Еден циклус на месечината помина од моето пишување на оваа тема, и повторно бев инициран да се навратам на неа.
Имено, вчера беше објавено дека ЈЗУ ИТМ врачила: БЛАГОДАРНИЦА до “Семејството на Премиерот Зоран Заев“(во оригинал, може да се види на носечката слика на објавата) за нивниот личен придонес во реконструкцијата на службата за трансфузиона медицина Струмица.
Иако сеуште не се јасни и јавни деталите за реновирање на одделението за трансфузиона медицина во Струмица, му упатувам јавен повик на Премиерот, господин Зоран Заев, како крводарител на крводарител, како крводарител кој има речиси 3 пати повеќе дарувања од него и како крводарител кој на свои плеќи ја зема обврската да се залага за подобрување на крводарителството во целост.
Без разлика дали одделението е реновирано преку проект или со Ваша лична донација, господине Заев, направено е едно добро дело: реновирана е една од многуте служби во кои на индиректен начин се спасуваат животи.
Ви се заблагодарувам во име на сите крводарители кои таму ја дарувале и во иднина ќе ја даруваат својата крв во тој пункт, а воедно како крводарител Ве замолувам да ја продолжите својата хумана активност, дарувањето крв, и да ги проширите ангажманите за поддршка на крводарителството и крводарителите.
Ве повикувам да го поддржите реновирањето и на другите ОТМ во рамките на ЈЗУ ИТМ, а при тоа да не го заборавите и одделението за трансфузиона медицина во Градската општа болница “8-ми Септември“, кое на некој чудесен начин истовремено и Е и НЕ Е дел од системот кој го снабдува со крв и одржува во функција целиот здравствен систем.
Воедно, по кој знае кој пат, до Вас упатувам јавен повик да ги побарате нашите дописи од архивата на Вашиот кабинет, бидејќи имате добиено неколку дописи на кои не добивме одговор.
За да Ви ја скратам процедурата, ќе ги прикачам во вид на слики последните дописи.
На самиот крај ќе напоменам дека истите дописи се доставени и во архивите на ЈЗУ ИТМ, МТСП, МЗ, Кабинетот на Претседателот и до Црвен Крст на знаење.
Со големо жалење можам да констатирам дека сите надлежни институции со совршена интонација молчат, односно ги игнорираат нашите дописи. Тука ќе го спомнеме и градоначалникот на град Скопје, господинот Шилегов, кој наместо да ги разгледа предлозите кои му ги имаме пратено, одлучи да го укине уважувањето на потврдата за дарувана крв и со тоа воведе данок на хуманост за крводарителите кои дошле со своето возило за да даруваат крв со тоа што им наплаќа паркинг во рамките на клиничкиот центар “Мајка Тереза“.
Како крводарител до крводарител, а во име на сите крводарители, Ве повикувам господине Премиер да го искористите Вашето влијание и да направите нешто за Нас, кои како и Вие, спасуваме животи.
Претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје
Дамир Смајловиќ.