Крводарувања во 2020-та

Видовме слика, површно ја прочитавме, малку ја проверивме и востановивме дека има потреба од детална анализа на пласираните податоци за прикажаните крводарувања.

Новогодишна честитка на ФБ страницата на ЈЗУ ИТМ

Што воочивме на прв и летимичен поглед?

Бидејќи ние не сме обични следачи на објавите, ние ги студираме и анализираме, па воочивме, односно се сетивме дека и директорот имаше изјава за ТВ СИТЕЛ во која кажа бројка на реализирани единици, притоа фалејќи се за постигнување на рекордна бројка на евидентирани крводарувања.
Изјава на директорот за ТВ СИТЕЛ 1
Ја најдовме изјавата и ги споредивме бројките: ИМА ОТСТАПУВАЊЕ ОД 34 ДАРУВАЊА.
Се прашавме дали модераторот на нивната ФБ страница ги ставил бројките од сеќавање или директорот поради трема изговорил слична но погрешна бројка за реализирани крводарувања, но во секој случај создаде мало чувство на нелагодност кај нас во однос на точноста на информациите кои се пласираат до нас и/или медиумите.
Изјава на директорот за ТВ СИТЕЛ 2

Што направивме?

Познавајќи го системот и Програмата за организирање и унапредување на крводарителството (за 2020-та), наш прв чекор беше да најдеме кредибилен извор на податоци кој би ја потврдил вистинската бројка на реализирани крводарувања.

Во пребарувачот искуцавме ИЗВЕШТАЈ ЗА РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ПРОГРАМА ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА КРВОДАРИТЕЛСТВО и ни го понуди следниот ЛИНК.

мз2020

ДЕЛУВА КАКО ВЕРОДОСТОЕН ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИИ!

Што најдовме таму?

Таму ги најдовме Извештаите за реализирање на ПРОГРАМАТА, од 2017-та до 2022-ра, бидејќи сеуште не е доставен и објавен извештајот за 2023-та.

Кога почнавме да ги листаме Извештаите, видовме дека има потреба да се објават и образложат сите поединечно.

ИЗВЕШТАЈ 2020-та

Оваа програма е двојно покуса од таа за 2019-та, односно има само 2 страници, но и неа ќе ја објавиме по обратен редослед.

2020-2

На втората страница овој пат гледаме сублимирана верзија на трите страници кои беа во претходниот извештај.

На неа се гледа дека за покривање на партиципацијата биле издвоени 32, додека невладината во црвено начелно треба да добие 8 милиони денари за нејзините активности поврзани со крводарување.

Исто така, може да се види какви пропагандни материјали користела и по кој износ ги наплатила од државниот буџет.

2020-1
Што открива првата страница од Извештајот?

На првата страница од Извештајот, односно ПРЕГЛЕД НА РЕАЛИЗИРАНИ КРВОДАРУВАЊА во 2020-та година е пријавена бројка од 46.746 крводарувања.

Да се потсетиме:
– на фејсбук објавата, новогодишната честитка, трансфузија објавила 44.352 крводарувања, додека
– невладината во црвено, во својот годишен извештај за реализација на Програмата за организирање и унапредување на крводарителството, пријавила 46.746 дарувања на крв, за кои според Програмата добила по 120 денари за секоја реализирана единица крв, или 46.746х120=5.609.520 денари.

Заклучок

Ние не брзаме со заклучоци. Никогаш, бидејќи секогаш сакаме да ги провериме сите факти пред да излеземе со конкретна информација во јавност.

Направивме напори да добиеме ориентирна бројка на крводарувања кои се направени во Градска општа болница „8-ми Септември“, која не е во рамките на ЈЗУ ИТМ и дојдовме до следната математика:
44.352(ИТМ)+1.252(ГОБ)=45.604 крводарувања во 2020-та година.

И оваа бројка отстапува од бројката пријавена во официјалниот извештај доставен до министерството за здравство, и тоа за цели 1.138 крводарувања.

Доколку е исплатена разликата, тоа би изнесувало 1.138х120=136.560 денари.

Со оглед на фактот дека од 2020-та трансфузија го користи системот е-делфин, во кој се евидентира секое дарување направено во нивните служби и на акциите кои ги спроведува во соработка со невладината во црвено, се наметнува прашањето: ДАЛИ НЕКОЈ ГИ ПРОВЕРУВА БРОЈКИТЕ КОИ СЕ ВМЕТНУВААТ ВО ОФИЦИЈАЛНИ ИЗВЕШТАИ?

Би можеле да се постават и многу други прашања, како на пример:
– кој ги пријавува дарувањата до изработувачот на извештајот?
– кој го сумира и изработува финалниот извештај?
– дали се исплаќаат во целост сите ДЕКЛАРИРАНИ (реализирани) крводарувања?
-кој и каков интерес би имал, дали да покаже ефикасност/способност или можеби некаква друга, со пласирање на дискутабилни податоци?

Ова се прашања на кои ќе инсистираме да добиеме одговор во блиска иднина.

Претседател на З.К.П.К. КРВОДАРИТЕЛ
Дамир Смајловиќ.

 

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *