Борци на светлината…

Денес бев замолен од еден родител да дарувам тромбоцити за неговото дете. Без многу размислување му кажав: САМО ДАЈ МИ КОНКРЕТЕН ТЕРМИН. Првично ми закажаа за утре во 10:30, ама после презакажаа за дента во 14:30.

Родителот ми е брат по крв од две причини:
– Иста крвна група сме; и
– Двајцата сме дарители на тромбоцити.

Оригиналниот пост е од 17.08.2018-та.

Уште на првото дарување му кажав дека сум тука за него и неговото синче во секое време, како да се работи за мое.
И еве, за жал, Ние двајца и после 20 месеци се уште се бориме. Во изминативе 19 месеци нанижав 11 дарувања на тромбоцити, од кои 10 за него.

Рака на срце, ќе имав многу повеќе дарувања ако не беа некои рестриктивни политики на ИТМ, но тоа е сосема друга тема.

Како што ни стана навика, после дарувањето на тромбоцити седнавме во паркчето пред детска клиника на едно кафе и мал муабет. Тој ме информира за состојбата на децата а јас за потрагата за нови дарители.

Денес ми посочи кон еден човек и ми рече: ОНА Е ТАТКОТО НА ДЕВОЈЧЕТО! 

Се запознавме и седнавме заедно на иста клупа. Му објаснив за нашата иницијатива и за потрагата на дарители на тромбоцити, кои би ја одржале во живот додека не се соберат парите за операција и додека не се најде компатибилен донор  за трансплантација. Ми се пожали за сите проблеми на кои наишле, во борба за одржување на ќеркичката во живот.

Останав без зборови.

Тој беше преморен, прегазен, очаен во потрагата на начин да го спаси животот на своето чедо.
Продискутиравме повеќе фактори кои влијаат на моменталните институционални состојби, како и за начинот, волјата и желбата истите да се сменат и подобрат.

На крај си размениме броеви и да си посакаме да никогаш не дојде потреба да се бараме за обезбедување на крв или тромбоцити.

Кога заминав ми текна дека во моментот кога се појави повикот за ќеркичката на човекот, Ние упативме 3 нови дарители. Едниот даруваше во петокот, другиот во понеделникот а третиот во средата. Сите тројца го имаа своето прво дарување на тромбоцити, сите тројца беа презадоволни што целиот процес поминал без проблеми и сите тројца со нетрпение чекаат да бидат повторно повикани. Ми текна на нив, бидејќи едниот од нив побара да му го обезбедиме бројот за донирање за девојчето.
После неколку дена, успеавме да ја обезбедиме и таа информација.

Целиов ден ми помина како во магла. 

Не знам дали да се радувам што некому сум обезбедил 22 единици тромбоцити, доволно за речиси цела недела, дали да тагувам што повеќе од 20 месеци трае неговата борба со болеста, или да бидам очаен што се почесто се неопходни тромбоцити за се помали деца.

Сето тоа споделено бреме и мојата емпатијата се уште влијаат на мене. Сочувствувам со секој повик за крв, како да се работи за мој близок.

Тоа е причината заради која ова здружение на крводарители ефикасно се справува со повиците за крв. Без милост, остануваме активни до ниедно време, ги уверуваме блиските дека СЕ ЌЕ БИДЕ ВО РЕД, И ДА НЕ МУ ЈА МИСЛАТ, БАРЕМ НЕ ЗА КРВТА.

Тоа е тоа што во Нас, како екипа, буди сила и волја да истраеме во обидите да им излеземе во пресрет на блиските, за да ги смириме и да им го вратиме сјајот во очите. Оној сјај кој почнал да бледнее во институционалните лавиринти и тунели, во кои животот на нивното најмило зависи од пресметка и ребаланс на буџет. 

Ние, крводарителите, нашиот дел го правиме и ќе го направиме. Ние ja поплочуваме арената во која медицината и болеста си ги одмеруваат силите. Ние се бориме и ќе се бориме за секој живот до последна капка крв, бидејќи секој заслужува втора шанса. Секој живот е важен.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *