Велик викенд, викенд за големи работи

Велик викенд, викенд за големи работи.
Така ќе ја започнам оваа објава.

Насловот почнува така, не затоа што сакам да користам србизми, туку затоа што истиот збор го одбележа викендот преку чествувањето на Велиг(К)ден.

Покрај одбележувањето на големиот празник на трудот “Први Мај“ и најголемиот православен верски празник, викендот го одбележа и една симптоматична објава до страна на челникот на министерството за здравство и челникот на владата, господата Филипче и Заев.

Имено, гореспоменатите, дарувале крв во саботата. Како крводарител кој се приближува на трицифрен број на дарувања им подавам рака за гестот. Во овој тежок период секоја единица крв е добредојдена. Затоа им беа врачени благодарници на кои, за жал, не можеме да видиме што пишува.

Благодарниците кои ги добија директорот на ЈЗУ ИТМ, министерот за здравство и претседателот на Владата.

Да загребеме под позлатата и зад хвалоспевите.

Дарувањето беше во одделението за трансфузиона медицина во Струмица.

Што е тука спорно?

Одделението за трансфузиона медицина во Струмица работи со крводарители само во понеделник и четврток, во временскиот интервал од 09 до 13 часот.

Од каде знам дека е тоа работно време?
Бидејќи редовно комуницираме со крводарителите и со семејствата на пациентите(јавен повик на социјалните мрежи) за кои треба да се обезбеди крв.
Еве, за пример, ќе спомнеме еден кој датира од месец Март.
За пациент од Струмица беа потребни повеќе единици А+ за итна кардиолошка операција.
На семејството му било кажано да се организираат со дарители до четврток, и да дојдат тој ден да даруваат – ВО ВТОРНИК, бидејќи понеделник веќе помина.
Нејсе, со наша добра координација обезбедивме соодветен број на крводарители во Скопје и операцијата помина успешно, според повратните информации кои ги добив од член на семејството.

Да резимираме: ДАРУВАЊЕТО Е НАПРАВЕНО ВОН СТАНДАРДНОТО РАБОТНО ВРЕМЕ НА СЛУЖБАТА!

Но, тоа не е се!

Дарувањето е направено на “Први Мај“, кој е законски уреден како неработен ден бидејќи е Државен празник.

Да резимираме по втор пат: ЗА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА ОВА ДАРУВАЊЕ СЕ ПОВИКАНИ ВРАБОТЕНИ ВОН НИВНОТО СТАНДАРДНО РАБОТНО ВРЕМЕ И НА ДЕН КОЈ Е ПРОГЛАСЕН ЗА НЕРАБОТЕН КАКО ДРЖАВЕН ПРАЗНИК ЗА ЧЕСТВУВАЊЕ НА ТРУДОТ.

Да видиме како ја споделија радоста за добиените благодарници на своите профили…

Објавата е превземена од профилот на премиерот.

 

Објавата е превземена од профилот на министерот за здравство.
Но, работите не запираат тука.
Следната објава на профилот на министерот за здравство.

Во следната објава која ја објави господинот Филипче, тој спомна дека реновирањето на просториите на службата за трансфузиона медицина во Струмица е благодарејќи на лична донација на господин Зоран Заев, кој воедно е и претседател на владата.

Да видиме што објави самиот премиер.

Следната објава на премиерот.

Господинот Заев, помеѓу другите работи, кажува дека одделението е реновирано преку проект кој траел 14 месеци.

Реновирањето е извршено преку проект кој траел 14 месеци!

Прашањето кое се наметнува е:
Кој ја кажува вистината?

Да проанализираме малку…

Ако лицето Стојко Стојковски донирало ХХХ финансии за реновирање на нешто:
– Се издвојуваат средства за промена на електрична инсталација (адаптација согласно новите проекции/планирања на просториите) и се најмуваат изведувачи;
– Се издвојуваат финансии за санација на ѕидовите и се најмуваат изведувачи;
– Се проектира потребниот мебел, се наоѓа изведувач на истиот и се порачува; и
– Се заокружува целиот проект за недела-две-три, или максимум за 3 месеци.

Навистина сум збунет како може едно реновирање да трае 14 месеци, бидејќи за 14 месеци се планира изградба на поголемиот дел од новиот клинички центар, чија изградба никако да почне.

Да загребеме малку подлабоко под позлатата.

Малку крводарители, и луѓе воопшто, знаат дека од пред неколку години ЈЗУ ИТМ се трансформираше и ја редефинираше својата постоечка систематизација/органограм.

Во моментов ЈЗУ ИТМ има 4 главни центри, односно: Скопје, Битола, Тетово и Штип, кои работат со крводарители(барем би требало, начелно) секој работен ден и се центри во кои се тестира, обработува и праќа крвта до другите одделенија(на нивната територија), односно до болниците од подрачјето кое го покриваат.

Според наши информации:
– Седиштето во КЦ “Мајка Тереза“ е реновирано и во моментов има некои мали доработки;
– Одделението во Битола веќе подолго време се реновира, односно речиси исто како и одделението во Струмица според изјавата на премиерот;
– Одделението во Тетово не е почнато со реновирање; и
– За одделението во Штип немаме информација за просторно уредување/реновирање и затоа ќе го тргнеме на страна. Барем за кратко.

Како може да се реновира службата во Струмица, која потпаѓа под регионалниот центар Штип, а притоа надлежната служба да не е реновирана? Идеме со претпоставка дека службата во Штип не е реновирана.

Како може проектно да се реновира служба за трансфузиологија, кога барем една од главните централни не е реновирана?
Ајде, Битолското одделение е можеби во завршна фаза, ама Тетовското не е ниту почнато.

Се наметнуваат неколку прашања, меѓу кои:
– Дали на благодарниците пишуваше: ВИ БЛАГОДАРИМЕ ШТО НЕ ПОВИКАВТЕ НА РАБОТА НА ПРВИ МАЈ или ВИ БЛАГОДАРИМЕ ШТО ПРЕКУ РЕД ЈА РЕНОВИРАТЕ НАШАТА СЛУЖБА?
За второто се мисли дека е одобрено реновирање на службата во Струмица со аферим на ИТМ, по сугестија на министерот поради јавување од премиерот (таа фамозна донација од негова страна, односно забрзување на проектот за службата во која има дарувано 36 пати – така во еден коментар кажа раководителката на службата).
– Дали приоретизацијата е поради тоа што, според информациите со кои располагаме, раководителката за цел штипски регион е фактички раководителката на струмичкото одделение, па затоа е донесена одлука прво да се реновира помалото одделение наспроти регионалниот центар?

Тука повторно ќе повторам: ОВА Е ИНФОРМАЦИЈА СО КОЈА РАСПОЛАГАМ, НО КОЈА НЕ Е ПОТВРДЕНА ВО МОМЕНТОВ. Земете ја со резерва, иако сум сигурен во нејзината точност. Ако се потврди ако точна, мене лично ме интересира според кои компетенции е направен изборот да раководител на регионален центар е од друг град и истиот да работи во друг град а не во дирекцијата.
Ако имам погрешна информација, која можат да ја побијат со приложување на систематизација и кадровското пополнување на истата(назначување), однапред се извинувам за можната грешка.

Да се навратиме, односно да ја потврдиме информацијата дека претседателот на Владата е крводарител со 36 дарувања.

Од горната слика, а веќе 48 часа после првиот мој коментар и 24 часа од вториот, одговорната за службата во Струмица не даде одговор на простите прашања околу кои гравитира денешната објава.

Да го резимираме викендот.

Својата хуманост ја покажаа министерот и премиерот, дарувајќи вон времето кое е предвидено за работа на службата, на ден кој е законски прогласен како неработен и во одделение кое е реновирано или со донација од поранешниот градоначалник на градот Струмица или преку проект кој траел 14 месеци.
Се надевам дека наскоро ќе се дознае која информација, во врска со реновирањето, е точна.

Додека сме на тема крводарителство, а се спомнати актуелните министер за здравство и претседателот на владата, да се потсетиме на два од повеќето дописи кои ги имаме доставено до нивните архиви а кои истите ги немаат одговорено.

Првата страна од дописот од 2019-та.
Втората страна од дописот од 2019-та.
Третата страна од дописот од 2019-та.
Четвртата страна од дописот од 2019-та.

Овој допис беше доставен до ЈЗУ ИТМ, МЗ, МТСП, Кабинетите на Премиерот и Претседателот, како и до ЦК на знаење.

Првата страна од дописот од 2020-та.

 

Втората страна од дописот од 2020-та.

Овој допис беше доставен до ЈЗУ ИТМ, МЗ, МТСП, Кабинетите на Премиерот и Претседателот, ЦК на знање и до ЦУК со надеж дека овие теми ќе бидат продискутирани на Главниот Штаб и ќе се изврши институционален притисок за имплементирање на дел од нив. Како што гледате, во прилог на вториот допис беше и копија од претходниот.

Вториот опис беше одговорен од страна на кабинетот на Премиерот, ама само да известат дека процениле дека истиот треба да се препрати до министерството за здравство.
Добивме и одговор од ЦУК во кој кажаа дека ќе бидеме повикани во случај да има потреба од дополнителни консултации и информации.
И конечно, после неколку дописи, добивме покана за состанок со ЦК на кој постигнавме начелен договор за соработка во иднина. Со нетрпение чекаме истиот да биде потврден преку повелба за соработка и со заеднички активности за промоција на крводарителството.

Ги чекаме одговорите од факторите кои ги дефинираат бенефициите кои ги добиваат крводарителите.
Тука ќе спомнам едно нешто.

Лани, со поддршка на Здружението на млади правници, изработивме општо барање за рефундација на противправно наплатена партиципација, кое го преточивме во следниот систем: pp.krvodaritel.org . Тогаш нивното здружение откри дека во моментов нема правен акт во кој се дефинирани крводарителските бенефиции, односно од кога е сменет законот за здравствена заштита, и од него е исфрлен членот во кој беа дефинирани крводарителските бенефиции, од тој момент нема законска основа за било какви бенефиции.
Тука лежи зајакот зошто така лесно може дел од нив да се исфрлаат согласно желбата на луѓето кои ги дефинираат, или согласно налогот кој можеби им го доставил некој надлежен.

Да го нагласам и прашањето со имунизацијата!

Свесни сме дека вакцините и процесот на имунизација не се одвиваат на задоволително ниво, ама тоа не е изговор да се заборави стожерот кој на свои раце, преку своите вени, го одржува витален целиот здравствен систем.

Пред 3 недели имаше објава на новите критериуми за дарување на крв после имунизација на крводарителите.

 

 

Линк до објавата на критериумите: https://itm.org.mk/ажурирани-критериуми-за-избор-на-дари/

Да го тргнеме превезот од очите.

Заразен крводарител не може да дарува крв најмалку 6 недели: 2 недели задолжителна изолација и 4 недели после прележување. Доколку има пост-Ковид компликации, одлагањето може да биде подолго, па дури и трајно.

Ако се имунизира крводарител со вторите вакцини:
– Ја прима вакцината; ја прима ре-вакцината после 3 недели, со што не е во можност да дарува крв најмалку 7 недели.

Императив е да му се наложи на ЈЗУ ИТМ да почне со контактирање на крводарителите и да пополнува термини за имунизација кои ќе бидат договорени во соработка со МЗ.

Како здружение и даваме предност на вакцината Фајзер бидејќи со неа не би се нарушил циклусот на дарување на крв, барем не многу.

Работа која мора да се прифати:
ДАРИТЕЛИТЕ НА ТРОМБОЦИТИ МОРА ДА БИДАТ ПРИОРЕТИЗИРАНИ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА СО ВАКЦИНАТА НА ФАЈЗЕР, СЕ РАЗБИРА, ДОКОЛКУ СЕ СОГЛАСАТ ДА СЕ ИМУНИЗИРААТ СО НЕА!
Зошто МОРААТ?
Затоа што интервалот во кој тие даруваат е МИНИМАЛНО 3 НЕДЕЛИ.
Ако го земем во предвид фактот дека нивниот број, бројот на дарителите на тромбоцитен концентрат преку тромбоцитофереза, се движи околу илјада, немаме многу простор за импровизации без да го нарушиме процесот на обезбедување на тромбоцитен концентрат за хематолошките и онколошките пациенти, како и за другите пациенти кои поради комплицирани оперативни зафати имаат потреба од тромбоцитен конценрат.

На крај…

Ги повикувам челниците на ЈЗУ ИТМ, МЗ, МТСП, кабинетите на Премиерот и Претседателот, како и директорот на фондот за здравствено осигурување, да формираме работна група на која ќе се разгледаат моментално актуелните крводарителски бенефиции и можноста за враќање на дел од бенефициите кои со тек на време беа изоставувани од ткн “позитивна листа“.

Крводарителите се категорија на граѓани без кои системот ќе крахира и затоа мора да ги вреднуваме нивните заслуги и да се грижиме за нив и нивните потреби, бидејќи само на тој начин ќе обезбедиме систем кој ќе има стабилни резерви на крвни продукти.

Со надеж дека наскоро ќе се разјаснат дел од темите кои ги посочив во оваа објава, дека конечно системот ќе го сфати и прифати значењето на крводарителите и дека ќе почне соодветно да го валоризира,

Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *