QUO VADIS Крводарителство 2

За време на новогодишната атмосфера, оплеменета со предизборен маркетинг полн со медиумски спинови и игнорирања на важни теми кои ги засегаат крводарителите, решивме да се осврнеме уште еднаш на “достигнувањата” на системот кој постои поради крводарителите и неговиот основен ресурс за работа се токму истите.

Пред месец и половина престанаа да се уважуваат потврдите за дарувана крв, и на крводарителите почна да им се наплаќа паркинг за периодот во кој со свое возило дошле, самоиницијативно или на повик, некому да продолжат живот. Секоја чест на тие кои ја донеле таа одлука!

Една наплатена хуманост.

Да биде работата поинтересна, доделена е награда за најдобар крводарител со невозможна бројка на дарувања на крв. Ние како Здружение ќе бараме објаснување кој ја потврдил таа бројка со која е номиниран добитникот на награда.

Штом ООцк Скопје го номинирал, би требало да има увид во сите 218 дарувања на крв. Ако ја нема, тогаш го злоупотребил своето влијание за да добие награда човек кој на чуден начин се стекнал со благонаклоност од ООцк Скопје.

Ако ја имаат деталната историја на дарувања на добитникот, со кое право премолчувале дека човекот дарува со паузи пократки од законски уредените? Кој ќе одговара за можноста на крводарителот да му се влоши здравствената состојба? Дали за ова ги добиваат парите од ИТМ( речиси 9 милиони денари) и Министерството за здравство ( според најавата на 17.03.2019-та, 25 милиони денари)?

Кој од докторите кои дозволиле да се дарува крв со пауза помала од пропишаната ќе сноси одговорност? Дали биле свесни дека со нивниот потпис ги уриваат основните правила на служба за која добиле специјализација и го хранат своето семејство кршејќи ја ‘Хипократовата заклетва’?

Дали основната причина зошто ги игнорираат нашите подадени раце, во вид на званични дописи, е само затоа што знаат дека нема да се согласиме со агендата која планираат надлежните институции да ја спроведат?

Дали е точно дека треба да стапи на сила акт кој сериозно ќе ги редефинира правата на крводарителите? Ние имаме некои информации, ама ќе почекаме со информирање на крводарителите се додека не обезбедиме официјална потврда на промените.

Да бидеме реални, крводарителот како поединец последниве 3 децении постепено губеше привилегии. Прво се укинаа бесплатните лекарства, па протези и импланти, стоматологијата, а сега во име на проевропски реформи ќе се редефинираат поголемиот дел од тие ситници кои останаа.

Ние не можеме да сносиме одговорност за работите кои се случиле пред да се формираме, на 06.12.2018-та година. Не е дека сакаме да се амнестираме, бидејќи и тогаш сме морале да реагираме, ама не сме биле соодветно организирани и претставувани.

Ние, како здружение, ќе направиме се што е законски дозволено за да се спречи уривањето на статусот на постаментот на највиталната супортивна медицинска асистенција, неговата маленкост, крводарителот. Ние имаме детален увид во сите бенефиции кои ги затекнавме како актуелни и нема да размислиме два пати пред да ги објавиме сите кои се инволвирани во укинувањето на некоја бенефиција.

Наскоро, на нашиот сајт и сите наши профили, ќе објавиме листа на сите инволвирани во сите активности со кои се подрива крводарителот и неговите права, а и крводарителството како најважна хумана дејност. Ќе ги наречеме ‘Олимпијци во крводарителството’, бидејќи учествувале во некои активности, платени со државни пари, а сепак ефектите не се вредни да се спомнат. Барем не во позитивна конотација.

Први на листа ќе бидат сите фактори од здравството, кои покажале неспособност или во најмала рака незаинтересираност за решавање на ситуацијата со наплатата на паркинг кога крводарителот дарува крв. Се разбира, тука нема да бидат поштедени ниту градоначалникот(кој го назначил: ) директорот на ЈП за паркинг, како и целиот одбор кој ги донесува одлуките.

Не, ова не се однесува само за клиничкиот центар во Скопје, туку ќе ги објавиме сите кои со години им наплаќаат паркинг на крводарителите во другите градови, дента кога дарувале крв.

Следни на листа ќе се најдат сите инволвирани во случајот ‘Предвремено дарување крв’, и така ќе продолжиме со сите кои биле вклучени во изработка на подзаконскиот акт кој ги редефинира бенефициите на крводарителите.

Ние искрено немаме право да бараме било каква одговорност од поголемиот дел од тие лица за нивните работни задачи(освен за случајот ‘Предвремено дарување крв’), ама чувствуваме потреба јавно да ги објавиме нивните напори, и со тоа да им овозможиме на крводарителите кои ги познаваат, лично да им се заблагодарат при првата нивна средба.

Можеби немаме начин да допреме до одговорните за сите прашања кои ги засегаат крводарителите, и за жал, немаме начин да ги примораме да не сослушаат и да уважат барем дел од нашите предлози, ама барем ќе им ги уважиме сите нивни напори!

Секој кој земал активно учество во редефинирање на бенефициите, кои воглавном постојат само на хартија (слика која ја праќа ООцк до крводарителите во декември 2019-та) ќе има бесплатна реклама за неговите заслуги.

Крводарителите се добри и хумани, ама повеќе не простуваат. Кратете ги патните трошоци на функционерите кои се преселени во Скопје, а не правата на крводарителите!

Без оглед на тоа Кој, од која партија, на која функција или од кој етникум, не нѐ интересира! Или сте коректни со крводарителите, или ќе се најдете на ѕидот на срамот, каде ќе се дружат непочитувачите на луѓето кои се достојни за почит без поговор: крводарителите.

Изборот е Ваш, а суперлативите за Вашата креативност и иновантни мерки за стимулација на крводарителите ќе биде наш.

Се гледаме на ѕидот. Барем ќе ги гледаме тие десетина кои за сега го потврдиле својот пласман.

2 thoughts on “QUO VADIS Крводарителство 2”

    1. Делумно се сложуваме.
      СЕ за да се помогне, ама во рамките на правилата.
      Не може поголемиот дел од крводарителите да бидат враќани за 2 дена пред истек на заолжителната пауза, а на поедини постојано да им се прогледува низ прсти.
      Ние воопшто не го обвинуваме крводарителот. Тој имал желба да помогне и помогнал.
      Ние сакаме да се пронајдат тие кои го овозможиле тоа, да се санкционираат и да се прекине со таквата пракса на привилегирани поединци.
      Ако веќе е докажано (со овој експеримент, ако можеме да го наречеме така) дека може да се дарува крв и почесто од законски пропишаните паузи, во тој случај може и да се започне иницијатива за промена на законски пропишаната пауза, па и други крводарители кои се здрави и ги исполнуваат потребните норми да можат да даруваат крв.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *