Нови измени, нови проблеми

Пред неколку недели бевме сведоци дека се сменија работните времиња на некои одделенија за трансфузиона медицина.
Да бидеме поконкретни, се сменија работните времиња на ОТМ Куманово и Велес, и се разбира на штета на крводарителите.

Посочените ОТМ се приклучија на стандардизираното работно време на помалите служби, односно, наместо да работат со крводарители секој работен ден почнаа да работат само по два работни дена.

Ефектите беа очекувани.

Наиме, наместо да се олесни пристап до одделенијата, во истите почна (на моменти) да се прави гужва, што е во потполна спротивност со актуелните препораки за избегнување на гужви како превенција за заразување со вирусот кој повторно зема замав.

Ги прашуваме (не)одговорните:
– Дали е логично да се изложуваат и вработените и крводарителите на непотребни гужви?
– Дали е неопходно да се намалат можностите да се дарува крв?
– Дали е потребно да се стават дополнителни ограничувања на оваа племенита активност, спасувањето животи со дел од себе?

Да се обидеме да одговориме.

Дали е логично да се изложуваат и вработените и крводарителите на непотребни гужви?
АПСОЛУТНО НЕ!
Во овој момент е императив (не)одговорните да го стават прстот на челото и да размислат колку им е важна таа системска уреденост(во моментов), односно дали им е поважна функционалност на хартија или им е поважно да не се разболи ниту еден нивен вработен, а воедно да не се разболат и тие од чии вени зависи нивното функционирање.

Дали е неопходно да се намалат можностите да се дарува крв?
АПСОЛУТНО НЕ!
Наместо системот, во овој деликатен временски период, да размисли како да го олесни пристапот на крводарителите до пунктовите за дарување крв, тие тоа експертски го усложнуваат.
Дали (не)одговорните лица помислиле на фактот дека најголемиот дел од крводарителите се вработени и со фиксно работно време? Дали помислиле на фактот дека со овој потег значително си ги намалуваат можностите за обезбедување на стабилни резерви со крв?
Наместо да се размисли и воведе (еве им практичен предлог) една работна Недела за сите ОТМ во рамките на календарски месец, па да можат да даруваат крв и крводарителите кои поради своите работни обврски не можат да даруваат во работната недела, (не)одговорните дополнително ги искомплицираа работите.
Сакате начин на кој ќе можете да го спроведете тоа без проблеми? Еве предлог: Екипата се формира пред почетокот на месецот, и секој член на таа екипа ќе добие 2 слободни работни дена (во тековниот месец) кога ќе има потреба од тоа. Зошто 2? Затоа што недела(како ден) и празник се плаќаат со поголеми дневници, и не ретко двојно. На овој начин нема да има финансиски импликации, а сите крводарители кои во текот на работната недела не се во можност да даруваат ќе можат да го нашрават тоа во најавената работна недела на одреденото ОТМ.
Има логика и е прилично практично, нели?

Дали е потребно да се стават дополнителни ограничувања на оваа племенита активност, спасувањето животи со дел од себе?
СЕ РАЗБИРА ДЕКА НЕ!
Дали на (не)одговорните им паднало на памет зошто во моментов има дополнителен кусок на крв? Со нивно премолчување дел од ЈП, служби и министерства воведоа правило дека првиот слободен ден(од двата) е дента на дарувањето, а веднаш после него следува и вториот(што е законски уредено, дека се нераздвоиви ама никаде не е спомнато дека се условени со денот на дарување!).
Каде е проблемот? Па нормално е дека сеа крводарителот ќе тактизира со своето дарување, чекајќи го моментот кога ќе има потреба од тие 2 слободни дена.
Каде се надлежните барем да исценираат грижа за крводарителите и за системот, со тоа што ќе побараат да се признаат двата неработни дена и во приватниот сектор? Мора да ви признаеме дека сте феноменални во заштита на правата на тие од чии вени и мотивација зависите како служба!
Дали ви паднало на памет дека некој излегол од работа, па дури и побарал слободен ден, за да дојде и да дарува? Наместо да ја олесните вашата достапност, вие ја буткате работата кон тоа наскоро да молите и барате достапни и волни крводарители.

Не е доцна да се направат измени!

Верувајте дека тие европски препораки, во оваа деликатна ситуација, се најмалку важни!
Во моментов се најважни крводарителите и стабилноста на резервите со крв, а вие со вашите одлуки значително влијаете на тоа да бидат вакви какви што се.

Во име на сите засегнати крводарители,

Претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.

п.с. во обраќањата намерно не се користени големи букви кои изразуваат почит, бидејќи според мене е дискутабилно дали овој систем го заслужува тој гест.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *