Да се прости ли не?

Се наоѓаме пред еден од по значајните празници, кој го празнуваат поголемиот дел од крводарителите, па решивме да ја намениме оваа блог/колумна на него.

Како што е редот и симболиката на денот, би сакале да побараме прочка од сите кои ги следат нашите профили и активности.

Пред се, бараме прочка од крводарителите.

Вие сте темелот и основната цел за која е формирано нашето здружение.
Ние сме формирани за да се бориме и да се избориме за подостоинствено поимање на “Крводарител“.
Ова здружение има за цел здружено да обезбедиме крв за секој од нашите браќа и сестри по хуманост, а воедно и да направиме напори за враќање на дел од бенефициите кои системот систематски ги изоставува од “позитивната листа“ на начини за изразување благодарност за животите кои сме ги спасиле, ги спасуваме и во иднина ќе ги спасуваме.
Дополнителна вредност од членувањето на нашиот колектив е тоа што склучуваме договори за попусти со други правни субјекти, и на тој начин крводарителите кои се дел од ЗКПК КРВОДАРИТЕЛ можат да бидат испочитувани и од правните субјекти кои ја ценат нашата морална и хумана активност.

Им се заблагодаруваме на нашите партнери и воедно бараме прошка и од Нив.

Ги молиме за разбирање за исполнување на дел од нашите замисли бидејќи, како и сите луѓе денес, нашите активисти се вработени и имаат премногу активности кои не се гледаат на нашите профили.
Се надеваме дека наскоро ќе бидеме во можност да ги реализираме нашите замисли.

Следни од кои бараме прошка се пациентите и нивните семејства.

Ве молиме за прошка и разбирање бидејќи ние, како крводарители и големи хуманисти, сме подготвени да даруваме многу почесто од тоа што ни дозволува законската уреденост ама за да Ви излеземе во пресрет мора да се подредат во добра констелација повеќе фактори.
Да, ние не се двоумиме да  подариме дел од себе, ама зависиме од работното време, семејните обврски, работното време на најблиското ОТМ, последното дарување, нивото на хемоглобин и во последно време и задолжителната пауза после прележување на КОВИД-19, завршување на изолацијата или од патувањето на кое сме биле.

Како последни, бидејќи реално не заслужуваат да бидат спомнати од крводарителите, барем не во позитивен контекст, бараме прошка од политичарите и носителите на јавни функции.

На оваа категорија им се извинуваме најмногу бидејќи крводарителите предолго ја занемарувала оваа значајна категорија, и јавно ветуваме дека веќе никогаш нема да бидете запоставени. Токму спротивното!
Од нив воедно бараме прошка и заради тоа што во последниве години сме како комарци кои редовно зујат околу нив, а повремено знаат и да каснат со одредена објава која е вистинита, аргументирана и за жал не иде во корист на нивните планови.
Ви ветуваме дека ова е само почетокот и дека најдоброто допрва доаѓа.

Во контекст на празникот, Им простуваме на сите кои немаат разбирање за нашите заложби и активности.
Под ова мислиме на крводарителите, пациентите, блиските на пациентите за кои е потребна крв, нашите партнери и тие правни субјекти кои се уште се колебаат да официјализираме соработка.
За жал, немаме разбирање и прошка за сите во моментов и во изминативе 30 години константно работеа на девалвација на статусот “Крводарител“.
Нека ни простат, ама ние тие гревови допрва ќе ги артикулираме и редовно ќе им се “заблагодаруваме“ затоа што поради нивните непромислени одлуки списокот на крводарителските бенефиции во јавното здравство се скусува секоја година.

Ние сме тука и не отстапуваме од заложбите за изградба на подостоинствено утре за луѓето кои спасуваат животи.
Простете ни ако тоа не ви одговара!

З.К.П.К. КРВОДАРИТЕЛ Скопје.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *