КОВИД

И ете не на почетокот на второто полувреме.
Искрено се надевам дека нема да има продолженија!

Да се навратиме 7-8 месеци наназад.

Во февруари го увезовме моментално најпознатиот кинески бренд кој за кратко време го освои светот.
Истиот месец објавивме дека во Кина се експериментира со плазма од прележаните и дека тоа дава позитивни резултати.

Светот сеуште беше скептичен за пристапот, иако истиот беше логичен.

Откако целиот свет почна да ја усвојува праксата и нашите надлежни служби почнаа да работат на протоколот за дарување на конвалентна плазма од дарители кои го прележале вирусот КОВИД-19.

Ние, како и секогаш, бевме игнорирани од системот и не дадовме наше мислење, односно не беше побарано мислење кое не е ограничено од сувопарните правила и прописи.
По кој знае кој пат го повторуваме фактот дека трансфузија го има фатено ритамот за танго со една невладина која е ирационално фортифицирана на подиумот за крводарителството. Нема да навлагаме во детали за нивниот однос бидејќи сметаме дека на доволно наврати сме покажале и докажале зошто тој начин на функционирање е нелогичен, непрактичен и колку (не)намерни пропусти им се протнале (случајно) низ прсти.

Денес ќе се осврнеме на системскиот пропуст во врска со правилникот

Член од законот за снабдување со безбедна крв, 2007-ма

Дали во критични моменти, при градење на стратегија, е логично да се мобилизира целиот систем на највисоко ниво? Се разбира дека ДА!
Ова го ставаме во објавата чисто да ги потсетиме трансфузионистите дека сепак во нивниот закон постои член во кој се спомнати крводарителските здруженија.
Да повториме: во Стручниот совет, во најважниот дел од самиот систем, каде се креираат стратегиите и системските решенија во нормални услови и во периоди како овој.
По логиката на нештата: Ако крводарителско здружение треба да има претставник во овој сегмент, логично е и да бидат дел од сите аспекти на крводарителството со цел да бидат во тек за сите теми кои би се дискутирале на советот.

Сепак, како и последните речиси 3 децении, трансфузија продолжи да функционира по свое или да следи нечиј туѓ такт.

Дуо фантастико кое е поспособно од цел Стручен совет.

Во овој момент јавно го прашувам министерот за здравство, г-динот Венко Филипче, две прашања:
1. Дали е воопшто формиран стручниот совет? Од ова прашање природно се појавува и следниот блок прашања:
2. –  Ако е формиран Стручен совет, под чија закрила се одвиваат сите бајпасирања на истиот? и
– Ако не е формиран, кој ќе сноси одговорност за неспроведување на клучна одредба во законот кој ја дефинира службата која е највитална супортивна гранка во целиот сегмент на медицинската пракса? Да нагаѓаме: сите министри, државни секретари, директори и целиот систем од 2007-ма па се до денес?

Откако појаснивме дека крводарителите треба да имаат свој глас во системот, што е наведено во системот и очигледно се бутка под тепих со цел… нема да се расплинуваме до толку.
Да се навратиме на почетокот на овој блог – второто полувреме.

Уште од самиот почеток се прогнозираше стагнација и второ полувреме со пеколно темпо, да дадеме добронамерна критика за нешто што требаше да се има на ум.

Протоколот како протокол нема да го анализираме бидејќи го изработиле од стручни лица кои користеле слични правилници кои се на сила во другите земји и ги извлекле најважните поенти.

Пропустот кој го воочивме во самиот старт, ама никој не го интересира мислењето на ентузијастите наспроти еден куп експерти, е дека пријавувањето за дарување на плазма е на доброволна основа. Да, пријавувањето е на доброволна основа.

Во вакви ситуации, кога знаеме дека ситуацијата допрва ќе се комплицира а дека поддршката од тие кои веќе имаат развиено антитела ќе биде од животно значење за многу луѓе, недозволиво беше доброволно пријавување за поддршка на системот во борба за животите на критичните пациенти.
Барем е недозволиво за потенцијалните дарители кои биле болнички лекувани!

Асимптоматските и тие со поблаги симптоми воглавном развиваат (ако воопшто развијат) антитела со помал квантитет. За нив пријавувањето би можело да остане доброволно, ама тоа во никој случај не би требало да биде пракса со лежечките пациенти кои поради агресивниот развој на болеста би требало да развијат и најголем квантитет на антитела.

Пропустот кој е направен сеуште може да се корегира доколку се исконтактираат сите пациенти кои се отпуштени со втор негативен тест за КОВИД, и со тоа да се надополни базата на податоци на потенцијални дарители на плазма или крв од која ќе се сепарира плазма.

Најважната поента е ова да се вметне како услов при отпуст на пациентите( се разбира доколку дополнителни правилници не го условуваат користењето на нивната крв, како на пример 4-6 месеци после примање на крв и крвни продукти), односно да го пополнат прашалникот со цел да им помогнат на тие кои ќе го пополнат креветот кој штотуку го испразниле.

Никогаш не е доцна да се признаат грешките и да се направат корекции во движење. Времето е сега бидејќи моменталните параметри не навестуваат стивнување на состојбата, туку токму спротивното.

Во врска со соработката, нашата рака/поддршка беше добредојдена пред официјалното регистрирање на здружението, и за волја на вистината сеуште е подадена и чека одговор за барањата/понудите за соработка од 06.12.2018-та и 06.12.2019-та. Истите можете да ги најдете во вашите архиви (МЗ, МТСП, ИТМ и цк), а во 2019-та дополнително пративме и до кабинетите на Претседателите на Влада и на Државата.

Одговорот/одговорноста не е во нас, бидејќи (не)одговорните од надлежните субјекти своеволно и произволно ги толкуваат законите кои треба да ги спроведуваат, ама ние сме тука и подготвени да помогнеме на било кој начин.

Претседател на здружението на крводарители и поддрувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.

п.с.
Прочитајте си го правилникот и конечно почнете да ги разграничувате дарувањето на полна крв и плазмафереза. За стручни лица е грев секој втор ден да вѐ опоменуваме за тие (не)намерни пропагандистички грешки.
ДА, се сложуваме дека при секое дарување се користи апарат и тоа може да биде понекогаш збунувачко. Затоа ги ставивме и апаратите во прилог на оваа објава.

Агитатор, се користи при дарување на полна крв и сигнализира кога дарувањето е завршено.
Апаратот кој се користи за ферезно сепарирање на плазма или тромбоцитен концентрат, а истиот може и да се користи за харвестација на матични клетки.

п.с.с. под итно да се воведе пракса со секое дарување да се добива квалитетна заштитна маска и секоја единица крв да се тестира за антитела. Барем толку им должите на сите кои и во вакви ситуации се подготвени да се упатат и да даруваат крв.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *