Како се станува крводарител?

За да станете крводарител, потребна е желба и мал дел од Вашето време. Да се спаси нечиј живот е многу хуман гест. Имајте на ум дека со само една дарувана кеса крв можете да спасите и до 3 или 4 животи. Тоа е затоа што од една единица полна крв се прават повеќе производи.

Информирајте се од нашата веб страна, но и од средствата за јавно информирање, каде тој ден ќе работат нашите мобилни екипи и дарувајте крв.
Може да дарувате крв најблизу до Вашето место на живеење. Вработените крв може да даруваат и во деновите кога нашата мобилна екипа доаѓа во нивната работна организација.
Доколку Ви одговара, може и да поминете и до трансфузиолошката служба во Вашиот град каде ќе бидете со задоволство пречекани и услужени.
Исто така, крв може да се дарува и во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје (ИТМ-Скопје) секој работен ден од 7:30 до 19:00 часот, а сабота од 9:00 до 14:00 часот.

За да станете крводарител треба да ги исполните следните задолжителни услови:

    • Да бидете здрав и да сте на возраст од 18 до 65 години.
    • Пред дарувањето потребно е да пополните прашалник за дарител на крв во кој прашањата се однесуваат на Вашето здравје, прележани болести и животни навики. Неопходно е искрено да одговорите на поставените прашања, бидејќи на тој начин го штитите сопственото здравје, но и здравјето на тој што ја прима Вашата крв.
    • По пополнувањето на прашалникот се пристапува кон боцкање на прст за да се земе крв и да се исконтролира нивото на хемоглобин во крвта.
    • После следи разговор со лекарот, кој го разгледува прашалникот што сте го пополниле, Ви мери крвен притисок и ја слуша работата на Вашето срце. Со сето ова се проверува Вашето здравје, бидејќи крв може да даде само здрав човек. По извршениот преглед лекарот треба да даде согласност за да дарувате крв.
    • Доколку е се во ред, се пристапува кон актот на дарување крв што се изведува во лежечка положба. За дарување се користат тројни или четворни кеси, а се дарува само во едната кеса, додека во останатите две односно три се приготвуваат крвни компоненти. Сетот за дарување е стерилен и за една употреба, што значи дека не постои начин да се заразите. Нашиот персонал е добро обучен така што убодот од иглата нема да Ве боли ништо повеќе од убодот при земање на крв за било која анализа на крв. При дарувањето нема да ја чувствувате иглата додека Ви е во вена. Најдобро би било додека трае дарувањето да разговарате со нашиот персонал или да размислувате за нешто за Вас пријатно, а ние ќе се потрудиме да Ви биде што поудобно. По дарувањето полежете 5-10 минути.
    • Потоа следи освежување со кафе, сок и лесен оброк.
    • После дарувањето на крв можете да се вратите на вашите секојдневни обврски и работи.
      Но сепак запаметете неколку совети:
  •  Не треба да пушите цигара 30 минути до 2 часа после дарувањето на крв, не треба да конзумирате алкохол најмалку 8 до 12 часа, особено не ако сте гладни.
  • Завојот на местото на убодот не го вадете 2 часа.
  • Во наредните 8 часа да не се излагате на тежок физички напор, а некои опасни или специфични професии (рудари, градежни работници, пилоти, лица кои ракуваат со огнено оружје и слично, бараат да се воздржите од истие во текот на 48 часа. Истото се однесува и на екстремните спортови или боречки вештини.
  • Доколку почувствувате мачнина, седнете или легнете, тоа е минливо и нема да имате последици. – Пијте повеќе течности во првите 4 часа, или до крајот на денот.
  • Ако во тек на наредните 3 дена се разболете, јавете се во нашата служба. Тоа сигурно не ви е последица од дарувањето но може нам да ни користи во проценката на безбедноста на продуктите кои сме ги изработиле од Вашта крв односно може да се укаже дека истата не е погодна за трансфузија .

За секоја забелешка, позитивна или негативна, Ве молиме да нè известите, или преку линкот за контакт на нашата веб страна, или на начин кој Вам Ви е најпогоден.

Извор: http://itm.org.mk/како-се-станува-крводарител/

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *