Интервју за Скопско Ехо

1. Што беше главен мотив да се направи ваква група на Фејсбук:
Одговор:
Како крводарител, редовно добивав конфликтни и непотполни информации, јавните повици беа и сеуште се редовна појава а немаше лесен начин на едно место да се добијат сите појаснувања за кои речиси секој крводарител барал одговор. Тоа ме натера да ги пребарам сите популарни мрежи за да најдам некаде активна мрежа на крводарители, каде би можеле да ги решиме овие проблеми. Тогаш побарав членство до сите групи на крводарители, а во договор со тогашниот администратор на КЛУБОТ се договоривме да пробам да ја ревитализирам групата.
Тоа беше во февруари 2013 година. Од тогаш во групата ги внесов крводарителите со кои се знаев лично, зачестив со постирање на информации, одговори на прашања, заедно со сите членови се обидувавме да најдеме решение за сите наши проблеми/дилеми. Заедно растевме, ден по ден, информација по информација.
Пред околу 3 месеци направивме и ФБ страна, Твитер и Инстаграм профил на клубот, при што информациите и техничките податоци се преместени на нив, додека затворениот дел на клубот остана како јадро за договарање на дарители за помош на јавните повици.

2. Колку членови има сега групата и кои се профили се опфатени?
Одговор:
Во моментов страната има речиси 2300 луѓе следачи(следбеници), а клубот има над 2300 члена(воглавном крводарители) од кои над 900 имаат оставено податоци за контакт во случај да има потреба од нивната крвна група. Тие податоци се поделени во списоци според крвните групи, и групирани според региони, за да полесно се најдат дарители кои се најблиску до местото во кое е потребна крвта. Твитерот и Инстаграмот се посебни медиуми кои ги користиме за ширење на информациите, како и за добивање на информации во случај да има потреба на крв. Опфатени се сите профили, од 17 години па нагоре. Доволна е само желбата да им се помогне на тие кои во моментот имаат потреба од крв.

3.Во какви се акции досега сте биле вклучени?
Одговор:
Системот е воспоставен: Црвениот крст ги организира крводарителските акции а Институтот за трансфузиона медицина ги спроведува. Ние сме посебна организација.
Ние сме крводарители кои се организирале за да можат полесно и побрзо да пренесат важна информација, како и да се организираат за обезбедување на потребните крвни единици при јавни повици. Секој член функционира како поединец: дарува крв кога мисли дека треба (по изминување на задолжителната пауза помеѓу две дарувања), дарува во својата работна организација, на организирана крводарителска акција или доколку биде повикан од страна на ИТМ. Ние не организираме акции, туку се организираме како прва помош која е достапна на луѓето кои имаат потреба на крв за нив или нивен близок.

4. Наведете ми пример на конкретна акција во која благодарение на тоа што постои ваква група се најде крв, се спаси нечиј живот и слично?
Одговор:
Ова е незгодно прашање. Реално, не водиме евиденција.
Последниве 5 години е на сила правилото: ЈАВНИОТ ПОВИК СТОИ ВО ГРУПАТА 15 ДЕНА. АКО ИМА ПОТРЕБА ЌЕ ОСТАНЕ И ПОДОЛГО, ВО СПРОТИВНО ГО ОТСТРАНУВАМЕ.
Можам да кажам дека работиме на евидентирање на дарителите, за да имаме доволно пријавени дарители од сите крвни групи во сите региони, и го следиме (за жал) трендот, односно се обидуваме да ги информираме и анимираме крводарителите да се проверат и регистрираат за дарители на тромбоцити. Бидејќи подолго време ги следиме сите јавни повици, воочивме потреба од зголемување на бројот на активни дарители на тромбоцити, и со гордост можеме да кажеме дека на наша иницијатива има преку 40 нови дарители на тромбоцити во картотеката на ИТМ.
Исто така, пред нова година бевме активни и за регистрирање на крводарители во регистарот на дарители на Хематопоетски матични клетки. Би сакал да им се заблагодарам на вработените на ИТМ кои ни излегоа во пресрет за нашите членови кои сакаа да се регистрираат.

5. Што е тоа во што е ваков начин на организирање на крводарителите подобар од (до)сегашниот начин на организирање и алармирање за некој итен случај?
Одговор:
Како редовен крводарител кој често иде во ИТМ и мислам дека знам добар дел од вработените таму, имам(е) разменето контакти.
Нашата поставеност во(н) системот фактички ги покрива цивилните мрежи и медиуми, бидејќи таму ни е базата, таму ги споделуваме најновите флаери на Црвениот крст и ИТМ и преку нив добиваме информации дека има јавен повик. Со нашите контакти ја проверуваме состојбата, дали навистина има потреба, колку има потреба, дали се работи за единици полна крв или за тромбоцитна маса, и ако добиеме потврдна информација за повикот, таа информација ја споделуваме на страната, твитерот и во клубот. Во клубот се врши договарање на дарителите кој би можел и сакал да го обезбеди потребното за тој конкретен повик. На кратко, може да се каже дека ја имаме функцијата да пресретнеме јавен повик, да го провериме и да се организираме за да му помогнеме на лицето кое има потреба од наша асистенција.

6. Со кого соработувате, со Црвен крст и со други некои организации?
Одговор:
Во моментов сеуште функционираме како неутрален и независен клуб. Не можам да кажам здружение, бидејќи не сме регистрирани (сеуште) а би сакале да се регистрираме доколку не се преклопуваме со некое друго постоечко крводарителско здружение. Регистрирањето би ни помогнало да можеме, како претставници на крводарителите, да иницираме средби со официјални претставници на институциите и здруженијата, и да продискутираме за можностите за унапредување на статусот на крводарителите. Конкретен пример: дарувањето на тромбоцити, кое заменува од 8-26 обработени кеси полна крв, не е опфатено со законот и званично работодавачот може да не ги признае двата дена кои следуваат по закон. Постојат голем број на недоречености и пропусти во дефинирањето на правата и бенефициите на крводарителите, и ние мислиме дека е редно некој да се обиде и да ги корегира тие запирки кои дозволуваат да има различни толкувања на нешто што би требало да биде унифицирано.

7.Какви ви се планови за во иднината, во која насока ќе оди вашата активност?
Одговор:
Гледајќи го историјатот, одржување на групата како активна, воведување на списоци на дарители според крвни групи, дополнителна поделба по градови и региони, креирање на страната, твитерот и инстаграмот, следен логичен чекор би било или да се регистрираме или да се споиме со постоечко здружение на крводарители и да го задвижиме во насоката која ја имаме замислено.
Како здружение би ни се отвориле дополнителни можности, да соработуваме со слични организации за да размениме важни искуства. Најважната придобивка би била тоа што би можеле да побараме или да добиеме донација која би ни ја олеснила работата, па да обезбедиме барем 2-3 лаптопи, интернет за нив и службени телефони. Сега сме ограничени бидејќи се правиме со наши ресурси, технички, временски и парични. Главната координација во моментов ја правиме само за организирање на дарители на тромбоцити, како специфични барања, бидејќи повиците за обична крв се полесни за обезбедување. Би сакал да им изразам голема благодарност на членовите кои ми помагаат во модерирање на овој мини систем кој го имаме воспоставено.

8. Колку има крводарители во Скопје и во Македонија и како да се регрутираат нови?
Одговор:
За ова прашање не можам да дадам конкретен одговор, барем не во моментов. Би можел да се обидам да го обезбедам одговорот преку моите контакти во ИТМ, а за нашата мала компактна група податоците се следни:
– Преку 600 дарители(во списоците, со оставени контакти за повик) од сите крвни групи во Скопје
– Преку 600 дарители(во списоците, со оставени контакти за повик) од сите крвни групи вон Скопје
Ние редовно ги пуштаме дневните и неделните планови на крводарителски акции, ги споделуваме флаерите земени од ИТМ и ЦК, а се со цел да се анимираат што поголем број на нови крводарители. Преку клубот имаме информирано и анимирано преку 30 луѓе да го направат своето прво дарување на крв, преку 30 луѓе евидентирани за дарители на хематопоетски матични клетки и исто толку нови дарители на тромбоцити.
КРВОДАРИТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА е речиси во секое време достапен на фејсбук, твитер и инстаграм за да се обиде и да ги обезбеди сите информации за крводарителите, како и да одговори на нивните прашања. Ви благодариме за извоениот простор во Вашиот медиум.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *