Добивме информација дека во најмалку едно јавно претпријатие е најавена промена на условите за користење на деновите стекнати со дарување на крв, примарно уредени со ‘Законот за работни односи’ а дополнително дефинирани со колективните договори.
Каде е проблемот?
Проблемот лежи во тоа што е премногу меко дефиниран членот 150 во ЗРО.
Каде е грешката?
Законот мора да се смени (за што ќе поднесеме иницијатива до собранието) и на местото: `има право` да се вметне му следуваат
, со што истите ќе станат мандаторни.
Проблемот со оваа мека формулација на бенефицијата е што тоа право би требало да се одобри, ама може и да се одбие.
Веќе подолго време добиваме поплаки од крводарителите кои се вработени во приватниот сектор дека не им се одобруваат на користење двата дена, што е дискриминација и мора во блиска иднина да се воведе служба која би проверувала дали сите реализирани дарувања ги добиле на користење двата дена. Доколку инспекцијата открие дека деновите не биле одобрени за користење, истата да донесе решение работодавачот да му исплати соодветен број на дневници колку што денови од крв му нема одобрено на крводарителот.
Непостоењето на правилник кој ги регулира овие 2 дена, кои да повториме дека се дефинирани и одобрени со закон, создава еден куп други проблеми.
Ќе наброиме неколку од нив:
– На поедини места се одобруваат било кои 2 последователни работни дена, што е коректно според членот во законот;
– На поедини места се одобруваат двата следни работни дена после извршеното дарување на крв, што е повторно донекаде коректно, но мора да нагласиме дека никаде во членот не пишува: деновите мора да бидат поврзани со дарувањето;
– Поедини работодавачи го одобруваат денот на дарувањето и наредниот ден, што е делумно оправдано но прилично некоректно. Ќе образложиме подоле.
– Поедини крводарители не се во можност да ги искористат деновите бидејќи се сменски работници и фактички 2 нивни смени се 2х12 работни часа, а не општо планирани 2х8 работни часа. Исто ќе го образложиме подоле. И за жал,
– Поголемиот дел од работодавачите во приватниот сектор не ги одобруваат за користење двата дена кои следуваат со извршено дарување на крв.
На крај само ќе ја спомнеме посебната категорија на дарители: Дарителите на тромбоцитен концентрат.
Ќе почнеме од втората ставка, бидејќи првата не е спорна.
Одобрувањето на денови веднаш по дарувањето го стимулира крводарителот да се воздржи од дарување на крв се до моментот кога нема потреба од користење на денови.
Што ако баш во тој период не е во состојба да дарува поради работни обврски или здравствени причини? Дали со ваквиот третман не се ограничува обезбедувањето на стабилни резерви со крв, покрај самото демотивирање на крводарителот во што повеќе наврати да ја искаже својата хуманост?
Информацијата која ја иницира оваа објава е тоа што поедини јавни претпријатија одлучија да го одобруваат денот на дарувањето и следниот ден, односно третата ставка.
Каде е тука проблемот?
Проблемот лежи во тоа што вработените треба да дојдат на работа, да поминат речиси половина од своето работно време, да даруваат крв(што по дефолт ги ограничува да го направат своето дарување на крводарителна акција која се организира во работните простории, а можеби крводарителот ќе биде повикан од свој близок да направи дарување за некој човек) и после дарувањето да заминат на првиот(односно веќе само половина од него) слободен ден утврден со закон.
Што правиме ако на денот на акцијата крводарителот не се чувствува најдобро? Ќе мора да ја чека следната? Зошто тогаш ЈУ ИТМ има работно време до 17:30 часот(во моментов, а обично е до 19) за работа со крводарители? Зошто ЈУ ИТМ работи со дарители и во сабота? Се разбира дека одговорот е: ЗА ДА СЕ ОЛЕСНИ ДАРУВАЊЕТО И СЕКОЈ КРВОДАРИТЕЛ ДА ДАРУВА ВО МОМЕНТОТ КОГА Е НАЈСООДВЕТНО(според пропишаните временски паузи помеѓу 2 дарувања) ЗА НЕГО, ОДНОСНО НАЈМНОГУ МУ ОДГОВАРА СОГЛАСНО НЕГОВИТЕ ОБВРСКИ.
Четвртата ставка, односно сменските работници се во најнеблагодарната категорија која е во можност да добие денови. Нивните смени се 12/24-12/48 или 72 часа. Фактички, ако во закон е 2 последователни работни дена(2х8 часа, во рамки на 48), 2 работни дена на сменскиот работник е:
1. 24 часа во рамки на 50(8 часа повеќе); и
2. Дополнително, ако се одобри било какво користење на деновите, тогаш доаѓа до големи рекомбинирања за оспособување на планот за работа, со цел да се покријат смените на крводарителот.
Оваа категорија ќе се проанализира и продискутира некој друг пат, многу подетално, со сите ПРО и БОНО опции.
Петтата ставка, односно поголемиот дел од крводарителите кои се вработени во приватниот сектор воопшто не ги добиваат двата слободни дена поради лошата формулација на членот 150 од ЗРО. Како што кажавме, планираме да поднесеме иницијатива за замена на меката формулација со многу покрута форма на истиот израз, а воедно ќе бараме да се систематизираат барем 9 работни места за крводарители, кои во новиот инспекторат ќе бидат задолжени за проверка на одобрувањето на деновите и изготвување на соодветни поднесоци до работодавачите кои нема да ги одобрат деновите.
Пред самиот крај, како и во самото набројување, ги спомнавме и само периферно ќе ги допреме дарителите на тромбоцитен концентрат и плазма.
Ако обичното дарување трае се на се 15 минути, целата постапка за тромбоцитофереза трае во глобала 90 минути, односно: општа здравствена проверка, изготвување на крвна слика со цел сооветно програмирање на апаратот, самата фереза трае помеѓу 40 и 55 минути, и секако, куса пауза после секое дарување. Каде е тука логиката дарител на тромбоцити да влезе во било која од другите категории, освен во првата? Мора да напоменеме дека бројот на активни дарители на тромбоцити е помал од 1000, а според наши претпоставки се движи околу 700.
Со овие општи појаснувања на праксите како (не) се одобруваат на користење деновите од крв, уште еднаш упатуваме јавен повик до сите работодавачи да бидат пофлексибилни во одобрувањето на деновите, за луѓето кои можеби утре ќе го спасат нивниот или животот на некој нивен близок.
Во исто време ги повикуваме сите надлежни институции да ги превземат сите неопходни мерки и активности, со цел да ги заштитат и онака малкуте останати бенефиции на крводарителите.
Во моментов ја затвораме темата, но наскоро ќе ја продлабочиме поаргументирано: ЗОШТО ПРВАТА ОПЦИЈА Е ИСПРАВНАТА ОПЦИЈА!