Правила се правила, и важат за сите!
А можеби и не.
Ќе видиме во објавата за правила и рекордери.
Основи на дарувањето крв.
Како основи начела за да може да се дарува крв се:
- Крводарител може да биде секоја здрава особа, постара од 18 а помлада од 65 години. Се разбира, исклучок постои а тоа е кога помладо лице дарува крв со дозвола од родител.
- Крв може да се даде 3(за жени) – 4(за мажи) пати годишно. Ова се однесува на дарувањето на “Полна крв“, односно не се опфатени аферезните дарувања на плазма, тромбоцити или еритроцитен концентрат.
Има уште едно непишано правило/препорака: со текот на годините, како се наближува „крајот“ на крводарителската кариера, се препорачува зголемувањето на паузите со цел да се забави/стабилизира регенерацијата на крвта.
Зошто го појаснуваме ова?
Постојат голем број на крводарители кои навремено биле приморани да ја завршат својата крводарителска кариера со навршување на 65 години, иако тоа според нас е потполно непотребно.
Зошто?
Да се потсетиме на нашиот допис од 2020-та.
Како што гледате, постојат земји во кои горната граница е повисока или постои “како препорака“ но крводарителот може да дарува се додека е здрав.
Интересниот случај на крводарителот „Х“
Пред извесно време на социјалните мрежи забележавме една убава и интересна објава: „Крводарителот Х го направил своето 140-то дарување на крв.“
Како Здружение ги сакаме таквите објави, ги почитуваме крводарителите и сакаме да изнајдеме начин да ги придобиеме за членови на Здружението, како промотери, репрезенти и идни Координатори, но во овој случај воочивме некои интересни моменти.
Ќе започнеме хронолошки, согласно објавите на крводарителот на неговиот профил на социјалните мрежи:
- 07,06,2019-та, објава по повод неговото 124-то дарување на крв. Оваа објава ќе ја земеме како појдовна точка бидејќи согласно годините кои ги има крводарителот е реална;
- 24.09.2019-та, објава по повод 125-то дарување на крв. Нема ништо спорно ни со оваа објава, бидејќи паузата ја надминува основната мандаторна пауза од 3 месеци за Крводарител;
- 23.12.2019-та, објава по повод 126-то дарување на крв. Да, паузата е еден ден пократка, ама тоа се некои минимални исклучоци со кои сме согласни бидејќи постојат земји во кои дарувањето е со 54/55 дена помеѓу 2 дарувања на крв;
- 03.05.2020-та, објава по повод 128-мо дарување на крв. Тука веќе паузата во која се извршени 2 последователни дарувања е 5 месеци и 10 дена, што во основа значи дека двете дарувања биле со намалена пауза од цели 10 дена;
- 26.05.2021-ва, објава по повод 133-то дарување. Доколку земеме во предвид дека од последната објава до оваа поминале 1 година и 23 дена, тоа значи дека крводарителот има направено 5 дарувања во временскиот интервал за кој другите крводарители прават 4;
- 07.09.2021-ва, објава по повод 136-то дарување. За 3.5 месеци крводарителот “Х“, согласно неговите објави, успеал да направи 3 дарувања на крв, што е малку симптоматично бидејќи во сите објави се спомнува САМО дарување на крв; и
- 17.06.2022-ра, објава по повод 140-то дарување на крв. Ако се следи низот на објавите, и истиот е веродостоен, крводарителот “Х“ успеал да дарува крв 4 пати за нешто повеќе од 9 месеци.
„Каде спие зајакот“?
Крводарител е човек кој ја заслужува сета можна почит и сите достапни бенефиции.
Тоа е мојот став, кој се обидувам да го наметнам како темел на сите наши активности.
Да се вратиме на “крводарителот Х“.
Крводарителот “Х“ живее вон Скопје, што во основа ја намалува веројатноста да е активен дарител на плазма/тромбоцити преку аферезни дарувања. За жал, бидејќи низ годините често сум сугерирал да се обебедат апарати и за центрите во Тетово, Штип и Битола. Последен пат јавно се обративме на таа тема, а директно ги тагнавме ИТМ и МЗ, во блогот „Полевање на камена плажа“, од пред година и половина.
Втора интересна работа која ја воочив беше фактот дека “Крводарителот Х“ формално-правно ја завршил својата хумана мисија, согласно актуелните прописи, недела дена пред да го направи своето 140-то дарување на крв.
Откако го воочив овој начин на „билдање на CV“ во глава ми се врти прашањето дали и добитникот на награда за крводарител на годината од страна на ЕЛС град Скопје, пред 3 години, на сличен начин стигнал до фантастичната бројка од 218 дарувања на крв.
За „крводарителот Х“ имаме обезбедено слики од неговите објави, но задобитникот на наградата не добивме ништо ИАКО се обративме до ЕЛС град Скопје за увид во документацијата согласно која е номиниран и одбран добитникот.
Заклучок…
Со години сугерирам, како обичен крводарител а сега и како координатор на активностите на З.К.П.К. КРВОДАРИТЕЛ, некој ќе каже Претседател но јас сметам дека сум во тоа својство само кога потпишуваме соработки со поволности за крводарителите кои се членови на КРВОДАРИТЕЛ, сум се залагал, се залагам и ќе се залагам за сите крводарители, без оглед на бројот на дарувања, местото на живеење и тоа дали се дел од нашето здружение или не.
Неопходно е системот да се редизајнира и во него како носител на активности да се внесе субјект формиран и составен само од крводарители, преку кој би се артикулирале ставовите/идеите/предлозите/барањата/потребите на крводарителите.
Сметам дека со постоење на таков ентитет ќе се зголеми ефикасноста и би се намалиле пропустите во целиот систем. како „крводарителот Х“, кој од 23.12.2019-та година до 17.06.2022-ра успеал да дарува 14 пати а согласно пропишаните правила не би можел да направи повеќе од 10. Се разбира, оставаме мала веројатност дека можеби има направено 4 аферезни дарувања.
Ги повикувам ЈЗУ ИТМ да го испитаат случајот, а ние наскоро ќе им доставиме и официјален допис со прилоени слики и аргументации и ќе очекуваме нивен официјален одговор за случајот „крводарител Х“.
Воедно ги прашувам, во име на сите крводарители кои поради годините ја завршиле својата хумана мисија, дали има измени во правилата/препораките бидејќи овој случај (доколку објавите се точни, а на дел од сликите има и лица кои се вработени во ИТМ, што значи дека на некој начин се сложуваат/го потврдуваат напишаното) покажува можност горната граница за дарување на крв да биде поместена поради праксите кои ги имаме наведено во погоре објавениот допис.
Во име на сите крводарители кои заслужуваат подеднаков третман и треба да ги знаат актуелните прописи и пракси,
Претседател на Здружение на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ, со седиште во Скопје
Дамир Смајловиќ.