Светски ден на крводарителите

Нека ни е ЧЕСТИТ СВЕТСКИОТ ДЕН НА КРВОДАРИТЕЛИТЕ!

 

Барем на хартија нека е честит.

А зошто?
Затоа што со години ги буткаат работите кон тоа само честитањето да ни остане… за жал!

На што го базирам своето мислење ќе дознаете доколку ја прочитате целата анализа.

Министерството за здравство повторно ги крати бенефициите на крводарителите.

 

Ова е насловот на емисијата која на 06.06.2023-та ја објави порталот САМО ПРАШАЈ, како дел од емисиите на Институтот за комуникациски студии кои се продуцираат во соработка со МТВ.

Како крводарител, со троцифрен број на дарувања, бев заинтригиран и веднаш го пуштив видеозаписот со надеж дека конечно некој ги презентирал работите од аспект и во интерес на крводарителите.

За жал, се разочарав.

Водителката го претстави гостинот, генералниот секретар на црвениот крст(понатаму ЦК) и појасни дека, иако биле уредно поканети, за емисијата не пројавиле интерес институтот за трансфузиона медицина(ИТМ) и министерството за здравство(МЗ).

ВОВЕД
Пред 2 месеци, со огромно задоцнување, беше објавена во службен весник „Програмата за организирање и унапредување на крводарителството за 2023-та година“(ПРОГРАМА) и во неа воочивме и објавивме една спорна формулација, односно: Покривањето на партиципацијата ќе се врши кон ЈЗУ, додека во претходните години гласеше „здравствените институции кои имаат склучено договор со Фондот“(што ги опфаќа и ПЗУ).

Што беше кажано во емисијата

 

Да напоменам дека ќе користам поедини сегменти од пропагандниот материјал, не дека немам што да искоментирам на речиси секоја реченица, туку затоа што сакам да се осврнам на поважните детали со цел да не испадне блогов докторска дисертација.

Во воведот беше вметната информацијата дека редовно се реализираат планираните единици, а за 2022-ра година биле реализирани 108%.

Што значи тоа?

Од 2001-ва навака, кон крајот на годината ИТМ изготвува ПРОГРАМА во која се дефинираат плановите за наредната година.
Во програмата за 2022-ра беа испланирани 52.ооо единици на крв, со стимулативен фактор за невладината во црвено од 160 денари по единица крв.

Во изминатите години таа бројка се движеше од 52 до 58 илјади единици.

Што е спорно со бројките на реализирани единици?
На 20.02.2020-ра, во изјава за една национална телевизија, директорот на ИТМ изјави дека: „Во 2021 година успеавме да собереме 50.960 единици крв што е воедно и рекорд во историјата на Институтот за трансфузиона медицина.“, што ги прави сите пријавени бројки за претходните години дискутабилни бидејќи на некој начин признава дека ПРОГРАМИТЕ не биле во целост спроведени.

Прашањето кои е потиснато на страна е:
– Дали се во целост исплатени сите финансии кои биле буџетски наменети за “реализацијата“ на невладината?

Да продолжиме со емисијата.

Прашање: Како да се зголеми бројот на крводарители кои ЌЕ даруваат од хумани побуди, настрана од бенефитите кои ги добиваат во здравствениот систем?

Да бидам искрен, ќе бев пријатно изненаден да слушнев “Што превземате вие, како единствен партнер на ИТМ и своевиден застапник на крводарителите, како активности кои се во интерес на заштита и унапредување на статусот/правата на крводарителите?“, ама во ист момент ми стана јасно која е целта на емисијата.

Прашањето продолжи со: Како да го трансформираме системот во еден поинаков, кој нема да подлежи исклучиво на средствата за мотивација?

Гостинот: Не сум за тоа ниту се залагам сето тоа да се укине, да не постои, едноставно мислам дека поздрави системи и моменти за стимулација односно поттикнување се оние кои почиваат на личното, на моралот, на етиката, на хуманоста, на сето тоа што го поседуваме како луѓе.

Ова го кажува вториот човек на единствениот партнер на ИТМ, тие кои во 2016-та, на СВЕТСКИОТ ДЕН НА КРВОДАРИТЕЛИТЕ го покажаа своето вистинско лице.

Изјава на претставници на ЦК

Затоа, да не потпаѓаме под влијание на пропагандата: ОВА Е АГЕНДА која цк/ИТМ/МЗ се со план да ја спроведат, односно постапно да ги сведат бенефициите на честитка за СВЕТСКИОТ ДЕН НА КРВОДАРИТЕЛИТЕ.

Прашање: Во постојан контакт сте со крводарителите. Која е најчестата причина? Дали заради бенефициите доаѓаат да даруваат крв?

Одговор: Ако зборуваме за систем на крводарителство: анонимен, бесплатен, доброволен, тогаш ако се придржуваме на овие постулати тогаш не треба да имаме бенефиции.

Волкот си го покажа крзното, притоа спомнувајќи дека во Австрија нема бенефиции?!?!?!?!?

Да ги едуцираме малку експертите дека ЕУ ПРЕПОРАКИТЕ/ДИРЕКТИВИ(насоки) се токму ТОА: ПРЕПОРАКИ/НАСОКИ но не и ултиматуми! На пример, постојат земји кои го задржале правото за одобрување на слободни денови(Хрватска, Словенија, Полска итн), додека некои други, КАКО АВСТРИЈА НА ПРИМЕР, овозможуваат и финансиски стимулации за дарителите на крв: “Во Австрија, Чешка, Германија и Унгарија, на пример, директните компензации се пријавени на околу 15-30 евра, додека во Полска, донаторите на плазма се компензираат со осум чоколадни барови, платен цел ден од работа и намалување на данокот – за противвредност од 46 €“.(Изворот е во линкуваниот текст пред цитатот)

Продолжуваме со релативизирањето на гостинот…

Да се посветиме на тој момент, да ги поддржуваме бенефициите но со регрутирање на новите генерации што доаѓаат, да работиме на нивно регрутирање НО НЕ НА ОВИЕ(постоечки) ОСНОВИ, можеби на едни поинакви.
Нема да ја коментирам оваа мисла бидејќи мислам дека е целосно јасно на што се алудира, односно која е траекторијата која одбрала да ја движи “триумвиратот“ ИТМ/МЗ/невладината.

ТУКА СЛЕДУВА БЛОК НА ПРАШАЊА ОД КРВОДАРИТЕЛИ.

МАРИНА: Знаеме дека ЕУ регулативите имаат бенефиции кои што се далеку помали за разлика од оние што ги имаат крводарителите во нашата држава.
Најважното прашање би било како дарителите да ги подготвиме, како да им се помогне, како да се упатат во евентуалните измени или пак укинувања на бенефициите што ги имаат како крводарители?
Типична дилема на крводарител: КАКО ДА МЕ УБЕДАТ ДА НЕ СЕ ЗАЛАГАМ ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА ПОСТОЕЧКИТЕ БЕНЕФИЦИИ! 

ИВИЦА: Дали ќе се намали бројот на крводарители и дарители на крвна плазма?
Легитимно прашање кое треба да си го постави “триумвиратот“, бидејќи со своите постапки (не)свесно ја тестира добрината, хуманоста и трпеливоста на крводарителите со тоа што 3 децении постапно работат на девалвирање на поимот КРВОДАРИТЕЛ со обезвреднувањето на статусот на истиот.
Да не се разбереме погрешно, крводарителите не се захтевни ниту ова го прават заради бенефициите АМА државата во најмала рака треба да обезбеди здравствен пакет за да ги одржува здрави и витални бидејќи голем број на животи зависат токму од нивното здравје!

ЛУКА: Колку може МЗ да даде поддршка за изготвување на платформа каде што ќе има пристап на ЦК и ИТМ за пристап до податоците на крводарителите? Значи ние немаме никаков простап и ЦК нема никаков пристап.

Убаво прашање, барем до некаде.
Да, крводарителите треба да имаат пристап до своите подтоци но не гледам никаква потреба истите да бидат достапни и до невладината. ЗОШТО? Затоа што во основа самата невладина треба да води своја датотека и форсирање на оваа тема наликува дека “некој не си ја вршел работата како треба и ги бара податоците на тацна“. Ова е мое скромно мислење. Се извинувам ако грешам, ама самиот факт што стотици крводрители ни се имаат пожалено дека невладината нема евиденција за многу од нивните дарувања наведува на тој заклучок. Можеби и ВИЕ ќе се препознаете во ова мислење.

Да го одговориме прашањето бидејќи гостинот како да го изостави.

Во последниве 6-7 години ИТМ користи дигитален систем наречен Е-Делфин, во кој ретроградно(постапно и година по година наназад) се дигитализираат базите на податоци со кои располага ИТМ. Процесот е бавен бидејќи(според тоа што ни е кажано) се ограничени со вработени кои можат да внесуваат а се работи за обемна и сложена материја која треба да се дигитализира.

Дополнително, МЗ врз основа на ПРОГРАМАТА која ја изготвува ИТМ, на ЦК во изминатите 3 години му има префрлено безмалку 25.000 евра за изработка на апликација за крводарители.
Детали може да прочитате доколку кликнете на линкуваниот текст.
Зошто сеуште не е објавена таквата апликација треба да одговори токму гостинот на емисијата која ја анализираме, ама некако го изигнорира прашањето.

ТЕОДОР: Дали МЗ се препознава во улогата на институција која може да даде дополнителна поддршка во делот на мотивација на младите, на учениците , студентите, заедно и координирано со Министерството за образование?

Одговор: Едукацијата и мотивирањето се извршува од “наши волонтери“ согласно планот и финансиите кои се достапни.
Значи, сепак овие активности не биле широкогради и алтруистички туку важи принципот “КОЛКУ ПАРИ – ТОЛКУ МОТИВАЦИЈА“. Прилично мотивирачки одговор од човек кој погоре се повикуваше на човечното во крводарителите, на моралот и етиката, а самата невладина на крводарителите им се претставува со ангелски ореол, односно дека сите активности навидум им се само затоа што сакаат да допринесат за крводарителите.
БОНУС ИНФОРМАЦИЈА: Одбележувањето на Светскиот ден на крводарителите е финансиски поддржано со 130.000 денари буџетски пари.

САРА: Како да се зголеми бројот на крводарители коишто ќе донираат од хумани побуди, а не само заради некои бенефиции, како што се слободни денови или бесплатни здравствени услуги?
Типично прашање кое секој крводарител си го поставува секој ден, најмалку по 3 пати: КАКО ДА МЕ МОТИВИРААТ ДА ДАРУВАМ ОД ХУМАНИ ПОБУДИ(демек до сега секое дарување ми било условено со недела дена платен одмор и приватно здравствено/животно осигурување на годишно ниво) И КАКО ДА МОТИВИРАМЕ НОВИ СО НАЈАВА ДЕКА ТОА ШТО ИМ СЕ НУДИ КАКО “ГРИЖА ЗА НИВНОТО ЗДРАВЈЕ“ НАСКОРО ЌЕ ИМ ГО УКИНЕМЕ(во превод: бидете сами здрави али не заборавајте дека сте должни да дадете крв како данок на здравост кој е убаво камуфлиран во алтруизам и граѓанска одговорност).

Со ова завршија прашањата од крводарителите кои барем според мене(верувам и други ќе се сложат), се извинувам ако грешам, се обаво испланирани/спакувани со цел да глатко помине планираниот попаганден наратив. Не за џабе носител е “Институт за комуникациски студии“.

Одговор на гостинот на претходните прашања:

Во однос на бенефициите, секогаш биле присутни и достапни во јавното здравство, а последните 2-3 години и во приватното.
ОВДЕ МОРА ДА АРГУМЕНТИРАМЕ :
– од самиот почеток покривањето на партиципацијата била дефинирана „ЗА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ НА ДАРИТЕЛИ СО НАД 10 ДАРУВАЊА“(од 2001-ва до 2018-та, односно немало поделба на Јавно и Приватно здравство),
– за да во 2019-та се смени во „НАДОМЕСТОК ЗА ПАРТИЦИПАЦИЈА ПРИ КОРИСТЕЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ НА ДАРИТЕЛИ СО НАД 10 ДАРУВАЊА… ДО ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСТАНОВИ КОИ ИМААТ СКЛУЧЕНО ДОГОВОР ЗА ПРУЖАЊЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ СО ФЗОМ ЗА ТЕКОВНАТА ГОДИНА“(2019-2022, период во кој се прави диференцијација помеѓу ЈЗУ И ПЗУ, со што фактички се отфрлаат одредени ПЗУ кои немаат склучено договор со ФЗОМ) И
– во последната ПРОГРАМА се најде следната формулација: „РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА ЗА НАДОМЕСТОК ЗА ПАРТИЦИПАЦИЈА ПРИ КОРИСТЕЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ НА ДАРИТЕЛИ НАД 10 КРВОДАРУВАЊА СЕ ВРШИ КВАРТАЛНОДО ЈАВНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ – СО ИЗОСТАВУВАЊЕ НА ПЗУ КОИ ИМААТ СКЛУЧЕНО ДОГОВОР СО ФЗОМ ЗА ПРУЖАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ.

Продолжуваме со одговорите.

Во минатото имаше многу повеќе бенефиции кои беа дефинирани во правилници. Проблемот можеби е во тоа што бенефициите како такви не се регулирани во закон или во некој важечки правилник, туку се регулираат преку програмата. Можеби има потреба тоа да се санкционира во законска форма и со важечки правилник. Тука треба сите заедно да работиме, ние како ЦК и МЗ пред се.
Знаете, ПРОГРАМАТА ја носи МЗ, односно Владата а имплементатори и реализатори на истата се ЦК и ИТМ, а МЗ во вид на финансиски поддржувач на истата.
КОНЕЧНО НАЈДОВ ДЕЛ ОД ИНТЕРВЈУТО СО КОЕ ВОГЛАВНОМ СЕ СЛОЖУВАМ: Бенефициите повторно да бидат дефинирани како во ЗЗЗ од 1993, со член во кој се таксативно наброени!
Но, овој дел од одговорот убаво кажува дека ПРОГРАМАТА(читај бенефициите) ги подготвува ИТМ, ги доставува до МЗ на одобрување и дополнително проследување до ВЛАДАТА НА КОНЕЧНО УСВОЈУВАЊЕ И ОБЈАВУВАЊЕ ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК. 

Одговор: Ние заедно работиме во сите овие проблеми. Секој си има свои улоги, ЦК, ИТМ, МЗ секако најодговорни(И самиот посочува дека главната одговорност за целата ситуација лежи во МЗ), затоа што одговорноста за имање или немање на крв во државата заја има МЗ и ВЛАДАТА, а не ЦК и ИТМ.
Ние партнерски работиме и во програмата се стриктно предвидени кои субјекти што работи, така да повторно велам моментот на бенефициите е многу важен за понатамошниот развој на системот на крводарителство и доброволните крводарители, но секако има потреба од негова надградба(читај осовременување преку кратење на бенефиции) и негово прилагодување, како што спомна крводарителот, согласно ЕУ ДИРЕКТИВИТЕ, кои се такви какви се.

Нема потреба да правам толкување на вака јасно искажан став кој е афирмативен со агендата за кратење на бенефициите.
Барем јас во целата емисија не успеав никаде да препознаам барем еден збор во кој можеше да се види жар и желба да се заложат “ктиторите на крводарителите“ во нивен интерес, ВО ИНТЕРЕС НА ЛУЃЕТО ОД ЧИЈА ХУМАНОСТ, ДОБРА ВОЛЈА, ЗДРАВЈЕ И КРВТА ВО ВЕНИТЕ ЗАВИСАТ И ТИЕ КАКО НЕВЛАДИНА(барем во овој сегмент), ИНСТИТУТОТ КАКО РЕАЛЕН СПРОВЕДУВАЧ(без крвта нема да има функција) И МИНИСТЕРСТВОТО(бидејќи без крв ќе колабира поголемиот дел од здравствениот систем, или поточно делумно комплементарниот а оперативниот во целост ќе биде стопиран).

Заклучок, од последните 30 години, последната одлука и околчената патека која “триумвиратот“ планира да ја “асфалтира“ додека нам ни посочува хортикултурно уредување на ЕУ околината

 

Почитувани граѓани со хумана крвна група, алтруистични соборци за здравјето на луѓето кои најверојатно никогаш во живот нема да ги запознаеме, дојде време да се разбудиме!

Јас лично, во моите 23 години крводарителски “стаж“ и на чекор од своето 120-то дарување(крв и тромбоцити, комбинирано) одговорно можам да тврдам дека никогаш не сум отишол да дарувам крв со контекст на инсинуациите кои премногу често беа вградувани во рамките на оваа емисија, а можам да гарантирам дека и најголемиот дел од Вас е ист како мене.

Мораме да се сплотиме и заедно да застанеме во одбрана на тој мал сегмент на бенефиции кои останаа на сила. Не затоа што сме гладни за бенефиции туку затоа што државата треба да го вреднува тоа што ние со нашето здравје сме бранеле животи на многу луѓе.

Дај боже никогаш да не ни затреба ниту една од тие бенефиции, ама е пожелно да ги имаме на хартија и достапни во моменти кога нашето здравје е компромитирано, да ја искористиме заштитата која ни ја пружа државата како мал гест на благодарност за животите кои ги имаме спасено.

Нека им е на чест на сите кои ќе се дрзнат да не оквалификуваат како опортунисти иако имаме продолжено живот на барем тројца луѓе кои ги познаваат.

Да се разбереме, ова се должи затоа што Тие кои ги уредуваат законите не дошле во ситуација да им затреба крв. Зошто го кажувам тоа?  Затоа што за нив и нивните блиски крвта ќе ја обезбедат партиски послушници кои и душата ќе ја дадат за одредена поволност во иднина И триумвиратот ќе ги заврти сите можни телефони од крводарители за да се обезбеди за нив. Тие никогаш не биле во состојбата на “Миле од Миравци“ или “Артем од Арачиново“, кои морале да вртат по роднини, пријатели, па дури и да објавуваат јавни апели на социјалните мрежи.

Проблемот е во системот илити триумвиратот, кој со децении не направил обид за зголемување на бенефициите, туку најверојатно на првиот прекор замолчувал и со срамежливо климање на главата продолжувал со имплементација на идеите на луѓе кои воопшто немаат претстава колку е витален овој сегмент за нормално функционирање на целиот здравствен систем.

Јас, како Дамир, како крводарител со свои 119 дарувања, ветувам дека ќе продолжам со дарување на крв без оглед на развојот на ситуацијата. Ќе продолжам, ама ништо чудно да го преполовам бројот на дарувања. Не знам, ќе размислам и ќе одлучам понатаму, ама мораме да разбереме дека доколку дојде до драстично намалување на резервите со крв:
– ќе има мала нелагодност во политичарите/носителите на функции и одлуки
– ќе има голем притисок во рамките на триумвиратот за да ги реализираат неопходните единици
– ќе има зголемен број на јавни повици за крв, како и зачестено ѕвонење на нашите телефони за да даруваме крв АМА
– ќе има зголемено измачување на невин народ кој ќе има потреба од нашата крв, со зголемена веројатност некој и да ја изгуби борбата за живот.
СИСТЕМОТ НЕ ЗАСЛУЖУВА ДА МУ ПОМАГАМЕ, ама во исто време НАРОДОТ НЕ СМЕЕ ДА ЈА ПЛАТИ ЦЕНАТА ЗА НАШИОТ РЕВОЛТ КОН НОСИТЕЛИТЕ НА ОДЛУКИТЕ КОИ СЕ НА СМЕТКА НА СТАТУСОТ НА КРВОДАРИТЕЛОТ.

Од надлежните институции и нивните партнери
Б А Р А М Е

 

Да се прекине со слаткоречивост и манипулации со цел да се омекне ставот на крводарителите.
Разберете дека ВИЕ ЗАВИСИТЕ ОД НАС, А НЕ ЗАВИСИМЕ НИЕ ОД ВАС!
Факт е дека животите на нашите и ваши блиски зависи од тоа колку сте успеале да изиритирате човек кој во претходните години имал Х дарувања, а сега поради вашите одлуки е решен да апстинира бидејќи чувствува дека никој не го уважува доброто кое го прави подарувајќи ја незаменливата течност која спасува животи.

Да не се почувствува како единствен посочен партнерот на ИТМ, сега ќе аргументирам дека и ИТМ не се до толку невини во целата приказна.

Информација за акција на една од ФБ страните на ЈЗУ ИТМ во 2020-та
Официјална страна во функција на ЈЗУ ИТМ

Како што можете да видите, и самиот ИТМ на моменти и на мала врата пропагирал со паролата “Дарувам крв без бенефиции“. Нека не ве залажуваат униформите и благите насмевки, и тие се една од шините врз кои се движи овој процес.

Системот мора да биде реформиран или барем да биде во целост спроведен!

По кој знае кој пат јавно прашувам ЗОШТО НЕ Е ВО ЦЕЛОСТ СПРОВЕДЕН ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СНАБДУВАЊЕ СО КРВ?
Дали сте свесни дека секој министер за здравство и директор на ЈЗУ ИТМ од 2007-ма па наваму е кривично одговорен поради неформирањето на Советот од член 39?

СТРУЧЕН СОВЕТ ЗА СНАБДУВАЊЕ СО КРВ

Со години ЈЗУ ИТМ се оправдува дека нема основ за соработка со здруженија на крводарители, а во самиот нивен закон е дефинирано ТЕЛО кое треба да ја дефинира работата на системот, тело во кое треба да има член од здружение на крводарители. Инаку СТРУЧНИОТ СОВЕТ требаше да биде формиран најдоцна 6 месеци од стапувањето во сила на законот, во најмала рака во 2008-ма.

Импровизација во 2020-та

Во отсаство на формиран СТРУЧЕН СОВЕТ можат во системот да роварат разни Ад-Хок комисии.

Да не должам со помалку важни факти и коментари, бидејќи и онака бев премногу екстензивен.

Како крводарители БАРАМЕ:
– да се прекине со слаткоречивоста и барањето на изговори за спроведување на активности кои не се во корист на крводарителите;
– да се усвои дополна на СТРАТЕГИЈАТА за 2023-та, и во неа да бидат вклучени и ПЗУ, како што беше тоа дел од СТРАТЕГИЈАТА за 2022-ра; и
– да се формира СТРУЧЕН СОВЕТ и во него да се назначи член на крводарителско здружение кој ќе ги артикулира и брани ставовите и интересите на крводарителите.

Претставници на институциите, нашата добра волја и нерви се одамна на самата граница.

Ова ви го пишувам искрено и со најдобри намери, иако реално не заслужувате на вас да се потроши ниту време ниту еден клик на тастатура!

Свесни сте дека младите и средовечните, меѓу кои дел се и крводарители, секојдневно ја напуштаат земјата. Тоа се должи на политиките кои ги водите, вие и вашите колеги од другите сектори. Не ја правете грешката да ги одвратите и тие крводарители кои сеуште не почнале да ги пакуваат куферите со билет во една насока.

Искрено се надевам дека наскоро ќе видам промена на курсот, односно дека “ветерот конечно ќе дувне во едрото на крводарителот“.

Еве, ќе бидам краток и јасен со прост предлог, а верувам дека на тој начин ќе ги убедите во вашите добри намери сите крводарители: Поднесете иницијатива за дополна на Законот за здравствено осигурување и внесете го истиот член кој беше во поранешниот член од Законот за здравствена заштита.
Да не го барате, еве го!

Членот кој ги дефинираше крводарителските бенефиции

Добро, еве, не мора буквално да биде ист.

Може, на пример, да се изостави дел од Став 1:“ …а истите привилегии да се добиваат за секое трето дарување на крвна плазма или крвни клетки.“ Не заради нешто друго, туку затоа што е застарена дефиниција и затоа што со таа формулација би се девалвирале дарувањата на ретките крводарители кои ги исполнуваат условите и 2-3-10 пати годишно даруваат плазма/тромбоцити во времетраење од 90 минути(цела процедура).

Што треба да направиме НИЕ, КРВОДАРИТЕЛИТЕ?

 

Како што претходно спомнав, јас како Дамир ќе продолжам со својата хумана мисија а во исто време Ве поканувам и Вас да го продолжите истото.

Зошто?

За да правиме притисок на чинителите во системот!

Како?

Со секое идење во служба и пред секое дарување да бараме објаснување ЗОШТО ДОЗВОЛУВААТ КРВОДАРИТЕЛСКИТЕ БЕНЕФИЦИИ ДА БИДАТ РЕДОВНО ИЗОСТАВУВАНИ/УКИНУВАНИ?

Со секое идење на акција истото прашање да му го поставите на докторот, а воедно да го прашате и волонтерот КАКО СЕ ЗАЛАГА НИВНАТА НЕВЛАДИНА ЗА ЗАШТИТА НА КРВОДАРИТЕЛСКИТЕ БЕНЕФИЦИИ?

Мораме да се бориме заедно, бидејќи само сплотени имаме шанса да го спречиме понатамошното деградирање на статусот на крводарителот.

Им се извинувам на крводарителите што мораа да читаат многу долг текст. Верувајте дека можев да напишам барем двојно поголем.

Воедно им се извинувам и на споменатите субјекти. Знам дека не е пријатно кога некој неочекувано ќе го покаже и лицето и опачината, односно ќе ја изанализира и презентира ситуацијата до детали кои е пожелно да бидат оставени длабоко во непознатото или заборавот. Особено на ден кога се симулира грижа и почитување на крводарителите.

Со надеж дека системот конечно ќе се вразуми и ќе почне навистина да се залага за најзаслужните граѓани од нашето општество,

 

Претседател на Здружение на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *