Подадена рака!

На овој, навидум обичен саботен ден, се случи и склучи нешто многу важно!

До вчера нашето здружение имаше безмалку 300 официјални члена, а засилени со крводарителите од збратимените крводарителски здруженија: Асоцијација, ЈСП и Дрисла стигавме до приближно 3000 официјални и неофицијални членови и поддржувачи на нашите активности.

Нашите искрени и истрајни напори допреа до многу крводарители и организации во кои се вклучени крводарителите.

Да се потсетиме на дел од работите за кои се залага нашето здружение, кои ги срочивме и доставивме до кабинетот на Претседателот на државата:

Првата страница, на која се претставуваме.
Втората страница на која, меѓу другото, даваме предлог за скалести бенефиции.
Третата страница, на која предлагаме дополнителни мерки за стимулирање на крводарителите
Последната страница, на која бараме негова поддршка и воведување на Орден за хуманост.

Овие наши идеи, кои ги собиравме со анкети во последниве години, не допреа до ниту еден од надлежните субјекти. Истиот акт беше доставен и до Институтот за трансфузиона медицина, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, црвениот крст и кабинетот на Претседателот на Владата.

Најважната работа е тоа што допре до крводарителите, кои во се поголем број се зачленуваат и ги поддржуваат нашите иницијативи и предлози.

Пред десетина дена бевме пријатно изненадени од повикот за денешниот протокол, потпишувањето на ‘Повелба за меѓусебна соработка’ со еден од најголемите синдикати, Независниот синдикат на полицијата.

Повелбата со која ја озваничивме идната соработка и поддршка со НПС.

Би сакал од мое лично име, и во име на сите моментални официјални и афилијативни членови на нашето здружение, да му се заблагодарам на Претседателот Гоце Делчев Тодев кој, во име на Независниот синдикат на полицијата, ни ја даде нивната доверба, ја потпиша ‘Повелбата’ и во идната ќе ни ја дава потребната поддршка за остварување на нашите цели!

Моментот кога ја озваничивме соработката.

Нашето здружение во моментов брои повеќе од 5000 крводарители, кои се или официјални членови или се членови на здруженија, асоцијации и, во овој случај, синдикати со кои имаме склучено официјална соработка. Тоа е во рамките една петтина од вкупниот број на активни и пасивни крводарители.

Нашата мисија е заштита и унапредување на статусот на луѓето кои со својата хуманост докажале дека го заслужиле тоа!

Реализирањето на предлозите кои се добиени од крводарителите, и кои се за доброто на крводарителите, зависи од поддршката на крводарителите!

Овој ден направивме голем чекор во обединување на крводарителите, и ќе продолжиме со исто темпо се додека не бидеме доволно бројни и гласни, за да нашиот глас конечно допре до субјектите кои директно или индиректно ги дефинираат правата и статусот на крводарителите.

Уште еднаш се заблагодарувам за довербата која ни ја укажа НСП, и се надевам дека наскоро ќе почнеме да нижеме заеднички успеси!

Во име на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје, како и крводарителските здруженија со кои имаме склучено соработка,

Претседател,

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *