Дали сите дарувања вредат исто?

Се сеќавам на своето прво дарување на крв како да беше пред 23 дена, а не околу 23 години.

Млад и наивен, средношколец кому му врие крвта и е подготвен да се проба на сите полиња, па дури и во најхуманиот повик – крводарителството.

Од тогаш ‘удрив уште 112 пишанки’ и сум во исчекување на 29-иот повик за аферезно дарување на тромбоцити, бидејќи за дарување на полна крв треба да чекам уште месец дена.

Сите крводарители исти!

Според мене, и според кредото кое го наметнувам во ‘КРВОДАРИТЕЛ’: Со 101 и со 1 дарување на крв, активен или неактивен – ТИ СИ КРВОДАРИТЕЛ!

Секој кој спасил барем еден живот со својата крв може и треба да биде дел од нашиот колектив.

Сите сме заслужни!

Секој од нас заслужува да му биде укажана секоја чест која е пропишана и уредена.

На нашите профили редовно ни се обраќаат крводарители за да прашаат зошто никој не им дал никаква значка/благодарница/плакета, и на сите им објаснуваме дека е потребно своите дарувања да ги евидентираат во Општинската Организација на црвен крст која е надлежна за нивното место на живеење.

ООцк, согласно нивната евиденција,
ќе подготват прикладен подарок кој е обезбеден/платен од државата а цк ги дели на денот на нивното основање.
Да повториме уште еднаш: НА ДЕНОТ НА НИВНОТО ОСНОВАЊЕ, а не на ткн “Ден на крводарителството/крводарителите“ бидејќи законски не е уреден ден на крводарителите, и ако не е регулиран, најсоодветно е истиот да биде на 01.07, на денот кога во 1946-та е воспоставена првата ‘трансфузиолошка станица’ во рамките на “Земската болница“, сега позната како “ К.Ц. ‘Мајка Тереза’.

Какви симболични подароци се планирани за крводарителите?

За крводарителите се планирани и финансирани од страна на ИТМ, согласно ‘Програма за организирање и унапредување на крводарителството’ за одредената година:
– значки за 5/10/25 дарувања
– Плакети за 50/75/100 и повеќе дарувања
– Благодарници за погоре споменатите.

Истите се добиваат со евиденција/препис на печатите од легитимациите на крводарителот во ООцк, по што ООцк ги изготвува истите и го повикува крводарителот на денот на црвениот крст, 17 Март.

Исто така, во поедини општини се одбира крводарител кој се истакнува во крводарителството и на истиот му се врачува соодветна благодарница заедно со планираните симболични подароци.

Тука има и една пракса која би требало наскоро да ја ставиме во пракса, односно, побаравме од страна на Претседателот на државата, на годишно ниво, да се одликуваат по неколку крводарители кои имаат соодветен број на дарувања и кои се или при крај или веќе се во ткн ‘крводарителска пензија’ поради навршување на 65 години или поради одредена болест која ги ограничува во искажување на нивната хуманост.

Кои се добитниците на наградата ‘Најдобар крводарител’ од страна на град Скопје?

Како прво, самиот наслов е премногу општ и со преголем суперлатив!

Најдобар? На кој начин?
– најмногу дарувања во календарската година?
– најмногу дарувања до тој ден?
– најмногу дарувања од активните дарители – на денот кога завршила неговата хумана мисија поради непотребно рестриктивни законски одредби?
или едноставно
– најдобар во нечии очи и од нечии интереси?

Да ги погледнеме добитниците за кои успеавме да најдеме запис:
Во 2009-та добитник е Драги Котевски, со 105 дарувања на крв. Респектабилна бројка.
Во 2010-та е избран Ацо Саздовски-Жабарот, кој самиот не бил крводарител но организирал и поддржувал крводарителни акции. Дискутабилен избор, ама оправдан бидејќи акциите кои ги организирал Жабарот биле добро организирани и масовно посетени од страна на крводарителите.
Во 2011-та е избрана Анка Пендовска која, според информацијата до која дојдовме, имала 140 дарувања. Бројка за почит.
Во 2012-та е избран Ивица Цветановски, кој во изминатите 27 години имал 101 дарување на крв. Просек за почит.
Во 2013-та е избран Џеладин М. Јадигар, кој за 43 години дарувал 181 пат. Малку дискутабилна бројка од законска гледна точка, но можна и за секоја почит.
Во 2014-та е избран Мирко Инчевски, кој имал 112 дарувања.
Во 2015-та за истакнат крводарител е избран Томче Симјановски, со неговите 101 дарување.
Во 2016-та е избран Љупчо Велковски. Љупчо имал 120 дарувања во тој момент.
Во 2017-та добитник е Зоран Стојменовски. Зоран до својата 52-ра година има дарувано 104 пати.
ВО 2018-та Најдобар крводарител е Тони Ставревски. Тони до својата 50-та година има дарувано крв 102 пати.
Во 2019-та добитник е Ајриз Хасани. Анализа за пријавената бројка, спектакуларните 218 дарувања на полна крв, можете да прочитате на овој линк.
Во 2020-та добитник е Звонко Васев. Звонко е првиот, освен Жабарот, кој нема троцифрен учинок ама очигледно има некој фактор кој допринел неговите 89 дарувања да бидат поважни од дарувањата на крводарителите кои таа година добиле плакети за 100 и повеќе дарувања на крв.
Во 2021-ва добитник е Илија Трајковски. Илија има 113 дарувања до неговата 62-ра година. Можеби не е бројката голема како таа на Ајриз, но е поголема од таа на претходниот добитник Звонко И наградата е одлично темпирана пред Илија официјално да ја заврши својата крводарителска кариера со навршување на 65 години.
– Во 2022-ра… Ќе го цитираме пасусот објавен на официјалната страница на град Скопје: “Ардит Ќаили е најдобар крводарител на подрачјето на Град Скопје за 2022 година, кој е предложен од Црвениот крст на Град Скопје, како докажан млад волонтер од организацијата во Чаир. Со своите 23 години, како волонтер е истакнат како позитивен пример, за поттик на младите да станат крводарители и волонтери во хуманитарни акции.
После читање на официјалната објава морав да проверам дали е само волонтер или има барем 3 дарувања на крв…
Ќе бидам искрен, ми олесна кога прочитав дека има цели 15 дарувања на крв но сеуште не можам да најдам логично оправдување ЗОШТО НЕГОВИТЕ 15 ДАРУВАЊА ИМААТ ПОГОЛЕМА ВРЕДНОСТ ОД, на пример, 75-ТЕ НА ТОНИ ТРАЈКОВСКИ/115-ТЕ НА ЉУБИША ТРАЈКОВСКИ/120-ТЕ НА КИРЕ СИМОНОВСКИ И РЕД ДРУГИ?

Протоколот за номинирање на Добитник треба да иде:
– од ИТМ, односно од нивната база и по нивна сугестија
– преку ООцк
– до град Скопје, за доделување на признанието.

Како знаеме?

Одговорот кој го добивме кога ја побаравме на увид документацијата со која е номиниран Ајриз хасани, со неговите спектакуларни 217 дарувања на крв.

Според наши информации дури ни одделението за трансфузиона медицина при Градска Општа Болница ‘8-ми Септември'(стара Воена) нема пристап до Е-Делфин, па затоа сме сомничави за евентуалната поврзаност на црвен крст со базата на ЈЗУ ИТМ.

Да резимираме.

Секоја чест на сите добитници на наградата ‘Најдобар крводарител’, и нека им е НА ЧЕСТ на тие кои во даден момент и на одреден начин влијаеле за прогледување низ прсти за критериумите(ако воопшто постојат пропишани критериуми и протокол за номинација) согласно кои се бираат добитниците.

Јас, Дамир Смајловиќ, како крводарител со 113 дарувања на неполни 40 години и актуелен Претседател на З.К.П.К. крводарител ЈАВНО СЕ ОТКАЖУВАМ ОД номинација за НАГРАДАТА само за да може уште некое надежно волонтерче да се промовира и да ја рекламира организацијата која ги проверува/одбира/номинира добитниците.

Ако некогаш бидам номиниран, односно бидам добитник, истата ќе биде подигната од страна на секретарот на здружението, уплатена на сметка на здружението, а благодарницата ќе биде урамена и изложена во просториите на здружението.
Наградата ја изгуби својата релевантност поради некои од добитниците, барем во моите очи.

Дамир.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *