Денес е многу голем ден за крводарителите!
Денес го финализиравме и официјализиравме нашиот онлајн сервис за електронско пополнување на стандардизирано барање за “Поврат на противправно наплатена партиципација на крводарител“.
На ова ќе се навратиме малку подолу, бидејќи овие денови се исто така важни за крводарителите, ама од друг аспект.
Утре Црвен Крст, огранокот формиран кај нас, навршува 76 години од неговото основање. Им ја честитаме годишнината и им посакуваме барем уште толку дена успешно дејствување.
Истиот ден се поистоветува како ден на крводарителството и, на него, седелат благодарници и плакети на крводарители кои имаат 10, 25, 50, 75, 100 и повеќе дарувања. Им се заблагодаруваме на добитниците за многуте спасени животи и, себично во фигуративна смисла, им посакуваме добро здравје со цел да спасат уште многу животи.
По некоја случајност се склопија коцките во ист временски период тие да делат благодарници, а ние да го финишираме проектот кој се крчка веќе неколку месеци.
Од денес, официјално, го пуштаме во функција сервисот преку кој крводарителите ќе можат, со внесување на неколку основни и важни информации, да го пополнат образецот кој го изработивме со поддршка на “Здружението на млади правници“ а кој е правно издржан за барање на рефундација на средствата кои се противправно наплатени на крводарител на име на партиципација за здравствена услуга од која сме ослободени од плаќање.
Борбата за заштита на постоечките крводарителски бенефиции допрва почнува!
Наште следни активности се изнаоѓање начин за возобнова на бенефициите кои постапно беа изоставувани од ткн позитивна листа на поволности за најзаслужната категорија на граѓани – Крводарителите.
Крводарителите не се сами!
Крводарителите допрва почнуваат да се организираат и да се борат за достоинствено поимање на зборот “Крводарител“. Процесот е бавен и тежок, ама ние нема да се откажеме бидејќи главните аргументи се во нашите раце и нашите срца.
Од Крводарителите, за Крводарителите.
Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ (Скопје)
Дамир Смајловиќ.