Ден

Овој ден, навидум обичен, е крводарителски 01.04.
Некој ќе праша: ЗОШТО?
Затоа што денес е само ден на најголемата светска невладина организација, односно нејзината експозитура во нашата земја.

ЗОШТО Е КРВОДАРИТЕЛСКИ 01.04?
Затоа што, во отсаство(во тоа време) на званични крводарителски здруженија, истата таа невладина низ годините го наметнала својот ден да биде општо прифатен за наводен ден на крводарителите.

Да направиме краток осврт на крводарителството од осамостојувањето, па се до денешен ден, за да на крај се вратиме на почетокот на овој освестувачки текст.

Нулта точка на бенефициите, односно нешто што го најдовме во самиот Институт за трансфузиона медицина.

Како што гледате, и како се сеќаваат крводарителите од кои поголемиот дел веќе ја завршиле својата крводарителска кариера, наследените бенефиции од претходната федерација(на почеток само се препишуваа законите) беа кратко кажано: ПОТПОЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД СИТЕ МОЖНИ ПАРТИЦИПАЦИИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ЗА КРВОДАРИТЕЛИТЕ.

После тоа дојдоа нашите мили политичари и нашите бенефиции почнаа да се менуваат. Се разбира, кон полошо.

Првиот редефиниран список на нашите бенефиции.

Како што може да се види, лекувањето на устата и забите беше намалено за ставката протетика, беа отстранети протезите, ортопедските и другите помагала и средства изработени од стандарден материјал и слушните помагала.
На тој начин законодавците, или барем одговорните во надлежните институции, гледаа на тие од чии вени зависи функционирањето на нај виталното министерство во Владата.
Одличен напредок, зарем не?

Во 2012-та година се донесе новиот закон за здравствена заштита.
Ако некоја акција е катастрофално поразителна за крводарителите, тоа е дефинитивно оваа.
Ако во ЗЗЗ од 1993-та имаше цел член 76 (видете ја првата слика), во верзијата која ја изгласа собранието КРВОДАРИТЕЛ како поим не постои!
Да, од права загарантирани со закон, се се сведе на ова:

Секоја чест до народните избраници од тој пратенички состав!

Во целиот закон на 2 места може да се најдат зборови кои почнуваат со КРВО. Член 16 е едниот, а вториот е неважен, бидејќи се осврнува на формирање на службата за трансфузиологија.

Уште еден, помалку познат, интересен факт е дека деновите од крв МОЖЕ да се водат како боледување.
Да, убаво прочитавте: БОЛЕДУВАЊЕ!
Истиот пратенички состав го изгласа ЗЗО, каде во член 18 пишува дека ако не се добие платено отсаство од работодавачот, на незваничен начин може да се земат 2 дена боледување и истите да бидат покриени преку фондот.
Дали некој знаел за ова и дали успеал да го наплати, не знаеме.

Член 18 од ЗЗО од 2012-та(пречистен текст)

Ова остава простор да се земат денови и од скржавите работодавачи, а да не дојде до финансиски загуби (сопирање од плата) на крводарителот.

Продолжуваме понатаму!

Некаде кон крајот на 2015-та година дојде до организациска промена во рамките на дијагностиката во рамките на министерството.

Системот наречен `МОЈ ТЕРМИН`, или по нашки: ГУБЕЊЕ НА ПРИОРИТЕТ ПРИ ПРЕГЛЕД

Со ова дигитализирано закажување на термини се изгуби таа мала предност на крводарителите, која и онака ретко кој ја користеше.
Да бидеме реални, истиов пропуст е поправлив!
Планираме да поднесеме иницијатива да се воведе задолжителна квота (број, 5-10%) на своевидни приоритетни прегледи, кои ќе може да се пополнуваат само од крводарители со одреден број на дарувања.

И кога мислевме дека го допревме дното, дојде уште едно замаскирано кратење на бенефициите…

Добрата вест: ЕЛЕКТРОНСКА ЗДРАВСТВЕНА КАРТИЧКА!
Опачината на `медалот`: дополнително кратење на бенефициите

Со овој гест законодавците, во истиот месец кога се изгуби приоритетот за преглед, го укинаа ослободувањето од партиципација кај матичните стоматолози на примарно ниво, лекувањето во странство и една мала и неважна работа: лекарствата на рецепта, нешто што на ниту еден крводарител никогаш не му требало ниту ќе му треба.
Е, на овој начин размислувале уредувачите на нашите бенефиции во тоа време.

За жал, крводарителските здруженија во тоа време беа потполно маргинализирани ( не дека е денес нешто многу сменето на тоа поле, ама барем во меѓувреме се организиравме на сите социјални мрежи), немаше соодветна реакција и дојде до обид за идење еден чекор понапред…

Извадок од весник, по повод `Светскиот ден на крводарителите`, 14.06.2016-та

Во овој момент би сакале да им го честитаме денот на славениците, и воедно би сакале да им се заблагодариме за сето добро кое ни го мислат.
Ако званичниот партнер на државната служба за трансфузиологија, кој ги има сите можни законски и протекциски добиени надлежности (п.с. според нивниот закон тие само го популаризираат?!?! и подржуваат крводарителството со помагање на организација на акциите) ова го смета за мотивација, немаме што друго да додадеме на оваа конкретна тема. Заклучокот ќе си го донесете самите!
Да го поткрепиме тоа што е пишано во заграда, следните 2 слики се од членот 19 од единствениот закон кој е изгласан во функција и за функционирање на невладина организација.

За нас нерелевантни активности.
Опфатот во крводарителството, кој реално би требало да го има денешниот славеник

Ова прашање ќе го погледнеме и од друг аспект, односно како е регулирано во рамките на `Законот за безбедност во снабување со крв`:

Вистината е некаде помеѓу, а ова е втората страна.

Работите се толку многу испреплеткани, што ние во моментов навистина не знаеме до каде се чии ингеренции, кои закони се следат или се иде по некое непишано правило.
Збунувачки е членот 39, од претходно наведениот закон, или поточно:

Стручен совет за снабдување со крв.

Ако веќе постои законски уредено тело: `Стручен совет за снабдување со крв` се наметнува прашањето: `Врз кој основ е дадена ваква објава’:

За тие кои не се упатени, ова е објавено на единствената активна ФБ страница на трансфузиологија. (ЛИНК)
Како знаеме дека е така? Видете сами на следната слика!

Јасно се гледа мејлот и сајтот, а можете и самите да се јавите на назначениот мобилен и да си прашате.

Да се вратиме на самата спорност на горната објава.
Дали состанок помеѓу 2-3 претставника од трансфузиологија и 2-3 претставника од невладината е доволно меродавен за да се бајпасира законски уреден Стручен совети да се дадат заклучоци и препораки? Да бидеме реални, немаме право да судиме за компетентноста на поединци, ама цел еден совет да биде заменет со само 2 организации е неопфатливо за краток коментар, а е и спротивно на законот на едната од страните кои биле пристани на состанокот.

Идеме понатаму.

Сето тоа што крводарителите го мислат за хумана работа на невладината организација е фактички финансирано, или барем во одредени рамки поддржано од државата.
КАКО?
Отприлика на начинот кој ќе го прикажат следните неколку слики.

100 денари од секоја реализирана единица крв, средства кои се распоредуваат по оо на таа невладина
Финансирање на флаери и благодарници.

Тоа беше за 2018-та, а за 2019-та имаше зголемување на `капитација` по реализирана единица крв, односно:

`Капитацијата`
Пораст од 400 на 511ооо денари за благодарниците кои дел од крводарителите никако да ги добијат.

Во моментов не сме во можност да ја симнеме и проанализираме `Програмата` за 2020-та, ама имаме информации дека `капитацијата` е повторно зголемена.

Додека сме кај зголемувањето на `капитацијата`, зголемувањето на истата за 2019-та, по некоја случајност се поклопи со завршување на проект со кој се правеа крвни слики на крводарителите за секое дарување (ако крводарителот го побара тоа).
Логично се наметнува прашањето: `Дали е тоа алокација на средства од една ставка во друга, само за да се задоволат апетитите на одредени чинители во `системот`?`
Ако се покаже дека одговорот е потврден, се плашиме да помислиме што е жртвувано за да се добие овогодинешното покачување.

Дали е овогодишното покачување е платено со синхронизација на ставовите на трансфузиолошката организација, со прокламираниот став на невладината, од далечната 2016-та?
На оваа објава налетавме пред неполни 2 недели.

Најава на акција под слоганот: дарувам без бенефиции.

Во моментов наша најголема дилема е: КОЈ Е ПРЕТСТАВНИКОТ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА КРВОДАРИТЕЛИ?
Последен пат кога проверивме во Централниот Регистар најдовме евиденција за 9 здруженија, од кои 5 активни, а од тие пет 4 се дел од Крводарителската Коалиција.
Кој е мистериозниот претставник и од кое званично регистрирано здружение на крводарители е? Се надеваме дека наскоро ќе го дознаеме името на дотичниот/та, кој во стручниот совет немо ги аминува сите измени кои се на штета на крводарителите.

Да продолжиме понатаму!

Минатата година ќе ја одбележиме со уште две работи.

Кон крајот на Ноември 2019-та се прекина праксата да не се наплаќа паркинг на крводарителите кои со сопствено возило дошле во клиничкиот центар (во Скопје) да даруваат крв.
Оваа одлука не знаеме дали да ја оквалификуаме како смешна или како жална! Наместо праксата да се прошири и во другите градови, истата помина под радар и ниту еден од двата официјални застапници или заштитници на крводарителите не пушти никакво известување, ниту пак јавно искажа дека прави напори да се реши проблемот – се додека ние не го исфорсиравме преку социјалните мрежи, па се до изјава дадена на еден национален медиум.

Дали е тоа смешно или жално, пресудете Вие!

Втората работа која би сакале да ја спомнеме е неразјаснетиот случај за апсолутниот првак во дарување на полна крв, со феноменални 218 дарувања (линк).
Повторно ќе кажеме: СЕКОЈА ЧЕСТ ЗА ГОСПОДИНОТ, но во исто време ќе прашаме: ДАЛИ НАДЛЕЖНИТЕ СУБЈЕКТИ СИ ЈА РАБОТАТ РАБОТАТА КАКО ТРЕБА?
Зошто?
Па, одговорот на тоа прашање лежи на следната слика.

Последната страница од крводарителска книшка

Ако ги следиме позитивните законски прописи, крводарител може да дарува полна крв најмногу 4 пати годишно, додека крводарителка може да дарува најмногу 3 пати. Не би навлагале во светски пракси, каде во поедини земји може да се дарува на 2 месеци, или земји во кои горната граница е 70, 73, 75 и повеќе години. Ќе се задржиме на нашата, и ќе прашаме: `Како е можно човек за (65-18=)47 години да постигне бројка која реално(ако се следат прописите) може да се направи со 54 години дарување на крв на секои 3 месеци?
Дали надлежната служба и нејзината партнер – невладина не разменуваат важни информации, како на пример таа дека еден крводарител дарува толку често што може да си го загрози своето здравје?
Одговорот на ова прашање се бара, во моментов, насочено.

Одговорот кој го добивме од Град Скопје

Таа тема не е завршена, бидејќи ние нема да отстапиме се додека не откриеме каде затаил системот, и согласно заклучоците, да наметнеме измена во системот во вид на формирање на тело кое ќе ги надгледува овие сегменти од крводарителството. Се разбира, мандаторно ќе биде претставник на крводарителите да биде носител на таа активност, ако ова испитување на случајов покаже дека претходно спомнатите субјекти може да си дозволат еден ваков пропуст.

И на крај, дојдовме до поентата на оваа сликовита колумна.

Поголемиот дел од крводарителите добиле во своето поштенско сандаче покана за крводарителска акција.
Можеби ова не е пракса во другите градови и населени места, ама барем во Скопје е прилично редовно(согласно последното евидентирано дарување на крв во оо на невладината).
Како следен прилог е слика од задната страна на поканата.

Како што гледате, не е стара! За 21.03 е закажана акцијата.

Им се заблагодаруваме за поканата и (дел од) фактите кои се презентирани на неа.
Особено им се заблагодаруваме за тоа што Потврдиле дека старосните граници за дарување на крв се од 18-65 години, како и дека крводарителите може да даруваат 4 а крводарителките 3 пати годишно.
Тоа ќе ни треба за да ги потсетиме кога ќе побараме потврда за сите 218 дарувања на добитникот на наградата.

Од другите работи, ЈАВНО ПРАШУВАМЕ ЗОШТО на државно финансиран флаер(се гледа дека во програмите е проектирана изработка на 40ооо покани за акции) стојат дезинформации( застарена информација е дезинформација!) од видот:
– Крв може да дарувате СЕКОЈ ДЕН ВО СЕКОЈА БОЛНИЦА, кога и самите знаат дека од 01.01.2019-та година ИТМ направи реорганизација, и освен во Центрите, во трансфузиолошките служби може да се дарува само во понеделник и во четврток? Ако не се сеќаваат на овие измени, нека ја прочитаат објавата која пред 4 дена ја објави ИТМ преку својата единствена активна ФБ страна;
– Правата на крводарителите се регулирани со ЗЗЗ и други акти. Дали воопшто ги следат правните норми кои го регулираат крводарителството и кои ги дефинираат правата на крводарителите? Законот е сменет во 2012-та, и членот кој ги дефинираше правата на крводарителите ЗА ЖАЛ е историја! Ова значи дека најмалце 8 години споделуваат дезинформации со неажурирање на повикот за крводарителска акција, финансиран(според годишните програми) во 40ооо примероци со државни пари.
– Крводарителот има предност при укажување на здравствена заштита освен ако има итен случај? Нешто што постои само на хартија од 2015-та, и тоа само на таа која тие периодично им ја праќаат на крводарителите. Повторно ќе кажеме: ФИНАНСИРАНА СО ДРЖАВНИ ПАРИ, наменети за доброто и доброто информирање на крводарителите.

Додека сме кај доброто на крводарителите, уште еднаш им се заблагодаруваме за сите работи кои ги (или не ги) направиле за крводарителите, им го честитаме денот и им посакуваме уште најмалку толку години исполнети со успешно реализирани проекти и активности.
Ама, ги замолуваме крводарителството да го остават на крводарителските здруженија.

За крај ќе кажеме само дека според нас, денот на крводарителите е на 01.07.1946-та, бидејќи на таа дата е формирана првата `Станица за трансфузија на крв` во тогашната Земска болница која денес ја знаеме како Клинички Центар.

Нека ни е честит денот на освестување на крводсрителите!

Претседателот на ЗКПК КРВОДАРИТЕЛ Скопје.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *