На 2023-та, каква-таква, и дојде крајот.
И оваа година, како и претходната, добитник на наградата „Најдобар крводарител на град Скопје“ беше “волонтер/мотиватор“(соработник) на невладината во црвено. Редно е наградата наместо „Најдобар крводарител“ да се преименува во „најдобро другарче на другарчињата во црвено“. Не за друго туку барем да си знаеме дека добитникот нема да биде истакнат крводарител.
Да продолжиме понатаму…
Што ни донесоа “дедо мразовците во црвено“ во 2023?
Во оваа година (не)одговорните продолжија во реализирање на својата стратегија за руинирање на тоа што останало од статусот на крводарителите, односно од нивните бенефиции.
Оваа година наместо “покривање партиципација кон сите Здравствени Установи кои имаат склучено договор со ФЗОМ“ (не)одговорните дефинирале “кон јавните установи“, со што на неформален начин го укинаа покривањето на партиципација кон субјектите од приватниот сектор.
Што превзема КРВОДАРИТЕЛ?
Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ веднаш по воочување на оваа измена, односно по објавување на програмата, ги извести крводарителите, прати информација до претставници од медиумите(кои останаа незаинтересирани за проблемот) и објави детално објаснување.
Од другите работи, КРВОДАРИТЕЛ се повлече од сите активности поврзани со акциите кои ги планира невладината во црвено и ги спроведува во соработка со трансфузија, со цел да се направи притисок на чинителите од системот преку намалување на бројот на реализирани единици крв со што можеби би размислиле да ја ревидираат одлуката.
Краткорочни ефекти!
Целта беше делумно реализирана во текот на летниот период но чинителите издржаа, секоја чест, и продолжија да го игнорираат гласот на крводарителите само затоа што крводарителите еуште не се доволно сплотени за да успешно ги реализираат активностите кои се во нивен интерес.
Што следно направи КРВОДАРИТЕЛ?
ВСледна активност на ЗКПК беше ДОПИС до министерот за здравство, во кој беше објаснет проблемот и беше баран работен состанок за да се иницира формирање на работна група која би работела на унапредување на бенефициите на крводарителите наспроти дводецениската пракса на изоставување(читај КРАТЕЊЕ) на истите.
Нашиот допис беше игнориран, како и сите поранешни дописи од страна на претходните вршители на јавната функција министер за здравство.
Како ја завршуваме годината?
Крводарител, како и секоја година, на денот на своето основање/упис во централниот регистар, праќа допис до повеќе институции со предлози за унапредување на бенефициите и барања на работни состаноци со цел да се дискутира таа и слични теми кои ги засегаат крводарителите.
Овој пат го прекинуваме процесот на молење за прием и ги приморуваме трансфузија и министерството за здравство бидејќи согласно законот за слободен пристап до информации се должни да одговорат во одреден временски период.
Што конкретно бараме?
Од МЗ и ИТМ бараме:
– да докажат дека е формиран СТРУЧНИОТ СОВЕТ во законски рок, да нѝ ги достави хронолошки членовите, дека имал редовни состаноци и дека давал позитивно мислење за сите изоставувања(кратења) на бенефиции од 2008-ма до денес
ИЛИ
– да ни достави список на сите носители на јавни функции( министри за здравство, нивните заменици министри и шефови на кабинет, директорите на ЈЗУ ИТМ, како и лицата надлежни за спроведување на овој член од законот) кои затаиле во реализација на оваа законска одредба, со што дозволиле да нема релевантно тело за заштита на крводарителите и нивните бенефиции.
Се надеваме дека нема да имаме потреба да праќаме ургенции до ИМАТЕЛИТЕ НА ИНФОРМАЦИЈАТА, односно надлежните, и дека нема да има потреба од праќање жалби Комисијата за заштита на право за слободен пристап до информации од јавен карактер бидејќи го имаме тоа право и нема да се откажеме се додека не ги исползуваме сите позитивни прописи и конечно ги добиеме овие многу важни информации.
2024-та
Во новата година Ви посакуваме:
– добитници на награди за најдобри крводарители да бидат КРВОДАРИТЕЛИ а не волонтери и мотиватори
– соработници на трансфузиологија кои имаат искрен пристап и залагање во интерес на крводарителите
– трансфузионери кои ќе застанат во одбрана на бенефициите на крводарителите, и ќе почнат иницијатива за унапредување на истите
– министер за здравство кој ќе ја разбере важноста на крводарителите и конечно ќе започне комуникација со здруженијата на крводарители, бајпасирајќи ги „златоустите во црвени туники“,
и пред се
– добро здравје, за да имаме што помалку потреба од бенефиции и да можеме да спасиме повеќе животи.
Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ
Дамир Смајловиќ.