Веќе неколку дена го мислам работниот наслов за годишното обраќање, и мислам дека нема посоодветно од ова.
Мислам дека сите имаме една желба за следната година, а тоа е да ја снема оваа небиднина од нашите животи, а после тоа доаѓаат здравјето, среќата, успесите и секако љубовта, со акцент кон човештвото.
Ова беше тешка година за сите, ама ја пребродивме некако.
Им изразувам сочувство, и големо извинување на сите кои ги извисивме поради условите, ама одговорно тврдам дека нашето здружение го даде максимумот кој можеше согласно општите и посебните услови.
Под општи услови мислам на сите потешкотии кои ги наметна справувањето со невидливиот окупатор, вирусот.
Под посебни услови мислам на вирусот на апатија кон крводарителите и крводарителството од страна на (не)одговорните во надлежните правни субјекти и институции.
Да го појасниме вториот дел.
Постоиме официјално 2 години, ама ЈУ итм, Мин. за Здравство, МТСП, Владата, Претседателот и НВО цк одбиваат соработка со нас и не сакаат да ги земат во предвид нашите ставови, кои не се мои туку НАШИ, односно собрани преку анкети кои ги пополниле речиси 1000 крводарители. БЕДА!
Тоа што системот не те уважува само затоа што на прво место ги ставаш тие од чии вени зависи целиот здравствен систем, не зборува за нас туку за системот!
Ние сме невладина формирана од крводарители, формирана за крводарители и со основни цели:
– Да се поврземе и организираме едни со други, и со тоа да си помогнеме меѓу себе;
– Да им излеземе во пресрет на сите повици за крв кои ќе ги најдеме на социјалните мрежи; и
– Да направиме напори да се обезбедат дополнителни бенефиции за крводарителите, во приватниот сектор, кога веќе државните институции сеуште го држат курсот со кој 3 децении само се намалуваат крводарителските бенефиции.
Ние веќе две години го правиме тоа!
Некој ќе праша како?
Ние сме невладина на крводарители која системски се поставува како неофицијален крводарителски синдикат и, како таков, склучуваме договори со правни субјекти за поволности кои ќе може да ги ползуваат крводарителите кои се официјални членови на здружението – со приложување на официјална членска картичка.
Им се заблагодарувам на сите досегашни, активни и неактивни, поддржувачи и соработници, и воедно упатувам повик до сите правни субјекти да се вклучат во поддршката на активностите на нашето здружение бидејќи никогаш не се знае кога ќе им треба поддршка од членовите на нашето здружение.
Зачленувањето е доброволно, а ефектите се повеќекратни, ама тоа ќе го образложиме некој друг пат.
Важно е крводарителите да разберат дека е неопходно да се обединиме и заедно да изградиме подобра иднина за најхуманите луѓе.
Од нашите активности можеме со гордост да кажеме дека се дефинирани категориите на членски картички, финализирани се шаблоните и го олеснивме пристапувањето кон здружението преку линкот во претходниот пасус.
Нашите идни активности се активирање на корисничкиот дел на нашиот сајт(во финална фаза е, а секој член ќе има своја дигитална база на податоци и ќе може да учествува во дискусии преку интерниот форумски дел) и се надеваме дека до крајот на првиот квартал ќе имаме мобилни апликации во кои ќе биде адаптиран корисничкиот дел: пристап до електронска верзија на членската картичка, увид во сите места каде имаме договорени поволности, информации за наши активности и закажани крводарителни акции и, најважно од се, ќе има нотификации за повици за крв кои ќе се праќаат до крводарителите кои, според последното пријавено дарување во системот, исполнуваат услови за обезбедување на потребната крв.
Да бидеме искрени и реални: ние немаме буџет и сето ова се прави на доброволна основа!
Нашето здружение активностите ги спроведува со финансиите од годишните членарини (100 денари за крводарители и 2500 за тие кои не се крводарители) и со евентуални донации на нашата сметка.
Ние би сакале да имаме стабилна финансиска конструкција и да можеме да бидеме мобилни и активни, ама моменталните услови наложуваат да функционираме воглавном преку социјалните мрежи и преку мобилен телефон.
Се надевам дека следната година ќе ја дочекаме во наши простории, со платени волонтери, со барем 2 службени возила со кои барем еднаш месечно ќе го посетиме секое поголемо населено место за да одржиме состаноци и консултации со членовите/крводарителите, со најмалку 10.000 члена и договорени попусти во сите населени места.
Ова се нашите желби и планови, кои следат после стабилизирање на состојбата со вирусот.
Во име на екипата која стои зад сите активности на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ (Скопје) Ви посакувам многу спасени животи (а со тоа и здравје, бидејќи само здрав крводарител може да дарува крв), радости и успеси со секое заокружување на датите на новиот календар.
Дамир Смајловиќ.