Хуманоста на закачалка

Денес е светски ден на хуманоста.

Колку убаво тоа звучи.

Им го честитам “Светскиот ден на хуманоста“ на најхуманиот дел од нашето општество, крводарителите.

Сега може да преминеме на другата тема.

Веќе 20 месеци месеци живееме со немилосрден деспот кој редовно го менува својот плашт, го менува својот прекар и продолжува да не тиранизира. Целиот свет е под опсада од Коронавирусот, а по се изгледа ќе потрае уште извесен период.

Да направиме една кратка ретроспектива на развојот на ситуацијата/одговорот во рамките на нашиот систем, со акцент на крводарителството.

Несреќен, ама не и случаен, сплет на околности, град Скопје реши да почне да им наплаќа паркинг на крводарителите во рамките на клиничкиот центар, на денот на дарувањето на крв.
Ќе се навратиме на ова подоцна.

Прв бран

Првиот бран на КОВИД-19 помина во страв и паника.
Ништо не функционираше бидејќи целиот здравствен систем стана КОВИД-19 СИСТЕМ, а движењето беше ограничено, само-ограничено и ограничено преку одлуките на Владата.

Беа потребни речиси 5 месеци да се воспостави систем за обезбедување на конвалесцентна плазма, нешто што спаси голем број на жители.

Тоа што никој не го кажа е дека крводарителството во 2020-та година, според Институтот за трансфузиона медицина(ИТМ) забележа пад од околу 20%, иако моја лична претпоставка е дека најверојатно беше помеѓу 40 и 50%.

ЗОШТО?

Затоа што крводарителите избегнуваа групирања, се грижеа за своето здравје, а имаше и сеуште има поединци кои во знак на револт одлучија да не даруваат крв.

НА ШТО СЕ ДОЛЖИ ТОЈ РЕВОЛТ?

Револтот, делумно поради наплатата паркинг, беше тивок вресок на игнорантскиот став на надлежните институции кон крводарителите.

Од самиот старт се обидував да допрам до вршителот на должност министер за здравство, со цел да добиеме некои одговори(залудно) и да му се појаснат работи кои не ги согледува бидејќи големата функција по дефолт создава уште поголемо его во вршителите на истата.

Министерот сеуште нема одговорено дали тестирањето на крводарителите е на товар на фондот или не. Само 19 месеци чекаме одговор на прашањето, иако поголемиот дел од нас го дознаа одговорот со лично искуство.

На самиот старт на пандемијата излегов со став дека нема потреба од скапи лекарства, туку дека е потребно да се набават повеќе уреди за ферезно дарување, да се постават во регионалните центри и да може почесто да се собира плазмата со цел повеќе заболени да бидат навремено третирани со истата. И за ова бевме игнорирани.

И тука спласнаа работите бидејќи бранот почна да попушта.

Втор бран

На почетокот на вторниот бран веднаш почнаа јавни повици за обезбедување на конвалесцентна плазма.

Да, беше обезбеден еден апарат, ама тој беше уплатен во декември, пред да се дознае за Коронавирусот. Значи, не беа набавени нови апарати со цел да се имунизира системот за оваа и сите идни слични епидемии.

Следно нешто за кое не добивме никаква реакција беше: секоја единица крв да се тестира за антитела.
Зошто?
Затоа што со таков скрининг ќе се знае колку крводарители ја прележале болеста, односно ќе се знае кој крводарител ќе може да биде повикан за дарување на конвалесцентна плазма со ферезно дарување или преку дарување на полна крв која дополнително ќе се обработи.

Во медиумите почнаа да се пројавуваат информации за вакцини и јас упатив нов апел: Секој крводарител, после дарувањето, да биде прашан ДАЛИ САКА ДА СЕ ВАКЦИНИРА, И АКО САКА, ИТМ ДА МУ РЕЗЕРВИРА ПРИОРИТЕТЕН ТЕРМИН.
Зошто?
Заради паузата за дарување на крв кога човек се имунизира.

Ако крводарител прими МРНА вакцина(Фајзер или Џонсон) може да дарива крв после 25 дена, 3 недели до ревакцината и 2-3-4 дена после ревакцината – ако не развие симптоми.

Ако крводарител прими вакцина со ослабен аденовирус(Спутник, Астра и кинеските), паузата е 50 дена: 3 недели до ревакцината и 4 недели после неа.

Зошто ова беше императив за спроведување?
Затоа што ако крводарител се вакцинира на неколку недели пред терминот за дарување, неговото дарување се одложува за дополнителен временски интервал поради самиот процес на имунизација.

Работата да биде полоша, не бев послушан кога повикував дарителите на тромбоцити/плазма/конвалесцентна плазма задолжително да бидат закажувани преку ИТМ со вакцините на Фајзер.
Зошто требаше да биде така?
Ферезните дарувања се прават со пауза која е помала, односно е најмалку 3 недели.
Доколку после повик за ферезно дарување ИТМ, се разбира со дозвола на дарителот, закаже приоритетен термин за вакцинирање со фајзер, паузата до неговото следно повикување би била подолга за незначителни 3-5 дена.
Бидејќи редовно комуницирам со крводарителите и ферезните дарители, можам да потврдам десетина случаи каде дарителот бил повикан за дарување неколку дена после вакцинирање со аденовирусна вакцина, што значи дека наместо контролирано вакцинирање си дозволивме дарители кои се ретки да бидат недостапни за системот во период кој е речиси двојно подолг од тој кој можевме да го контролираме.

Трет бран

Овој бран, не дека не го очекувавме, ама не го очекувавме вака брзо и нагло.

Овој бран донесе одлуки кои се, ќе бидам благ и ќе кажам недоволно осмислени.

Во моментов се воведуваат ограничувања кои пустошат се пред себе, ама јас ќе кажам само дека се погубни за здравството и крводарителството.

Во моментов нема речиси никакви ограничувања за имунизираните, додека тие кои прележале и тие кои ниту се имунизирани ниту прележале не можат да влезат на голем број локации, манифестации, да си набават основни намирници, да завршат основни обврски во нашите динамични животи.

Резиме

“Мили наши носители на функции и назначени лица(членови на надлежни комисии)“, би сакал да можам да ве замолам да го проширите опфатот на места каде не смеат да пристапат невакцинираните и тие кои го прележале КОВИД-19, со тоа што во листата би требале да ги додадете: одделенијата/службите на ИТМ и локациите каде се одржуваат крводарителни акции.
Би сакал ама не можам.

Искрено, заслужувате да го добиете тој жежок камен во раце и да се изгорите со недоволно осмислените одлуки, па критичните пациенти да ги лечите со антитела од вакцинирани, а не со антитела од луѓе кои прележале!

Со која логика можете од прележан пациент да вадите конвалесцентна плазма со месеци, а движењето да им го ограничите 45 дена после прележување на болеста?

Заслужувате да се упати јавен повик за бојкот на сите видови на дарувања на крв и крвни продукти, ама јас, како дарител со речиси 100 дарувања од кои речиси 20 се ферезни, ќе го направам токму спротивното!

Ги повикувам сите дарители да ја продолжат својата хумана мисија бидејќи ќе дојде ден кога ќе ги порамниме сметките со носителите на функции кои не чуваат на закачалка и не повикуваат само кога имаат потреба од нас и нашата крв, ама тогаш ќе биде доцна да се спасат животите кои ќе бидат загрозени поради нашиот револт.

Да, хуманоста кај нас виси на закачалка и се посега по неа/нас само кога има потреба од тоа, ама тоа не значи дека смееме да ги оставиме на цедило тие кои зависат од нас.

Секој живот е важен, затоа и секое дарување е од непроценлива  важност.

Системот во целост не докажал дека не заслужува, ама јас ќе продолжам да помагам и Ве поканувам да ми помогнете во одржување на стабилен здравствен систем, за мене, за Вас, за нашите блиски и непознати, а како што кажав погоре, носителите на функции ќе си го добијат своето.

Претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје,

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published.