Извинување поради избрзана објава!

Да почитувани крводарители, и Вие кои тоа не сте, се случуваат грешки!

Грешки се случувале од постоењето на човештвото, а ќе се случуваат и во иднина.
Разликата е во големината на човекот, или во овој случај Здружението,  дали ќе ја препознае, дали ќе ја признае и дали ќе се извини за својата грешка!

Ние сме едно од тие ретки здруженија кои немаат проблеми со комплекси, најверојатно бидејќи сме во основа хумани а со тоа понизни и човечки, па без проблем смогнавме сила и да си ја признаеме грешката.

Во што се состои нашата грешка?

Нашата грешка е тоа што избрзавме да споделиме на нашите официјални профили информација која ја добивме од наш член, кој вчера случајно го имаше своето јубилејно 50-то дарување на крв. Таа информација беше објавена на фејсбук профилот на нашето Здружение, што ќе го видите на следната слика.

Објавата на `нашиот ѕид`

Бидејќи им веруваме на крводарителите, особено на нашите членови, го објавивме следното:

Објавата која беше отстранета од нашите профили.

Во овој момент им се извинуваме на јавната установа `Институт за трансфузиона медицина` за избрзаното споделување на информацијата.
Признаваме дека избрзавме и Ви се извинуваме за тоа!

Што избрзавме?

Избрзавме со изнесување на мислењето дека некои од нивните вработени не се на ниво на задачите кои би требало да ги извршуваат.

Признаваме дека требаше да ја потврдиме информацијата, со праќање на барем уште двајца крводарители во истата служба со цел да се потврди или побие објавата на нашиот ѕид, а после тоа да излеземе со соодветна објава.

Но, во исто време цврсто стоиме на ставовите зад хаштазите.

Зошто?

Затоа што во последниве 5 месеци бевме сведоци на низа на големи пропусти какви не би смееле да се случат во функционирањето на добро организиран систем, каков што би требало да биде системот за обезбедување на безбедна крв.

Ќе почнеме од последниот случај, кој го објавивме вчера.

За време на прогласена ВОНРЕДНА СОСТОЈБА и актуелни препораки со извршна сила, вчера беше дозволено на крводарителна акција да не се испочитуваат препораките кои ги пренесува министерот за здравство во име на (во моментов) техничката Влада.

7 луѓе во простор од 5 метра, од кои еден без заштитна маска.

Дали е ова прифатливо за организација од ваков карактер?

Ќе споменеме само неколку поединци од кои би можело да се бара одговорност за случениот пропуст:
– човекот кој ја планирал таа крводарителна акција, а не предвидел дека во толку мал простор, во одреден временски период ќе има преголема група на луѓе;-

– човекот што ја одобрил за спроведување акцијата, бидејќи и тој го занемарил претходно спомнатиот момент;

– домаќинот кој не проверувал кој и како влегува во просторијата, односно не се водел според препораките дека во една просторија не треба да има голем број на луѓе, а згора на тоа дозволил да влезе човек без да носи соодветна заштита;

– човекот без соодветна заштита;

– екипите од двете организации, ИТМ и цк, кои не реагирале откако приметиле дека во просторијата има човек кој слободно се движи без маска(згора на тоа и двете на своите официјални профили објавиле слики од него!);

– организаторот на просторот поради премногу збиени кревети, односно несооветно бирање на просторија за толкав број на планирани дарители.

Втор момент кој укажува на слабост на системот е што невладината која е официјален партнер за промоција на крводарителството и која дава поддршка при сите крводарителни акции, со години им пласира неточни, поточно кажано застарени информации, на крводарителите а сето тоа финансирано со пари од народната каса.
Тие информации можете да ги видите на следната слика, а деталите може да ги прочитате на линкот под неа.

Картичката за повик на крводарителна акција, која има голем дел на застарени информации

Во овој момент ќе се навратиме на нашето извинување на почетокот.

Ние смогнавме сили и ја признавме нашата грешка, ама невладината која речиси 10 години(можете деталите да ги видите на линкот под сликата) праќаше покани за крводарителни акции со застарени(читајте неточни) информации, кои се финансираат со народни пари, веќе втор месец ниту ја демантира нашата објава ниту се извини заради својот (не)намерен пропуст. (не) стои про-форма, бидејќи грешка/пропуст се случува еднаш, а не долг низ на години!

Ќе спомнеме тука дека одговорност би требало да се бара и од тие кои ги направиле повикот, тие кои го праќале, ама и од тие кои одобрувале финансии за истиот да се печати( и користи!) без да проверат дали на него се печати соодветен информативен материјал.

И како последен пример кој ни дава за право да се запрашаме: `Дали има пилот во авионот?` е случајот со апсолутниот шампион за дарувања на полна крв, кој за своите дарувања доби и награда од градоначалникот на град Скопје. Општ увид ќе видите на следната слика, а за деталите може да се информирате на линкот под неа.

Објавата за наградата за 218 дарувања на крв

Со цел да добитникот на наградата направи 218 дарувања на крв(54х4=216), потребно е да дарува крв на секои 3 месеци во последователни 54 години. Нешто што е малку веројатно, некој да не се разболи баш при термините за дарување на крв цели 54 години, ама теоретски е возможно.

Ако тргнеме од фактот дека крводарителот започнал со дарувања на  крв на своите 17 години, 17+54=71 година, а законски е уредено дека горната старосна граница за дарување на крв е 65 години, крводарителот или дарувал премногу често или дарувал после навршување на горната старосна граница.

Двете опции не се дозволиви согласно моменталната законска уреденост на дарувањето на крв.

Нешто овде не е како треба. Зошто?

И ние се прашуваме ЗОШТО?

Според одговорот кој го добивме од град Скопје, добитникот е номиниран од страна на ооцк на град Скопје, а согласно евиденцијата на ЈУ ИТМ и нивниот електронски систем за евидентирање на дарувања на крв: е-делфин.

Дали е возможно во систем кој добро функционира да кикснат двата главни и единствени фактори за крводарителството, во случајов со лошо водење на своите бази на податоци, или да се свесни за тоа а да не разменат витална информација дека еден крводарител дава крв почесто од законски утврдените 4 пати годишно, со што може да го наруши своето здравје?

За нас тоа е неприфатливо!

Поради овие 3 причини, а има и други кои се помалку важни или не се обзнанети во моментов, ние сметаме дека овој систем е нефункционален. Барем не е функционален на ниво на кое би требал да биде!

Ние бараме во него да се вклучат и да имаат активна улога и крводарителите, преку крводарителските здруженија, со што би се намалиле можностите за вакви огромни пропусти кои ги воочивме и посочивме за моменталното функционирање на системот.

Да резимираме на крај:

Признаваме дека згрешивме со објавата на капачето од шише од сок, каков се дели после извршено дарување на крв, а на кое се гледа дека е со поминат рок на траење. Згрешивме и им се извинуваме на сите кои се почувствуваа опфатени/посочени во нашата објава. Признаваме дека избрзавме бидејќи не ја потврдивме информацијата со барем уште еден наш дарител.

Сега е веќе невозможно да се потврди или побие таа информација, бидејќи можеби било последно шише од таа затурена или заостаната пратка.

Но, ние не отстапуваме ни милиметар од претходно аргументираниот став дека овој систем на овој начин не функционира на соодветно ниво и дека е време за ремонт на истиот!

Тука сме, со подадена рака како и при секое дарување на крв, и се надеваме дека час поскоро заедно ќе го направиме системот подобар, поефикасен и поефективен.

Во име на Здружението на крводарители и подржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје,

Претседател

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *