Дали се деновите навистина слободни?

Како се уредени слободните денови?

 

Сите знаеме дека со секое дарување на крв следуваат 2 слободни работни дена.

Еден информативен флаер кој го земавме од ИТМ

Како се законски уредени двата слободни дена?

 

Согласно законот за работни односи, проверено од страната на МТСП, во член 150 е уредено дека работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на 2 последователни работни дена за секое дарување на крв.

Член 150 од Законот за работни односи

Тука мора да напоменеме дека постојат различни пракси и уредености.

На пример двата законски регулирани дена може да се добијат:

  • било кои 2 последователни(читај неделливи) работни дена, во рамките на наредните 3/6 месеци од денот на дарување;
  • следните 2 дена по денот на дарување;
  • денот на дарување и наредниот ден;
  • согласно колективниот закон на УПОЗ: денот на дарување и 2 слободни дена(за кои постои пракса да бидат наредните, но не е регулирано);
  • денот на дарување и 2 последователни работни дена во наредните 30 дена, согласно колективниот договор на МВР; и, за жал,
  • работодавачи, воглавном во приватниот сектор, кои не одобруваат користење на слободни денови за дарување на крв.

Уште еден помалку познат, интересен факт е дека деновите од крв МОЖЕ да се водат како боледување.

Да, убаво прочитавте: БОЛЕДУВАЊЕ!

Пратенички состав, тој со мандат од 2011-та до 2014-та, во 2012-та година им нанесе голема штета на крводарителите!

 

Посочениот состав изгласа нов Закон за здравствено осигурување, при што во целост беше изоставен членот 76, од претходниот Закон за здравствена заштита, во кој беа законски уредени бенефициите на крводарителите.

Да се потсетиме на претходниот информативен леток кој се делеше во трансфузиолошките служби.

Бенефиции кои беа дефинирани по осамостојувањето

Ако во ЗЗЗ од 1993-та имаше цел член 76 (видете ја првата слика), во верзијата која ја изгласа собранието КРВОДАРИТЕЛ како поим не постои!
Да, од права загарантирани со закон, спаднавме на ова:

КРВОДАРИТЕЛИТЕ во новиот ЗЗО

Во целиот закон на 2 места може да се најдат зборови кои почнуваат со КРВО. Член 16 е едниот, а вториот е неважен, бидејќи се осврнува на формирање на службата за трансфузиологија.

Во овој момент јавно им се заблагодаруваме на пратеничкиот состав за душманскиот однос кон најхуманите луѓе.

Но, тоа не беше единствената лоша измена, барем на сметка на крводарителите.

Член 18 од Законот за здравствено осигурување

Значи, моменталниот наплив на незадоволни крводарители се последица на работодавачи кои решиле да престанат со плаќање на дневници за време на користење на слободните денови, туку решиле истото да се покрива согласно Член 18, односно правото да се оствари на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување.

Што може да се направи, односно што ќе превеме З.К.П.К. КРВОДАРИТЕЛ во врска со оваа појава?

 

КРВОДАРИТЕЛ работи на допис кој ќе се упати до Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство, Директорите на Институтот за трансфузиона медицина, Кабинетот на Претседателот, Кабинетот на Премиерот, Кабинетот на Претседателот на Собранието, Министерството за труд и социјална политика, како и до координаторите на сите пратенички групи, во кое ќе ја образложиме темата и ќе бараме превземање на активности/поддршка за надополна на поедини членови во закони и правилници, со цел да не бидат оштетени луѓето од чија хуманост зависи функционирањето на поголемиот дел од нашиот здравствен систем.

Следната среда ќе ги објавиме дописите кои се доставени до посочените институции, во кои ќе бидат наведени и нашите предлози за решавање на овој проблем.

Со почит,

Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ, со седиште во Скопје

Дамир Смајловиќ.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *