Короната, крводарителите, “системот“ и вакцинирањето на крводарителите

Денес нема да зборуваме за деградирањето на статусот на крводарителот, преку постепено укинување на крводарителските бенефиции, туку ќе го анализираме системот (ако воопшто постои) и неговиот однос кон крводарителите при процесот на имунизација.

Јавна тајна е дека социјалните мрежи беа и уште се полни со јавни повици за крв и плазма.

Тука ќе направиме еден мал осврт на процесот со кој се обезбедува плазма, плазмаферезата.

Плазмафереза

Плазмаферезата се врши со аферезно дарување на крвен продукт, во овој случај плазма со антитела, и се врши со помош на високо-софистициран клеточен сепаратор. Такви апарати, барем од поновите типови, имаме само 3 и сите се во дирекцијата на ЈЗУ ИТМ.
Наместо носителите на јавни функции превентивно да го имунизираа системот со набавка на уште 4 апарати, по еден за центрите на ЈЗУ ИТМ(Скопје, Битола, Тетово и Штип) тие го игнорираа нашиот јавен повик.
Што е пропуштено?
Пропуштена е можност (на дополнителни 4 апарати и дополнителни 3 градови) да се собира до двојно повеќе плазма и во интервал кој е речиси 3 пати пократок (паузата помеѓу две плазмаферези се движи помеѓу 2 и 3 недели, наместо 3 или 4 месеци дарување на крв од која се добива плазма). Во превод, најверојатно би се обезбедиле доволни количини на плазма за да секој нов регистриран случај добие превентивна доза со што би се преполовиле критичните случаи на пациенти со тешка клиничка слика на КОВИД-19, а со тоа и значително би се намалила и бројката на починати.

Но, оваа објава не е за обработка на оваа тема, туку да се појасни зошто системот се колеба (ако воопшто и мисли) да ги приоретизира крводарителите за имунизација.

Имунизацијата и дарувањето крв

Според “допрен глас“, актуелните препораки во врска со вакцинирањето и дарувањето на крв се движат вака:
– Ако вакцините се базираат на mRNA технологија (Pfizer/BioNTech, Moderna, CureVac):
Се одложува дарувањето за 48 часа по вакцинирањето поради можна појава на локални симптоми на местото на аплицирање на вакцината (болка, црвенило, чешање, оток).
Одложување на дарувањето за 7 дена од прекин на симптомите во случај на несакани ефекти од вакцината (замор, главоболка, болки во мускулите, треска, болки во зглобовите, треска, гадење, лимфаденопатија);
– Ако вакцините се базираат на технологија на аденовирусен вектор (AstraZeneca/ Oxford, Johnson и Johnson/Јansen, Sputnik V):
одложувањето на дарувањето е 4 недели по вакцинацијата; и
–Ако лицата не знаат со која вакцина биле вакцинирани :
дарувањето се одлага за 4 недели по вакцинацијата.

Го тргаме на страна фактот дека вакцините се малку на број, долго очекувани, на широко најавувани и никако да пристигнат во поголем квантитет.
Ако се приоретизираат крводарителите за имунизација, постојат две сценарија.
– да се имунизираат со mRNA технологија и да можат да даруваат крв после 2-7 дена од имунизацијата; и
– да се имунизираат со вакцини базирани на аденовирусен вектор и да можат да даруваат 4 недели после имунизацијата.
Вакцините со mRNA технологија беа малку, се најавувани во поголеми количини и можно е навистина да дојдат.
Овие вакцини се поприфатливи за администрирање на крводарителите од аспект на системот.
Вакцините базирани на аденовирусен вектор се во моментов подостапни, најавени се поголеми количини и најверојатно ќе бидат доминантни во процесот на имунизација. Ако не порано, најверојатно ќе доминираат порачки и достави на вакцини од соседна Србија.
Ваквите вакцини се помалку прифатливи од аспект на системот.
Зошто?

Ако се приоретизираат поголемиот дел од активните крводарители, и притоа се користат двете вакцини, процесот на имунизација ќе има значително влијание на самиот систем и состојбата со резервите на крв.

Како?

Ако крводарителите се имунизираат со вакцини базирани на аденовирусен вектор, одложувањето на следното дарување на крв би бил најмалку 7 недели.од денот на вакцинацијата.
Зошто баш 7 недели?
Затоа што доминантните вакцини со кои располагаме се од Астра-Зенека и Спутник-В, кои се администрираат во интервал од 3 недели, после кои следува пауза од 4 недели после администрирањето на ревакцината. Со оглед на фактот дека втората доза се прима пред навршување на пропишаните 4 недели, логично е дека со започнување на имунизацијата: крводарителот ќе биде одбиван за дарување крв во временски период од 7 недели.
Во ваква ситуација, кога народот во желба да се самозаштити се колеба да дарува крв, дополнителна пауза од 7 недели за активните дарители на крв значително би влијаела на обезбедувањето на стабилни резерви со крв и крвни продукти.

Има ли решение?

Се разбира дека има, ако некој е решен да го најде и спроведе!

  • Во системот на трансфузиологија, е-делфин, се проверува кој крводарител дарувал во последните месец дена/два месеца за дарителките на крв;
  • Се контактира крводарителот/ката и се прашува дали сака да се имунизира;
  • Се закажува термин;
  • Се имунизира крводарителот пред да му помине основната пауза помеѓу две дарувања, и истиот може да продолжи со спасување на животи, како на пример тие кои ја обезбедиле крвта за трансплантацијата на срцето.

Ако овие чекори се премногу сложени за имплементирање, еве упростена верзија:

  • Крводарителот дарува крв, при што покрај основниот прашалник (а веќе има дополнителен) одговара на уште 2-3 прашања, односно:
    – Дали сте прележале КОВИД-19?
    – Дали сте имунизирани?
    Ако претходните одговори се негативни:
    – Дали би сакале да се имунизирате приоритетно, како крводарител, човек кој спасил многу животи?
    Ако одговорот е потврден:
    – Оставете контакт на кој да Ве побараат за утврдување на термин за имунизација.

Просто е, нели?

Се надеваме дека ова ќе допре до тие кои вршат приоретизација на луѓето кои треба да се имунизираат.
Крводарителите се категорија на луѓе која заслужила да биде имунизирана бидејќи спасила многу животи и допрва треба да продолжи со својата хумана мисија.

1 thought on “Короната, крводарителите, “системот“ и вакцинирањето на крводарителите”

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *