Дарување на тромбоцити

Дарување на крв, пружање рака и споделување на бесценет дел од себе со надеж дека некому ќе му се спаси животот.

Секое дарување е важно, бидејќи секое дарување во најмала рака овозможува некому мир дека докторите ќе можат безгрижно и обезбедено да го завршат неопходниот зафат. Мир дека и покрај раните и резовите, неговото срце ќе има доволно крв за да продолжи да чука.

Крвта, кога ќе се подели, се дели на околу 50-55% плазма, околу 45% на еритроцити и околу 1% леукоцити и тромбоцити (Извор Википедиа).

Тромбоцитите се суплементарен вид на помагање на сите третмани на болести кај најголемиот дел на онколошки и хематолошки третмани, како и во многу други случаи.

Зошто е тешко да се најде дарител на тромбоцити?

За да човек може да стане дарител на крв, да е над 55 кила, не смее да има прележано некоја болест која се пренесува преку крвта, да има нормален(ниту низок ниту висок притисок), да нема проблеми со шеќери и масти, и во моментот на дарувањето да е здрав.

За да крводарител стане дарител на тромбоцити, тој треба:
– да е над 60 килограми и тие да се складно распоредени;
– треба да има барем една изразена и права вена;
– треба да има повисоко ниво на тромбоцити во крвта, и најважното
– Треба да биде во можност да издвои околу 90 минути од своето време, бидејќи крвната слика и проверката на трансмисивни болести се изработува за дваесетина минути а самото дарување е околу еден час.
Напоменуваме дека за секој дарител се користи нов стерилен сет.
Ако земеме во предвид; – дека на годишно ниво ИТМ жнее околу 55 000 крвни единици, од кои пола (и повеќе) отпаѓаат на дарителите кои даруваат 2, 3 или 4 пати годишно;
– дека добар дел од нив немаат соодветни вени за дарување на тромбоцити;
– дека добар дел од тие кои поминале до сега низ филтрите немаат доволно високо ниво на тромбоцити во крв;
– дека добар дел од тие кои имаат и доволно високо ниво на тромбоцити во крв одбиваат да се прикачат на апарат; и како последен филтер
– дека дарувањата на тромбоцити се вршат само во ИТМ во Скопје(што во старт ги преполовува тие кои би се нафатиле да даруваат тромбоцити), бројката на дарители на тромбоцити е многу мала. Доволна за обезбедување на неопходните единици, ама сепак мала.

Ние секојдневно вршиме напори да ги најдеме и упатиме сите заинтересирани крводарители да ги направат потребните проверки, за да знаеме колку сме и да можеме полесно да им излеземе во пресрет на сите кои ја бијат најважната војна, војната со најтешките и најагресивни облици на болести.
Ние ќе се бориме да ја обезбедиме потребната логистика, бидејќи секој живот е важен и треба да се спаси!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *