Сплотени раце

Сплотени раце.

Eдноставно нема посоодветен израз за крводарителите!

Ние сме тие кои во секое време сме подготвени да подадеме рака и да спасиме живот!

Оваа работна недела ја покажа хуманоста на дело.

Оваа недела, во која трансфузиологија се пофали дека е горда дека за време на корона кризата не посегнува по семејни дарители, Ние на сиот глас можеме да кажеме дека тоа е небулоза и можеме да аргументираме дека крводарителите се максимално хумани и посветени во продолжувањето на животи на луѓе кои можеби никогаш нема да ги сретнат во животот.

Оваа работна недела бевме сведоци на десетина јавни повици за крв, а активно се вклучивме во околу половина од нив. Не само што бевме вклучени, туку и бевме пријатно изненадени од експедитивноста и неселективноста на крводарителите! Македонец даруваше за Бошњачка, Албанец даруваше за Македонец, двајца Македонци даруваа за Албанка и никој немаше ниту една буква коментар откако на наше барање се согласи да дарува крв а човек чие име го нема слушнато!

Народот е обединет во хуманоста, но е во фаза на будење од бајката дека имаме идеален систем кој пожртвувано работи на заштита и унапредување на правата и бенефициите на крводарителите. Бавно оди, ама зората почнува да наѕира на хоризонтот!

И Ние би сакале да не се укинати бесплатните лекарства за крводарителите!

И Ние би сакале да не се укинати бесплатните лечења во странство!

И Ние би сакале да не се укинати бесплатните стоматолошки услуги!

И Ние би сакале да се бесплатни ортопедските помагала и импланти!

И Ние би сакале да се почитува стариот приоритет за преглед на луѓето кои спасиле безброј животи!

И Ние би сакале да имаме силен и стабилен систем кој ќе наметнува спроведување на користење на двата слободни дена кои следуваат со секое дарување!

И Ние би сакале многу работи, кои за жал се укинати со гласен молк на субјектите кои изигруваат светци кои се заштитници на армијата од триесетина илјади борци за животите на непознати луѓе.

Дојде време да ја смениме трасата на возот во кој нѐ возат два машиновозачи, кои заеднички ја држат пилата и веќе 30 години и даваат импулс на пилата со која институциите ги кратат гранките кои им нудеа освежувачка сенка и надеж на крводарителите дека државата ќе им возврати соодветно за сите пати кога без прашање се стрчале до најблиската служба и спасиле нечиј живот.

Како?

Начинот е само еден: СО СПЛОТЕНИ РАЦЕ, ОБЕДИНЕТО И ЕДНОГЛАСНО ВО ОДБРАНА НА ПОСТОЕЧКИТЕ БЕНЕФИЦИИ, БОРБА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ИЗОСТАВЕНИТЕ(бидејќи не се укинати, само не се вметнувани при препишување на правилниците) И БАРАЊЕ ДА СЕ ВОВЕДАТ НОВИ!

Дали е можно?  Секако дека е можно!

Зошто е можно?  Моќта, односно главниот адут и основниот ресурс на системот е во Нашите раце!

Зошто е неопходно и апсолутно оправдано? Затоа што голем дел од функционерите, со акцент на законодавците, ги уживаат сите можни бенефиции за празни дискусии, меѓусебни посочувања со прсти и користење на прстите по партиски диктат за гласање, во глобала на законски решенија кои низ годиниве сѐ повеќе ги ограничуваат нашите и правата на сите други групи на граѓани. Ниту еден партиски мегафон, послушник или функционер по ниту една основа не заслужува да има попривилегиран статус од крводарител кој има на пример 25 дарувања, а да не ги спомнеме Тие кои имаат повеќе од 100 дарувања.

Ве повикуваме да се обединиме сите во најмоќниот и најбројниот синдикат, синдикатот на крводарителите. Не постои синдикат кој брои повеќе од 10ооо членови, а ние сме 30ооо на број!

Во некои земји крводарителите со одреден број на дарувања не плаќаат градски превоз, во други земји имаат поврат на ддв или намалување на ставки на персонален данок или данок на имот, во трети земји има финансиска компензација за секое дарување ако веќе државата не е способна да обезбеди друг вид искажување почит за хуманоста на крводарителите.

Начини има ако има волја, а ако нема волја истата ќе им ја поттикнеме на некој начин.

Ние го скршивме мразот пред 20 месеци!

Пред неполни 2 години ги удривме темелите на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје и можеме да се пофалиме со:
– персонализирани членски картички со проксимити чип;
– поделени преку 1000 влезници, котизации, конзумации, продукти и слично(голема благодарност до поддржувачите на крводарителството, кои ја поддржаа нашата иницијатива);
– педесетина партнери, официјални или во финална фаза пред официјализација и промоција, кои ја признаваат нашата членска картичка и одобруваат попусти за нашите членови;
– и уште многу идеи кои се во одредена фаза на реализација и нема да ги спомнеме во моментов.

Нашиот најголем успех е потпишување меморандуми за соработка со три од моментално активните четири здруженија на крводарители.

Оваа објава е алармот за будење, расонување и повик за обединување, со цел да заедно побрзо ги реализираме предлозите кои во изминативе години ги имате предлагано во нашите анкети, прашалници и пристапници.

Ние не бараме едноумие и едновластие, како некои невладини кои се инволвирани во овој сегмент. Токму спротивното!
Ние на иста маса ги разгледуваме идеите со нашите партнери и изнаоѓаме најсоодветна начин за реализирање на активноста.

Повикуваме да се зачлените во постоечко здружение на крводарители или да оформите ново и да соработуваме на ниво на збратимени здруженија, бидејќи заедно сме посилни!

Кој било крводарител, активен или неактивен, член на друго здружение или не, од Скопје или од друго населено место, е добредојден во нашето Здружение и како член да ги користи сите поволности кои ги имаме договорено досега, а и ќе ги договориме во иднина.

Најважната работа при зачленување во официјално Здружение на крводарители е тоа што со пополнување на пристапницата и уплаќање на симболични годишни членарини Вие нѐ овластувате да се залагаме и бориме за доброто на крводарителите.

Ние сме тука, оформени и активни, а од Вас зависи кога ќе ги подадете Вашите раце, заедно да ја редефинираме реалноста и да креираме иднина во која крводарителот ќе биде почитуван на начин на кој го заслужува.

Времето за дејствување е сега, бидејќи вчера е историја, а утре е мистерија.

Само со сплотени раце неизвесноста ќе ја снема, бидејќи цврсто ќе ја зграбчиме рачната кочница и нема да дозволиме неупатена бирократија да ја креира Нашата иднина следејќи го правецот во кој се движиме последниве триесет години.

Нашите раце се подадени и Ве чекаме да се качите на возот во кој крводарителот ќе го има првиот и последниот збор!

Тимот на ЗКПК КРВОДАРИТЕЛ Скопје.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *