден куп прашања и одговори и, со цел да си ги скратам маките, го направив следниот драфт на теми кои сакам да ги продискутираме на состанокот.
Тука ќе бидам искрен и ќе признаам дека имав позитивна трема од утврдувањето на состанокот.
На маса треба да седнеме ние, минијатурно здружение со големи срца и аспирации, со големите Црвен Крст, поим во невладиниот сектор во светски рамки.
На маса треба да седнеме ние, прстофат на крводарители ентузијасти кои се борат за крводарителите, со најголемата невладина организација, во рамките на нашите граници а воедно репрезент на најголемата невладина структура во светот.
На маса треба да седнеме ние, малите дечиња кои во надеж дека ќе бидат забележани цело време посочуваа прсти, со големиот Црвен Крст кој сите тие работи мудро ги премолчи и ја докажа својата големина.
На состанокот бев придружен од уште еден искусен крводарител, но колку значајно и гордо да звучи, наспроти нас, односно од нашата лева и десна страна седнаа грамади од искуство, кои бремето на крводарителството го носат речиси две децении.
Во овој момент сакам да им се заблагодарам на Црвениот Крст за повторно докажаната големина, но овој пат затоа што бевме примени во еден пријателски амбиент.
Да, на почетокот постоеше мала нелагодност, но кога се работи за тематика која ја живееш цели 10 години, лесно го започнавме разговорот, ги најавивме тематиките кои веќе ги имав повторено 128 пати во глава за време на викендот.
Се случи чудо. Барем за нас беше чудо бидејќи не беше очекуван таков развој.
Како завршивме ние со презентација на нашите идеи, речиси во ист манир продолжија и нашите домаќини. Се потврди фактот дека ние навистина сме на истата страна на системот – поддршка на јавната установа за трансфузиологија, со тоа што се разликуваме во нијанси кои го дефинираат нашиот спектар на активности.
Ги презентиравме нашите досегашни активности, нашата ориентација, дека немаме интерес за мешање на нивните законски уредени надлежности и дека само сакаме да му помогнеме на системот додека паралелно правиме напори за обезбедување на дополнителни поволности во приватниот сектор.
Ја презентираа нивната системска поставеност, нивните тековни активности и наговестија кои би можеле да бидат допирните точки преку кои би можеле да соработуваме во иднина.
Разменивме мислења, а и по некоја шега, ја разбравме поставеноста/ориентираноста на другиот и ги дефиниравме точките кои во иднина треба да ги користиме како цврста основа за соработка, како и точките кои треба да ги стабилизираме во иднина.
Денес, како мало бебе, го направивме третиот чекор (ако за прв ги сметаме нашите дописи а како втор нивниот телефонски повик) и со нетрпение го очекувам четвртиот, кој би требало да биде во форма на меморандум/протокол за соработка во кој ќе ги дефинираме основите на нашата идна соработка.
Уште еднаш им се заблагодарувам за подадената рака, бидејќи само големи луѓе и субјекти можат да го направат тој гест.
Со голема почит и нетрпение за впишување на успеси во новата тетратка,
Претседател на ЗКПК КРВОДАРИТЕЛ Скопје
Дамир Смајловиќ.