Никаде без Стратегија

Да, тоа е вистина: „Без стратегија ништо не се постигнува!“

Денешната тема е „Стратегија за крводарителството“, односно нешто што ЦКРСМ требаше да го изработи лани за престојните 5 години.

НО, во „Законот за безбедност во снабдувањето со крв“ не беше спомната изработка на „Стратегија за крводарителство“, а уште помалку е дефинирано дека токму од страна на ЦКРСМ.

Од каде се појави Стратегијата како документ?

ПРОГРАМА за 2016-та година, страница 2

Во „Програма за организирање и унапредување на крводарителството во Република Македонија“ за 2016-та година е воведена ставка(види слика десно) во табелата 1.1.2 „Изготвување на здравствено-воспитни, пропагандни материјали“, како осма ставка:
– Активности за Стратегија на крводарителството 2016-2020-та, печатење.

Претходната Стратегија беше изработена во 2016-та година и се однесуваше на периодот од 2016-та до 2020-та година, а лани требапе да биде изработена и усвоена стратегијата 2021-ва до 2026-та, што е голем визионерски напредок од аспект дека првата стратегија беше за временски период од 5 години а втората треба да опфати период од 6 години.

Со нетрпение ја очекува(в)ме новата Стратегија

ПРОГРАМА за 2021-ва, страница 3

Зошто?
Знаевме дека порано имаше Стратегија, а минатата година ЦКРСМ доби финансии за изработка, издавање и промоција на содржината на истата.

Дали некој од Вас чул нешто за оваа стратегија минатата година? Дали ја видел?
Да, и ние немаме никаква информација за стратегијата за која се издвоени и наменети буџетски средства.

Згора на тоа, на сајтот на изработувачот на Стратегијата најдовме ЛИНК но не ја најдовме претходната стратегија.

Зошто е важна оваа стратегија?

Состанок во ЦКРСМ 18.01.2021-ва

Ако ги следите активностите на З.К.П.К. КРВОДАРИТЕЛ од самиот почеток, тогаш знаете дека бевме немилосрдни кон субјектите во системот за обезбедување на крв, односно и кон ЦКРСМ и кон ЈЗУ ИТМ.

На состанокот кој пред речиси 14 месеци го имавме со лица од ЦК, во седиштето на ЦК, беше кажано дека е во тек изработка на нова Стратегија во која ќе се вградат/овозможат соработки со други здруженија, меѓу кои и нашето.

Во знак на добра волја одлучивме да ја спуштиме топката, односно да му дадеме шанса на дијалогот и на соработката иако овие детали планиравме да почнеме да ги објавуваме минатата година.

Во овој момент јавно им се залагодарувам на ЦКРСМ за укажаната чест да:
– ни ги праќаат по мејл акциите кои се закажани за следната работна недела; и
– за учеството во 2(од планираните и договорени 4) работилници на тема крводарителство.

Како ЗКПК мислиме дека 14 месеци беа и повеќе од доволни за покажување на добра волја, со надеж дека работите конечно ќе се задвижат во вистинска насока.

Мислиме дека и Вие би се сложиле со тоа.

Се ресетираме на „фабрички подесувања“ и продолжуваме со темите, односно прашањата, за кои крводарителите заслужуваат одговор.

„Ubi est Strategy?“ или по нашки „Каде е стратегијата“

Како што покажавме, со линк, минатата Стратегија за крводарителство не е достапна на сајтот на изработувачот.
Од кои причини, не знаеме ама се надеваме дека ќе дознаеме и ќе ја обезбедиме на увид до крводарителите.

Исто така, на почетокот покажавме(а и во објавата на Програмата за 2021-ва година), ЦКРСМ добиле финансии за изработка на „Стратегија за доброволно(НОВ ЗБОР!) Крводарителство за период од 2021-2026-та година“, односно:
– подготовка и печатење (500 примерока по 140 денари, или 70.000 денари);
– Изработки на информативни табли за бенефиции на крводарители (1.500 примерока по 80 денари, или 120.000 денари);
– Флаер за бенефиции на крводарители (20.000 примерока по 3.5 денари, или 70.000 денари); и
– Кампања/организирање на трибини за промоција на бенефиции на крводарителите (8 по 8.000 денари, или 64.000 денари).

Јавно прашуваме дали е реализирано некоја од овие ставки, за кои беа одобрени и префрлени(претпоставуваме, а ако не се, нека се објави тоа како информација) буџетски средства?

Дали некој крводарител добил нешто од овие работи, или дали воопшто слушнал дека државата го задолжила ЦКРСМ да го спроведе/обезбеди како активност?

Дојде време крводарителите да ги дознаат деталите кои со години се провлекуваат во најхуманиот човечки сегмент на медицината, крводарителството.

Јас, Дамир Смајловиќ, крводарител подолго од 20 години и со повеќе од 100 дарувања, а во својство на Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ, со седиште во Скопје, упатувам јавен повик до ЦКРСМ и ЈЗУ ИТМ да се одважат и да ни одговорат на овие прашања, бидејќи ова се прашања/теми кои ги засегаат крводарителите.

Додека го чекаме одговорот, а се надеваме дека ќе го добиеме, доаѓа тешкиот дел во одбирање и подготвување на аргументи за темата за следната недела, во која ќе го насочиме „рефлекторот“ на ЗКПК, ќе ги воочиме и посочиме темите/точките за кои ќе поставиме нови прашања.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *